Skip to content
Со претставата „Бог на масакарот“ во изведба на НУ „Турски театар“ од Скопје се спушта завесата на годинешното јубилејно 60-то по ред издание на Фестивалот „Охридско лето“. Улогите ги толкуваат Сузан Акбелге, Џенап Самет, Филиз Ахмет и Селпин Керим. Сценографија е на Татјана Блажевска – Христовска, костимограф Марија Пупучевска а асистент на режисерот Џенап Самет. Претставата ќе се игра на сцената Долни Сарај со почеток од 21 часот.
НУ „Турски театар“ годинава одбележува јубилеј, 70- години од основањето на Установата.

За претставата „Бог на масакарот“ режисерката Билге Емин вели дека го презентира насилството во луѓето, дивјаштвото што демне во секој од нас…
Претставата започува со мислата „Дека без оглед на сé, постои нешто што се вика уметност на соживот“ но со развојот на дејствието започнува да се доведуваат во прашање виталните животни вредности како што се: брак, деца, професија, социјална средина, статус итн. Во текот на драмското дејствие на гледачот му се наметнуваат низа витални прашања: дали „дивјаштвото” е вродена состојба или чувство кое подоцна ни било наметнато; дали ние управуваме со институцијата брак или ние сме управувани од институцијата; имајќи на ум дека секој гледач може да се соочи или на своја кожа да ги осети наведените состојби.
„Егото го води човекот до изумирање. Без оглед колку човекот се обидува да излезе од системот, системот го привлекува. Не можете да се спротивставите на системот. Во мигот кога ќе се спротивставиш твојот „Бог на дивјаштвото“ ќе биде уништен од неговиот Бог на дивјаштвото. Важно е: Дали да се држи чекор со системот или не? Дали да се постигне решение на проблемот или не? Сето тоа е определено од одлуките и изборот на поединецот“, вели Емин.

Билге Емин е родена на 15.08.1976 година во Скопје. Во 2000 година дипломирала на Анкарскиот универзитет, Факултет за комуникации – Анкара на катедрата за новинарство. Во 2003 година магистрирала на истиот универзитет на Институтот за социјални науки – Анкара на катедрата за филм и ТВ, со тезата „Драматуршка анализа на жената во филмовите на Халит Рефиг“. Во 2014 година ги завршува магистерските студии на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на катедрата за театарска режија, во класата на професор Слободан Унковски. Помеѓу 2003-2010 година работи во Градските Театри Истанбул, како раководител на одделението за меѓународни односи. Беше селектор за меѓународниот театарски фестивал „Истанбул-Сцена-Простор“. Нејзините преводи на драмски текстови од балкански автори на турски јазик се поставени на театарските сцени низ цела Турција. Добитник е на многубројни награди.

Прекрасна духовна атмосфера владееше вчеравечер во предворјето на црквата „Света Софија“ каде во рамките на фестивалот „Охридско лето“ настапи машкиот вокален ансамбл „Ноктурно“ од Белград, Србија.
На големиот православен празник „Успение на Пресвета Богородица“, овој вокален ансамбл под диригентското раководство на Ѓорѓе Станковиќ изведе познати духовни композиции од православието.

-Задоволен сум од настапот, но некако сите сме во грч заради пандемијата. Пејачите беа надвор од редовниот режим веќе шест месеци и требаше да се вратат во пејачка, а и јас во диригентска кондиција. Но сметам дека го оправдавме нашето присуство. Владееше пријатна духовна атмосфера на овој голем светол ден. Да не звучам претенциозно, но на некој начин ја имавме и заштитата на Пресвета Богородица за време на концертот. Сигурен сум дека секој што беше присутен беше допрен од она што ние го избравме како репертоар. Тоа се почувствува и во поздравот на публиката преку бурните овации, изјаво маестро Станковиќ.

Според Станковиќ, уметниците во моментов се соочуваат со опстанокот на нивната професија, но како што рече, не само ним, туку и на секој човек му е неопходна духовна храна што се негува токму преку уметноста.

-Навистина се радувавме што повторно доаѓаме во Охрид. Бевме во неизвесност дали ќе се одржи фестивалот, но пријатно се изнанедивме кога ни јавија дека сепак организаторите ќе го реализираат. Тоа е навистина за пофалба, зашто колку што гледам спроведени се сите безбедносни мерки кои се препорачани, но и задолжителни.Не штедевме време и труд, само за да дојдеме во едни вакви необични околности. Во моментов се бориме за опстанокот на нашата професија зашто таа е многу експонирана и деликатна за одржување во ваков животен тек. Ние живееме од тоа, тоа е уметност. Сите треба да сфатат дека треба да живееме од уметноста. Не само што нас ни е потребна, туку на секој човек му треба духовна храна што се негува преку уметноста, додаде диригентот Станковиќ.
Машкиот вокален ансамбл „Ноктурно“ постои веќе 15 години и е составен од професионални уметници кои ја негуваат традиционалната и духовната музика. Синоќешниот настап беше втор нивни концерт во Охрид. Во април, минатата година, во пресрет на големиот христијански празник Велигден, вокалниот ансамбл „Ноктурно“ одржа голем велигденски концерт како дел од дополнителната програма на „Охридско лето“ што беше организирана надвор од стандардниот фестивалски термин. Тогашниот репертоар беше составен според значењето на Великата Седмица во која се наоѓаше православниот христијански свет, со духовна музика од српски и руски композитори.



На програмата на Охридско лето денеска, ден пред Свеченото затворање на годинешното јубилејно издание, ќе се одржи концертот „Музички пријателства“ на македонската обоистка, Гордана Јосифова – Неделковска. Како гости на концертот со уметничката ќе настапат флејтистот Страшо Темков, пијанистките Елена Атанасовска и Инес Неделковска и гитаристот Влатко Стефановски. Концертот е со почеток од 21 часот во Предворјето на црквата Света Софија. На програмата се избрани дела на Бах, Веруст, Пјацола, Мориконе, како и обработки на неколку македонски народни песни.
Проф. м-р Гордана Јосифова-Неделковска дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во класата на проф. Киро Давидовски, а се усовршува на академијата „Моцарт“ во Варшава и BANFF Центарот за музика и звук во Канада. Како солист има настапувано со Симфонискиот оркестар на националната капела на Санкт Петербург, камерниот оркестар „Музика вива“ под водство на истакнатиот диригент и виолончелист Александар Рудин, Сервантес Филхармонија од Шпанија, oркестарот „Кими Синфониета“ од Финска, оркестарот на Вилах Филхармонија од Австрија, оркестарот на Моравската филхармонија од Чешка, оркестарот „Талин Синфониета“ од Естонија, Симфонискиот оркестар од Рим, Симфонискиот оркестар од Белград, Гудачкиот камерен оркестар на Словенечката филхармонија, камерниот оркестар „Софиски Солисти“, Филхармонијата на Република Северна Македонија, Македонскиот камерен оркестар, камерниот оркестар „Св. Ѓорѓе“, Оркестар на Авињон-Прованса, Камерен оркестар од Порто Алегре – Бразил, Обединет европски камерен оркестар, итн. Со бројни рецитали има настапувано во следниве земји: Канада, САД, Кина, Бразил, Естонија, Холандија, Франција, Белгија, Шпанија, Португалија, Полска, Италија, Германија, Чешка, Русија, Украина (настап со извонредниот виолинист Најџел Кенеди), Финска, Турција, Грција, Бугарија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и во земјата.

На покана на легендарниот Енио Мориконе, Гордана Јосифова-Неделковска настапи заедно со него на свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“ во 2009 година.
По успешното претставување во 2010 на московскиот „Арт Новембер“ фестивал од критиката беше посочена како „поетеса на обоа“, по што активно настапува во Русија и тоа на фестивали како Бах Маратонот во 2011 година и Моцарт Маратонот во 2014.
Гордана Јосифова – Неделковска покрај долгогодишната работа како селектор на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ во периодот од 2007-2016 била носител и на повеќе функции во музички организации, во два мандата е продекан на ФМУ- Скопје, а од 2009 година е избрана за декан на истиот факултет кој го води во два последователни мандати.
Добитник е на повеќе државни и меѓуанродни награди и признанија меѓу кои „13 Ноември“,„Виртуози“ во категоријата меѓународна афирмација, а одликувана е и со престижниот орден на Република Франција – „Витез од Редот на уметности и книжевност“ што се вбројува во четирите најважни одликувања во Франција. Успешноста на нејзиното делување е потврдена со едно светско признание – во 2004 година од Уредничкиот одбор на Американскиот биографски институт Гордана Јосифова-Неделковска е номинирана во категоријата „Успешни жени на 21 век“.
Италијанскиот флејтист Масимо Мерчели кој има изградено впечатлива интернационална уметничка кариера и неговиот колега, пијанистот Лоренцо Бавај вчеравечер имаа маестрален настап во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.
Долгите и бурни овации кои одекнуваа под акустичните сводови на катедралната црква„Света Софија“ беа доказ дека „Охридско лето“ донесе уште еден музички настан со исклучително висок квалитет, како што и прилега на фестивал со шестдецениска традиција.

Концертот на италијанските уметници го отвори неговата екселенција, амбасадорот на Италија во Република Северна Македонија, Карло Ромео кој истакна дека е почестен што присуствува на Италијанската вечер на „Охридско лето“ и како што кажа, е воодушевен од прекрасната црква „Света Софија“.
-Вечерва ја имаме можноста да уживаме во перформансот на двајца исклучително талентирани италијански музичари, Масимо Марчели и Лоренцо Бавај .Сигурен сум дека со моќта на музиката ќе ја осветлат публиката во овие тешки времиња предизвикани од пандемијата на Ковид -19. Сакам да ѝ ја искажам мојата најголема благодарност на директорката Наташа Поповиќ за успешната организација на целиот фестивал и покрај неповолните услови поради пандемијата. Овие настани ја претставуваат надежта дека само културата и музиката можат да понудат подобра иднина за сите. Таа е надежта која токму сега нам ни е повеќе од потребна. Како амбасадор на Италија, ве уверувам дека ќе продолжиме да ги градиме и да ги зацврстиме нашите веќе одлични културни врски помеѓу Италија и Македонија на секое возможно поле на културна ксоработка , особено со овој прекрасен бисер, Охрид, рече амбасадорот Ромео, упатувајќи честитки по повод јубилејот, 60-годишнината од постоењето на „Охридско лето“.
Амбасадорот Ромео потсети дека низ годините наназад, и уметниците од Италија со своите настапи се вткаени во фестивалската историја.

-Со неговото 60-то издание што е одлично доживување, овој фестивал е еден од значајните културни настани не само во Македонија, туку и во цел регион, на кој гостувале бројни значајни уметници во текот на годините, помеѓу кои и многу италијански уметници. Секако, сакам да споменам дека пред 11 години на Античкиот театар, македонската публика имаше уникатна можност да го слушне спектакуларниот концерт на маестро Енио Мориконе во придружба на Македонската филхармонија. Тој беше еден од генијалците кои ја запечатија историјата на музиката од 20 век , но за жал, почина пред помалку од два месеца, оставајќи ни го неговото ценето музичко богатство, додаде амбасадорот на Италија во нашата земја, Карло Ромео.
Прекрасното музичко доживување со мешан репертоар, синоќа започна со Соната во g-moll од Јохан Себастијан Бах, еден од омилените композитори на флејтистот Мерчели, како и од неговиот син Карл Филип Емануел Бах.

-Не можам, да одржам концерт без да свирам дело од Бах бидејќи тој е мојот омилен композитор. Секогаш е чест да се свири во оваа прекрасна црква, иако сум бил тука повеќе пати во последните 20 години, некогаш како флејтист, некогаш како член на Европската асоцијација на фестивали. Пресреќен сум бидејќи се наоѓам на прекрасно место каде има одлична организација. Дојдов повторно овде со голем ентузијазам, изјави по концертот Мерчели.
Во првиот дел од синоќешниот репертоар беше изведена една од најубавите сонати за флејта од Франсис Пуланк, „Унгарската пасторална фантазија“ од Доплер како и Соната од Доницети.

Масимо Мерчели е еден од ретките флејтисти во светот кому му се посветени бројни дела од некои од најпознатите композитори на денешнината како: Пендерецки, Губајдулина, Глас, Ниман, Бакалов, Мориконе, Галијано, Солима кои покрај тоа што пишувале за него, често и настапувале покрај него на концертните сцени. Затоа, во вториот дел од концертот, беа доловени Двете пиеси за соло флејта од Ниман посветени токму на Мерчели, композиција од Мориконе, Три пиеси од „Шиндлеровата листа“ на Вилијамс, како и делото „Историја на тангото“ од Пјацола, која иако е пишувана за гитара и флејта, беше адаптирана за пијано и флејта.
Пијанистот Лоренцо Бавај кој се образувал на најпрестижните концерваториуми, е добитник на бројни награди и признанија за неговата работа, а од 1989 година е редовен концертен партнер на големиот светски тенор Хозе Карерас.

„Охридско лето“ ги спои двајцата италијански уметници, Мерчело и Бавај, по 40 години од нивниот последен заеднички концерт.



Во рамките на музичкиот дел од програмата на „Охридско лето“ вечерва ќе настапат уметниците од Вокалниот ансамбл „Ноктурно“ од Србија. На програмата се традиционални напеви, црковни и духовни песни прилагодени на хорска изведба. Почетокот на концертот е во 21 часот во Предворјето на црквата Св.Софија.

Вокалниот ансамбл „Ноктурно“ е основан во 2005 г. и го сочинуваат професионални уметници кои се постојани членови на хорот на операта на Народниот театар во Белград. Ансамблот настанал со желба на домашната и странската публика да им се понудат дела од различни жанрови. Во текот на петнаесетте години постоење, ансамблот настапува во различни формации- од мешовит до само женски или само машки состав. Последните години „Ноктурно“ остварува плодна соработка со диригентот Ѓорѓе Станковиќ и се профилира како машки ансамбл кој ја негува традиционалната и духовна музика од Србија и Балканот. Остваруваат бројни настапи на домашната, српска сцена, но и во странство во САД, Исланд, Хрватска, Северна Македонија и Босна и Херцеговина.

На програмата на Охридско лето вечерва е концертот на италијанското дуо Масимо Мерчели на флејта и Лоренцо Бавај на пијано. Концертот е со почеток од 21 часот во црквата Света Софија. На програмата се дела на Бах, Доницети, Пуланк, Доплер, Ниман, Вилијамс, Пјацола.
Масимо Мерчели е еден од ретките флејтисти во светот кому му се посветени бројни дела од некои од најпознатите композитори на денешнината како: Пендерецки, Губајдулина, Глас, Ниман, Бакалов, Мориконе, Галијано, Солима кои покрај тоа што пишувале за него, често и настапувале покрај него на концертните сцени.
На само 19 години, Мерчели е назначен за прв флејтист на театарот „Ла Фениче“ во Венеција, а победник е на неколку значајни меѓународни натпревари за флејтисти во Италија.
Како солист настапувал во некои од најпрестижните концертни сали во светот како: Карнеги Хол, салата на Минхенската филхармонија, салите во Берлин, Пекинг, Буенос Аирес, Амстердам, Мадрид, Женева, Лондон, Рим, Санкт Петербуг, Москва и многу други, под диригентските палки на: Валериј Гергиев, Кшиштов Пендерецки, Филип Глас, Мајкл Ниман, Масимо Кварта, Енио Мориконе и др. Настапувал со оркестри како Берлинската филхармонија, во големата сала на Московскиот конзерваториум со Гидон Кремер и Јури Башмет, а неколку пати бил на турнеја со ансамблот „Италијански виртуози“, под диригентската палка на Пендерецки изведувајќи ја неговата Синфониета за флејта и гудачки оркестар. Неодамна остварува настап во Лондонскиот „Вигмор Хол“ и на Академијата „Моцартеум“ во Салцбург, одржува мајсторски курс во Фондацијата „Ростропович“ и премиерно го изведува делото „Фасади“ од Филип Глас во придружба на самиот композитор на пијано. Во 2012 година Оринџ Маунтин Рекордс го издава ЦД-то со наслов „Мерчели го свири Филип Глас“ кое содржи музика за флејта од овој композитор.

Мерчели е член на жири комисии на меѓународни натпревари за флејта во Париз, Њујорк, Женева и Пекинг, а често одржува мајсторски курсеви на најпознатите музички академии во светот.
Тој е уметнички директор на Фестивалот во регионот Емилија-Романа, а од 2001 година е член на управниот одбор на Европската асоцијација на фестивали (ЕФА) во која од 2011-2017 ја извршува функцијата на нејзин потпретседател.
Актуелните ангажмани на Масимо Мерчели вклучуваат снимање на ЦД со сонатите за флејта на Бах со Рамин Бахрами, како и премиера на концертот за флејта од Софија Губајдулина кој му е посветен токму нему.
За работата како промотор на музиката добитник е на одликувања од комесарот на Европската комисија за култура Јан Фигел како и од заменик министерот за култура на Франција.
Роден во Италија, Лоренцо Бавај започнува да студира пијано на Конзерваториумот „Џоакино Росини“ во Пезаро и на 18 годишна возраст дипломира со највисоки оценки. Продолжува да студира со Станислав Нојхаус на Виенскиот конзерваториум и со Татјана Николаева на Академијата „Моцартеум“. Студира музичка теорија на Универзитетот во Болоња, а оргули, композиција и диригирање во Пезаро. Кариерата како концертен пијанист ја започнува по победите на неколку интернационални натпревари по што настапува во родната Италија, но и во Русија, Полска, Германија, Норвешка, Шведска, Бугарија, Шпанија и Шкотска. Соработува со истакнати уметници како Лео Нучи и Монсерат Кабале, а од 1989 година е редовен концертен партнер на големиот светски тенор- Хозе Карерас. Со него настапува на сите континенти, во оперските куќи во Лондон, Париз, во „Ла Скала“- Милано, во Римската опера како и во бројни концертни сали во Европа и Азија. Лоренцо Бавај е уметнички директор на неколку италијански фондации и асоцијации, професор е на академијата во Пезаро и често одржува мајсторски курсеви во Италија и Јапонија.

Актерите Марија Кондовска, Бехреда Решит, Дритон Љазами, Кујтиме Ахмети, Марко Дојоски, Ајше Усеини, Берат Махмути, Ариан Ејупи, Елизабета Клинчаревска Младеновска и Ѓорѓи Нешкоски доловија човечки судбини на една група ментално болни луѓе коишто живеат заборавени во лудница. Таму по грешка им стигнува хуманитарна помош и тие добиваат нова надеж, нова мотивација во животот. Пораката е како луѓето да станат подобри, исто како што и ликовите во претставата стануваат добри.

Првиот човек на НУ Гостиварски театар, Висар Вишка вели дека театарската претстава започнала да се подготвува по заедничката одлука на актерите и режисерот и по олабавувањето на мерките кои ги наметна пандемијата. Како што појаснува, за пробите на целата екипа биле набавени маски и визири кои актерите ги извадија пред премиерната игра вчеравечер на „Охридско лето“.

-Знаевме уште од почеток дека оваа здравствена криза ќе трае долго и дека ние како уметници мора да најдеме начин како да се прилагодиме на новонастанатата ситуација, како да работиме и како да ѝ вратиме на публиката, зашто сепак, ние трошиме буџетски пари. Држејќи се до протоколите, првото нешто што го направив, ги прашав режисерот и актерите дали се сложуваат да го прифатиме предизвикот и да направиме претстава. Што поголеми предизвици и пречки во уметноста-толку поголеми, подобри и поиновативни работи, вели директорот на НУ Гостиварски театар, Висар Вишка.

Според режисерот на претставата „Полковникот птица“ , Андреј Цветановски, предизвик е да се работи со релативно нова театарска екипа, а текстот на Бојчев отсекогаш бил негова желба да го сработи.

-Во мојата кратка но богата кариера, сум имал честопати можност да работам со помали и нови ансамбли. Тие се секогаш интересни за работа затоа што носат една доза на ентузијазам што не ја носат театрите, условно да кажам, со побогата традиција. Овој текст е доста интересен и многу ми се допаѓа. Отсекогаш сум сакал да го работам, и еве, конечно имам прилика за тоа со актерите од Гостиварскиот театар. Особено комплицирано, или некаков нов предизвик ми беше затоа што работевме во период во којшто пандемијата ни зададе нови околности, но театарот се создава овде и сега, и таа околност се обидовме да ја претвориме во квалитет, вели Цветановски.

Гостиварскиот театар е најновата театарска национална установа во Република Северна Македонија формирана кон крајот на 2018 година. За овој период актерите од овој театар направија три премиери. „Полковникот птица“ е последната премиера, а воедно и прва на македонски јазик.

-Мојата идеја е гостиварскиот театар да звучи на многу јазици, албански, турски, македонски, а зошто да не и на други јазици, само да произведуваме убави претстави за сите, додава Вишка.
Драмската програма на годинешното 60-то издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде затворена в недела, на 30 август, со театарската претстава „Бог на масакрот“ во изведба на НУ Турски театар –Скопје.

Моќниот глас на мецосопранистката Викена Каменица од Република Албанија и звуците на пијаното произведени под вештите раце на познатата албанска пијанистка Мерита Реџа Тершана, вчеравечер ја исполнија внатрешноста на црквата „Света Софија“ .
Концертот на албанските уметници се одржа во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.

Оперската дива Викена Каменица ја воодушеви публиката со својот импресивен глас, но и со сценскиот настап на подиумот во катедралната црква со што уште еднаш го потврди епитетот што го носи, оперска дива со глас што ги воодушевува слушателите.
-Почестена сум што бев гостин на јубилејот на овој прекрасен фестивал. Ми беше чест што гостував заедно со мојата пријателка бидејќи заедно работиме веќе 20 години, и се знаеме многу добро. Токму затоа ни е многу лесно кога сме дует и кога работиме заедно. Публиката на концертот беше одлична. Мило ми е што го прифатија и уживаа во нашиот репертоар кој беше разнобоен со многу различни композитори, изјави мецосопранот Каменица.

Пијанистката Мерита Реџа –Тершана која критиката, публиката и медиумите ја сметаат за една од најактивните уметници на албанската територија, и минатата година ја почести публиката со својот настап одржувајќи концерт заедно со флејтистката Јонела Големи.
-Не сум гостин првпат, имам гостувано на фестивалот и порано, но секојпат е возбудливо да се настапи овде. Охрид има прекрасен фестивал и одлична публика, така што ми беше чест да настапам повторно. Во ова време е многу тешко да се прави музика и да се реализираат концерти поради вирусот ковид-19, но вашата организација е одлична и е за голема пофалба, така како што наликува на јубилејните 60 години постоење, рече Реџа Тершана.

Возбудливото музичко патување започна со „Матината“ од Леонкавало, продолжи со Шубертовите композиции „Крај потокот“ од циклусот „Зимско патување“ и „Липа“, а продолжи со ариите „Ханабера“ и Сегедеија“ од операта Кармен на Бизе. На репертоарот беа и дела од Албениц, Сен-Санс, Гранадос, Барбиери, Чапи, Дебиси, Вајл и Гершвин.Извонредната интерпретација на Каменица во пријано придружба на Реџа –Тершана беше заокружено со албанските композиции „Мој убав цвету“ од Мула и „Маргело“ од композиторот Јакова.

Публиката која, како и сите претходни фестивалски вечери максимално ги испочитува протоколите за посета на настани од ваков тип, уживаше час и половина во прекрасниот концерт и ги награди двете уметници со бурни и долги овации.

До крајот на годинешното 60-то јубилејно издание на фестивалот „Охридско лето“ , на програмата ќе се одржат уште три музички настани. Вечерва концерт ќе одржат италијанските уметници Масимо Мерчели на флејта и Лоренцо Бавај на пијано. Утревечер ќе настапи машкиот вокален ансамбл „Ноктурно“ од Србија, а годинешната музичка програма ќе ја затвори познатата македонска обоистка Гордана Јосифова-Неделковска со концертот насловен „Музички пријателства“ и нејзините гости на вечерта, гитаристот Влатко Стефановски, флејтистот Страшо Темков, како и пијанистката Елена Атанасовска Ивановска.


Концерт на уметничките од Албанија, Викена Каменица – мецо сопран во пијано придружба на Мерита Реџа –Тершана, вечерва во рамките на фестивалската програма на „Охридско лето“. Концертот е со почеток од 20 часот во црквата Св.Софија.
Викена Каменица е една од најпознатите оперски пејачки на нејзината генерација во Албанија.Таа е ќерка на оперски пејачи, успешно ги завршила студиите на Музичката академија во Тирана, а во периодот од 2004-2006 продолжува да студирана ЦЕЕ Музичкиот театар во Виена каде работи со Илеана Котрубас и Бернд Вајкл.
Во 2008 година добива специјален грант да студира на летната академија „Моцартеум“ во Салцбург во класата на Алесандра Алтхоф. Во Албанија, Викена Каменица два пати ја добива наградата „Култ“ за најдобро Оперско остварување и тоа за Розина во „Севилскиот берберин“ и во 2017 година за улогата на Ромео во „Капулети и Монтеки“ на Белини. Од 2001 година е вработена во Националната опера во Тирана каде ги покрива сите улоги од мецосопранскиот фах како Фидалма во „Таен брак“, Сузуки во „Мадам Батерфлај“ од Пучини, Флора во Вердиевата „Травијата“, Анита во „Приказна од западната страна“ од Бернштајн, Сибел во „Фауст“ од Гуно и Трета дама во Моцартовата „Волшебна флејта“. Гостува во Букурешт и Темишвар во Романија, а настапува и на Фестивалот во Седиер во Франција. Настапува во главната улога во операта „Кармен“ од Бизе, ја пее Мадалена во „Риголето“, Дорабела во „Така прават сите“, Џована Сејмур во „Ана Болена“, а настапува и покрај исклучителната Инва Мула во „Хофманови приказни“, а партнерка е како Шарлота во „Вертер“ на извонредниот албански тенор Сајмир Пиргу. Неодамна во Париз ја пее насловната улога на Далила во „Самсон и Далила“ од Сен-Санс, како и улогата на Ацучена во „Трубадур“.
Концертите се значаен дел од карирата на Викена Каменица, па така, таа настапува со дела од: Мануел де Фаља, Вивалди, Дворжак, Перголези, Бетовен, Брамс и Вагнер.

Особено се истакнува со циклусот „Зимско патување“ од Шуберт кој го изведува во придружба на Мерита Реџа -Тершана. Покрај со класичната музика, Викена настапува и како џез пејачка и во изведба на мјузикли во кои ги пее улогите на Есмералда во „Грбавецот од Нотр-Дам“, Мама Мортон во „Чикаго“, г-ѓа Монтеки во „Ромео и Јулија“ и др. Викена Каменица е омилена кај албанската публика, токму поради нејзината целокупна музичка личност како и поради исклучителното сценско присуство.
Критиката, публиката и медиумите ја сметаат Мерита Реџа –Тершана за една од најактивните уметници на албанската територија, и таа продолжува да гради кариера полна со нови достигнувања. Добитничка е на импресивна бројка на национални награди како Изведувач на годината на албанскиот фестивал за современа музика во 1996, Изведувач на годината и добитник на Култ наградата во 2010 и 2016. Родена во Тирана, Мерита Реџа – Тершана дипломира на Универзитетот за уметности во Тирана во класаста на проф. Маргарита Кристиди, а се усовршува на пост-дипломски студии и на мајсторски курсеви кај Паул Бадура-Скода и Тил Енгел. Тершана работи на Универзитетот во Тирана од 1994, најпрво како корепетитор, а подоцна од 2002 година како педагог.Како солист настапува со повеќе оркестри вклучително со оркестарот на Албанското радио и ТВ, оркестарот на Универзитетот во Тирана, оркестарот на Операта под диригентската палка на: Ј. Барбулуши, Л. Квадрини, Б. Лапај, А. Лепури, Н. Марин и Д. Савиќ. Како солист е често канета да настапи на познати фестивали во Албанија и Европа меѓу кои Фестивалот „Шлезгвиг- Холштајн“ (Германија), Фестивалот во Брегенц (Австрија), Фестивалот „Гросето“ во Италија како и на бројни фестивали во регионот. Мерита Реџа -Тершана често и за прв пат изведува нови дела од албански композитори, а во 2009 снима ЦД со музика од Шуман. Исто така, има снимено 2 ЦД- а со дела од албански композитори. Сега, Тершана како вонреден професор предава пијано на Универзитетот за уметности во Тирана.
Во рамките на драмската програма на Охридско лето вечерва следи премиерната изведба на претставата „Полковникот птица“ од Христо Бојчев во изведба на актерите од НУ Гостиварски театар. Режисер на претставата е Андреј Цветановски. Улогите ги толкуваат Бехреда Решит, Дритон Љазами, Кујтиме Ахмети, Марко Дојоски, Ајше Усеини, Берат Махмути, Ариан Ејупи, Елизабета Клинчаревска Младеновска, Ѓорѓи Нешкоски, Марија Кондовска. Претсавата ќе се игра на сцената на „Долни Сарај“ со почеток од 22 часот.

За „Полковникот птица“ од Христо Бојчев режисерот Цветановски ќе рече дека е претстава за различни луѓе, кои со својата различност и возбуда за нови работи треба да не пленат сите. Нивната посветеност треба да не учи колку е битно да се верува и да се постои во овој свет, колку и да е тешко. Целта на претставата треба да се бара во нивното разбирање, и кога ќе ги разбереме да станеме подобри луѓе со тоа. Нивната лудост е само начин да се верува. Можеби идејата е утопистичка и идеалистичка, но тоа е и улогата на театарот. Соочени со пандемијата, театарот почнува да бара начини на функционирање низ регулативите и правилата што ги носи овој нов свет. Се обидуваме низ сите тие правила да создадеме топла приказна и да го искористиме процесот и како експеримент и од прописите да направиме квалитет. Инаку, „Полковникот птица“ е оценет како најуспешен драмски текст на Бојчев што ја добива една од најголемите европски награди за драмски текстови, наградата на Британскиот совет. Дејствието на драмскиот текст зборува за една група ментално заболени луѓе кои живеат во лудница, заборавени од Бога, и таму стигнува хуманитарна помош која требало да стигне во кризно подрачје, ама по грешка дошла до нив. Тоа ги охрабрува и тие се организираат да одат до Стразбур, да го изложат својот проблем. Во ова време кога се актуелни мигрантските кризи и премините преку граница, овој текст може да добие нов контекст, а во исто време да зборува за Балканот како вечен кандидат за Европа…

Андреј Цветановски е режисер од Северна Македонија. Неговиот режисерски опус се концентрира на класичната светска драматургија, како и на домашни македонски автори. Неговата режисерска визура е визуелна и промислена, секогаш со нов прочит на класичните приказни. Своето образование го стекнува на Универзитетот ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк со дипломската претстава „Салиери“ по текстот “Амадеус“ од Питер Шефер во 2010 година и магистрира на истиот факултет во 2018 година со претставата „Сон на летната ноќ“ на темата: “Адаптација на другите дела од Вилијам Шекспир во „Сон на летната ноќ“ од Шекспир “ Од 2010 година, после своето дипломирање работи како демонстратор на предметите театарска режија и актерска игра, а подоцна и станува асистент кај проф. Дејан Пројковски. Во 2013 е назначен за уметнички директор на Театар Комедија и својот мандат го завршува во 2017 година. Во тие четири години Театар Комедија со својот разновиден репертоар се етаблира како најпродаван театар во земјава и со учества и награди на неколку национални и интернационални фестивали ја потврдува својата уметничка вредност. Во својот опус Цветановски впишува околу 20 претстави, различни и по жанр и по естетика, но слични по идејата на создавање на нов прочит и инсистирање на визуелната компонента во претставата како целина. Неговите претстави се играат на фестивали и гостувања во земјата,но и во: Србија, Црна Гора, Бугарија, Албанија, Русија и со нив постигнува успеси и признанија.
