Skip to content
Вечер што долго ќе се памети приредија синоќа врвни уметници од Република Чешка кои во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, во предворјето на црквата „Света Софија“ го одржаа концертот „Бах за Вас“.
Концертот го најави амбасадорот на Република Чешка во Република Северна Македонија, Мирослав Томан, кој порача, дека во ова тешко време, не смееме да се фокусираме само на епидемиите, туку, како што рече, мора да продолжиме да живееме.
-Во ова незгодно време многу е важно сите да се држиме заедно. Драго ми е и горд сум што Република Чешка успеа да ги поддржи своите пријатели вклучително и Република Северна Македонија во борбата против ковид-19. Сепак, не смееме да фокусираме само на епидемиите. Мора да живееме и затоа мислам дека е многу важно да се поддржи културната соработка дури и во сегашните тешки околности. Среќен сум што и покрај сѐ, успеавме да го организираме овој исклучителен концерт. Најдобар доказ за тоа дека не дозволивме да се откажеме, е токму нашето присуство на „Охридско лето“, рече амабасадорот Томан.

Чешкиот амбасадор во земјава упати огромна благодарност до организаторот на концертот, фестивалот „Охридско лето“ и директорката Наташа Поповиќ, со која како што кажа, ги договарале сите детали за настапот на чешките уметници кои свиреа на чешки пијана од производителот „Петроф“.

-Чешката компанија „Петроф“ е една од најистакнатите производители на пијана во светот и една од ретките кои сѐ уште работат во Европа. Во текот на своите 156 години историја, оваа семејна компанија произвела повеќе од 632 илјади парчиња и многу од нив биле извезени во поранешна Југославија, а особено во Македонија.Четирите пијана на сцената беа изработени специјално за оваа пригода, а по концертот ќе се пренесат во „Пијано центарот“ во Скопје каде можат да се видат или купат, додаде амбасадорот Томан.

Вистински симбол на македонско-чешкото пријателство е пијанистката Ема Једличка Гогова која вчеравечер во предворјето на „Света Софија“ настапи заедно со своите колеги, солистите Хелена Вајзер, Сара Медкова и Лукаш Клански и со 11-члениот гудачки камерен оркестар „Чешки виртуози“.

-Во името на сите чешки уметници кои синоќа настапија на реномираниот и светски познатиот фестивал „Охридско лето“, сакам да изразам голема благодарност за организацијата. Концертот „Бах за Вас“ беше посветен на еден од најголемите светски композитори Јохан Себастијан Бах којшто годинава слави 335 години од раѓањето и 270 години од неговата смрт што се вклопува со јубилејната година на фестивалот„Охридско лето“. Затоа се трудевме преку сите пречки да ги споиме јубилеите на еден од најголемите светски музичари и композитори заедно со големиот и прочуен фестивал, рече Једличка-Гогова.

Четворицата исклучително вируозни чешки пијанисти одржаа четири концерти за клавир со оркестар. Самата концепција беше поставена така што публиката имаше можност да ужива во концерт со едно пијано и гудачки оркестар, со две пијана и гудачки оркестар, за три пијана и гудачки оркестар, и на крајот, концерт за четири пијана со оркестарот.

-Овие концерти се од многу големо значење затоа што во историјата на музичката и пијанистичката литература, тоа се први солистички концерти напишани за пијано односно во тоа време чембало и оркестарска придружба, појасни пијанистката со интернационална музичка кариера Једличка-Гогова која е родена во Штип, а живее во Република Чешка.

Чешката вечер на фестивалот „Охридско лето“ се одржа со поддршка од Амбасадата на Република Чешка во Скопје.

Во рамките на музичката програма на Фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе се одржи Чешка вечер со концертот 4 пијана „Бах за Вас“ во изведба на уметници од Камерниот оркестар „Чешки виртуози“, Ема Једличка Гогова, Хелена Сухарова, Сара Медкова и Лукаш Клански. Концертот е со почеток од 21 часот во Предворјето на црквата Св.Софија
Ема Једличка – Гогова е педагог, пијанист со интернационална кариера, уметнички директор и сестран музичар. Започнува да учи пијано во нејзниот роден град Штип, а нејзиното деби со оркестар и’ се случува на 16 годишна возраст со Филхармонијата на Р. Северна Македонија и изведба на Концертот за пијано и оркестар од Едвард Григ. Набргу следат и првите целовечерни рецитали, како и студиите на ФМУ Скопје во класата на проф. Стела Слејанска. Студира и на Музичката академија „Јаначек“ во Брно во класата на Зденек Хнат. Изведувачката кариера ја носи во повеќе од 15 земји во Европа и Канада, како солист и камерен музичар, а настапува и со Филхармонијата на Р.Северна Македонија , оркестарот на театарот во Опава, во Националниот театар во Брно, со Моравската филхармонија Оломуц и др. Уметнички директор и претседател е на Асоцијацијата за интеркултурен и креативен живот и член е на одборот на Фондацијата „Ј. С. Бах“. Редовно е член на жири комисии на интернационални натпревари, а била и претседател на натпреварот „Ј. С. Бах“ во Добрани во Република Чешка.

Хелена Сухарова – Вајзер студирала на Прашкиот конзерваториум, како и во класата на Иван Клански на Академијата за изведувачки уметности во Прага. Студиите ги завршува со резиденцијален престој на Универзитетот Рузвелт во Чикаго, а посетува и мајсторски курсеви кај Малком Фрагер во Луцерн. Уште додека студира, освојува награди на повеќе меѓународни натпревари, а настапува не само во нејзината татковина Чешка, туку и во Германија (каде живеела до 2003), во Полска, Финска, В. Британија, Швајцарија, Франција, Грција, во земјите на поранешна Југославија и во САД. Покрај солистичката кариера, Сухарова- Вајзер настапува и како камерен музичар. Има снимено ЦД-а со квартетот „Штамиц“, со Влах квартетот од Прага, Вихан квартетот, кларинетистот Кристоф Рајф и со пијано квартетот „Ад либитум“. Дел е од жири на повеќе чешки и меѓународни натпревари, а во 2019 станува директор на јуниорскиот натпревар за пијанисти „Прашки ноти“ за натпреварувачи од 5-15 години. Од 2012 година предава пијано на Академијата „Јаначек“ во Брно, а веќе неколку години предава и на Академијата за изведувачки уметности во Прага.

Сара Медкова спаѓа во групата водечки млади чешки пијанисти. Настапува на сцените на повеќе од 20 европски земји, како и во САД, Азија и Африка, при тоа премиерно изведувајќи повеќе од 100 нови композиции. Носителка е на награди од повеќе интернационални натпревари, а настапува со познати оркестри во Чешка и надвор од неа. Во 2009 и 2010, Медкова е иницијатор на уникатен проект во кој се изведени концертите за три пијана од Бах и Моцарт, како и нејзиниот авторски концерт со наслов „Di Ritorno” кој ги изведува со Филхармонијата на градот Брно и со оркестарот „Прашки академски солисти“. Во 2012 година магистрира на Музичката академија во Прага, а како студент на Еразмус програмата поминува една година на Универзитетот за музика „Карл Марија фон Вебер“ во Дрезеден во класата на А. Зензипер. Учествува на повеќе мајсторски курсеви под раководство на Елисо Вирселадзе, Даниел Полак, Андреј Гаврилов и др. Нејзиното прво ЦД „De Profundis” го издава компанијата Арта рекордс во 2017 година.

Лукаш Клански е еден од најквалитетните чешки пијанисти од помладата генерација. Како победник на повеќе натпревари, тој е често ангажиран како солист и камерен музичар. Член е на успешното трио „Лобкович“ со кое победува на натпреварот „Јоханес Брамс“ во Австрија во 2014 година. Клански освојува втора награда на натпреварот „Ханс фон Булов“ во 2018 година во категоријата диригирање од пијаното. На само 15 годишна возраст го има дебито како солист со оркестар во салата „Дворжак“ во Прага со Прашкиот камерен оркестар. Настапува со бројни оркестри под диригентските палки на: Либор Пешек, Андреа Себастиан Вајзер, Гунди Емилсон и Иштван Денес, а настапува и на фестивали во: Чешка, Италија, Германија, Грција, Швајцарија и др. Дипломира на Прашкиот конзерваториум во класата на Ева Богуниова, а продолжува да се усовршува кај неговиот татко Иван Клански на Академијата за изведувачки уметности во Прага. Како солист, се претставил пред публиката во: Словачка, Унгарија, Германија, Австрија, Франција, Италија, Белгија, Холандија, Хрватска, Словенија, Грција, Полска, Турција, САД и Јужна Африка. Неговите снимки се издадени од Прага Диџиталс, Радиосервис, Грамола и Наксос. Лукаш Клански студирал диригирање кај Леош Сваровски, а настапува како диригент, често пати свирејќи и диригирајќи од клавијатурата.

Камерниот оркестар „Чешки виртуози“ под уметничкото раководство на Карел Прохазка ја започнува концертната кариера пред повеќе од 20 години. Од тогаш, па до денес имаат остварено преку 800 концертни настапи на кои изведувале музика од различни епохи- од барок па се’ до современа музика, и тоа: симфониски дела, духовна, музика и оперски дела. На концертите во Виенската концертна сала, или пак во дворецот Шонбрун, најчесто се претставуваат со дела од Моцарт, но поради нивната разнообразна програмска определеност често се канети да настапуваат на фестивали во Холандија, Италија и Шпанија. Настапиле на Деновите на Чешка музика во Дижон во 2015 година, а оствариле и три концертни турнеи во Јапонија во 2003, 2010 и 2011 година. Членови на оркестарот меѓу другото се и концерт мајсторите и солистите на оркестарот на операта „Јаначек“ , како и на Филхармонискиот оркестар во Брно. Настапуваат со бројни чешки и меѓународно етаблирани солисти како виолинистката Естер Ју и вокалните солисти Милагрос Побладор и Наталија Ушакова под диригентската палка на реномирани чешки диригенти. Овој камерен состав има снимено повеќе ЦД-а, а последното кое е издадено минатата година е нивна соработка со белгискиот диригент Ерик Ледерхандлер.
Фестивалот „Охридско лето“ синоќа организира концерт со кој му оддаде почит на истакнатиот македонски композитор Томе Манчев.
Ова е првиот постхумен концерт што ќе остане запаметен и како прво јавно обраќање кон публиката по неговата ненадејна смрт во април годинава која се случи за време на пандемијата и здравствените рестрикции поради што неговите блиски, колеги, пријатели и почитувачи на делото, не можеа достојно да го испратат и да му се заблагодарат за сѐ што направи за македонската музичка култура.

-За жал, нашиот професор и композитор на македонската класична сцена, нѐ напушти годинава и не го дочека неговиот 70-ти јубилеен роденден, рече селекторката на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Даница Стојанова која најавувајќи го концертот во предворјето на духовниот храм „Света Софија“ ја повика публиката со едноминутно молчење да му оддаде почит на Манчев.

Модератори на Вечерта посветена на композиторот Манчев беа обоистката Маја Чанаќевиќ, негова внука, како и композиторката Валентина Велковска Трајановска, и двете негови студентки.
Како што истакна Чанаќевиќ, оние кои го познаваа нејзиниот вујко Томе Манчев, знаат дека тој навистина ја живееше музиката како ретко кој друг. До крајот на својот живот, додаде таа, Манчев се држеше до постулатот дека потребата да се твори е основниот мотив на неговото живеење.

-Да се зборува за една личност којашто беше толку сестрана во животот, а особено во полето на музичката уметност, истакнувајќи се, но и оставајќи трага, не само како композитор, туку и како музички педагог, истражувач и публицист е навистина тешка задача. Во текот на својот музички плоден живот, напишал огромен опус на композиции кои верувам ќе останат да живеат во рацете на бројните генерации музичари. Голем е бројот на студенти и композитори кои ја имаа привилегијата да го учат музичкиот и композиторскиот занает од него. Зад себе остави и голем број на публикации и истражувачка работа, во кои секогаш со огромен жар пишуваше за музиката, рече Чанаќевиќ.

Според неа, Томе Манчев бил строг, но праведен професор, а знаењата што им ги пренесувал на студентите се бесценети.
-Како личност беше бескомпромисен во секоја смисла на зборот, и кон себе и кон својата работа, но и кон сите оние кои се обидуваше да ги научи на вистинските вредности за музиката и професијата. Специфичен дух, интелигентен, бескрајно музикален, чесен, педантен до совршенство во работата, но и во животот. Беше перфекционист и за него сѐ мораше да биде доведено до совршенство, звукот, изведбата, творењето, работата, секојдневието….Имаше огромна почит кон неговите учители, кон татковината, родната Македонија, кажа Чанаќевиќ.

Осврнувајќи се на обемното творештво на Манчев, композиторката Валентина Велковска Трајановска рече дека тој беше и ќе остане истакнат композитор со маркантно творештво, педагог што целосно и несебично им се посвети на студентите до последниот момент од животот, музички писател и истражувач што поставуваше параметри каков треба да биде ликот на стручно и квалитетно изработен труд и општестествен деец кој поаѓаше од парадигмата дека секој треба да ја сака татковината повеќе од себеси и да биде добар и искрен човек.

-Композиторот Томе Манчев беше голем човек со исклучителна професионалност, со целосна посветеност и неисцрпна инспиративност, ментор што несебично ги споделуваше своите идеи, искуства и огромно знаење. Композитор и професор што приоѓаше кон секој проблем со перфекционизам, со стремеж, тоа што ќе се изработи и создаде да биде совршено и беспрекорно, а во неговите дела совршенството го исполнуваше со длабока емотивност, со силни чувства и јасна национална определба која произлегуваше од неговата бескрајна почит кон музичкото наследство на македонското поднебје и мислата водилка да се осмисли нешто ново што не е досега создадено. Кон сите прашања, дела, трудови, композиторот Манчев приоѓаше на единствен, за него препознатлив и непопустлив начин, секој збор, секоја мисла, секоја нота да бидат избрани откако најмалку дваесет пати ќе осмислат, проверат, прегледаат, сѐ дури не го добијат своето идеално значење, рече Велковска Трајановска.

Во рамките на постхумниот концерт истакнатите македонски уметници баритонот Горан Начевски, Марјан Милошевски на фагот, пијанистките Весна Ангеловска-Христов, Елена Атанасовска –Ивановска и Маја Шутевска –Кировска, виолинистот Љубиша Кировски и Антоние Весковски на ударни инструменти, изведоа композиции од различни периоди во творештвото на композиторот Томе Манчев.

Семејна драма, маскирана со ритуалите на семејниот живот во која постои криза на моралот, лага и лицемерство, неверство и љубов, донесоа вчеравечер на „Охридско лето“ актерите на Театар Комедија – Скопје со изведбата на театарската претстава „Човек, ѕвер и доблест“, на текст од Луиџи Пирандело, а во режија на Егон Савин.
На сцената „Долни Сарај“ , вечноактуелната тема преку извонредна глума ја пренесоа актерите Атанас Атанасовски, Сашо Ристовски, Тони Денковски, Сашка Димитровска, Жарко Димоски, Кристина Ласовска,Жаклина Стевковска Дрнасин и Ева Скендеровска.

За директорот на Театар Комедија, Сашо Ристовски, кој во претставата ја одигра улогата на морнарот Перела, со гостувањето на „Охридско лето“ всушност продолжува сезоната на овој театарски ансамбл.
-Ја имаме честа да ја продолжиме сезоната со поканата на селекторот на „Охридско лето“, Александар Поповски и директорката Наташа Поповиќ. Возбудата е голема. Ние сме како екипа и како театар презадоволни од приемот на „Охридско лето“ и благодарни што ете, во екот на пандемија, се одвиваат ваквите културни настани. Се работи за семејна драма која се одвива во домот на морнарот Перела. Оваа драма била актуелна и во време кога ја пишувал Пирандело, но е актуелна и во сегашно време и не можеме да избегаме од суровата реалност. На гледачите им донесовме малку поинаков начин на игра, за разлика од оној на којшто се претходно научени, но сметам дека тој допира до самата публика, рече директорот на Театар Комедија, Ристовски.

Актерот Атанас Атанасовски ја имаше главната улога во претставата, на професорот Паолино кој има афера со омажена жена, жената на морнарот Перела. Според него, целиот процес на создавање на драмата „Човек, ѕвер, доблест“ бил од исклучителна важност за него, зашто како што кажа, имал можност да учи од еден од култните режисери, Савин.

-Претставата ја направивме пред да се појави пандемијата на ковид 19 и целата криза. Процесот на создавањето помина во прекрасна и пријатна атмосфера бидејќи работевме со едно од најголемите режисерски имиња на овие простори, Егон Савин. Беше пред сѐ, педагошки процес и јас како релативно помлад актер, успеав да украдам на некој начин знаење, занает, од еден таков режисер. Тимот со кој работев е прекрасен, изјави Атанасовски.

Како што појасни првиот човек на Театар Комедија, Сашо Ристовски, годинешната програма на оваа национална установа е видоизменета и прилагодена на новонастаните услови. Актерите од овој театарски ансамбл, заради здравствената криза во светот го откажаа прекуокеанското гостување во Австралија.

-Дел од драмската дејност се префрла за наредната година, но веќе од 26 август продолжуваме со процесот на хитмејкерот Синиша Ефтимов, текстот „Си беше еднаш“, во кој игра поголем дел од нашиот ансамбл. Бидејќи имаме добиено протоколи за работа надвор, сите проби ќе ги одржуваме надвор. И премиерата во септември,но останатите претстави, ќе се обидеме до 15 октомври. При тоа, ќе го започнеме проектот со германска лиценца „Тоа е пак тој“- една убава сатира за Хитлер кој се враќа во 21-от век. Читачките проби ќе одат по зум, а потоа ќе видиме како ќе се развиваат настаните, најави Ристовски.


Врвни професионални перформанси, виртуозност и изразена индивидуалост донесе извонредната македонска пијанистка Марија Ѓошевска вчеравечер во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.
Настапот на пијанистката Ѓошевска во црквата „Света Софија“ уште еднаш ги потврди заложбите на фестивалот, да ги носи најреномираните светски уметници во Охрид, но пред сѐ, да им отстапи простор на програмата и на врвните македонски музичари.

-Триесеттина години наназад сум дел од овој престижен фестивал и навистина ми е огромна чест и задоволство. Низ годините тоа беше преку семинарите на професорот Борис Романов, но и мои рецитали и камерни концерти, и секогаш со посебна магија и посебно уживање доаѓам на „Охридско лето“, изјави Ѓошевска.
Инспирацијата за годинашниот концерт на оваа уметница со богата меѓународна кариера беше танцот, за кој, како што вели самата, бил првиот талент забележан во нејзината најрана возраст, а потоа и музиката.
-И на овие би рекла, мои средни години решив да се навратам на талентите од детството. Изборот го направив со валцерите од Шопен и исто така благородните и сентиментални валцери на Равел, рече Ѓошевска.

На подиумот во црквата „Света Софија“ пијанистката со особено заволство ја изведе и Сонатата за пијано од композиторот Томе Манчев кој почина годинава. Оваа композиција е посветена на Снежана Анастасова-Чадиковска, академски музичар, пијанист, педагог, музички публицист, а своевремено и селектор на фестивалот „Охридско лето“ која синоќа беше во редовите на публиката и го проследи концертот на нејзината поранешна ученичка.
-Со изведбата на оваа Соната сакам да му оддадам почит на мојот ментор на докторските студии, за сето она што го остави како музика, како знаење зашто беше исклучителен професор којшто низ еден холистички пристап во наставата ги обединуваше знаењата од сите природни феномени и науки. Такви професори навистина ни недостигаат и кога ќе ги загубиме празнината е навистина голема, рече пијанистката Ѓошевска.

За крај на вечерта која беше прекрасно романтично патување во светот на класичната музика, пијанистката Ѓошевска ја изведе „Херојската полонеза“ од Шопен.
-Одлучив да ја оставам „Херојската полонеза“ за крај затоа што се наоѓаме во една состојба на светска пандемија и мислам дека е потребно да го одржиме духот на едно повисоко ниво, да бидеме храбри, да бидеме позитивни, со надеж дека оваа светска пандемија што побргу ќе заврши и повторно ќе се дружиме со полни сали и многубројна публика славејќи ја уметноста како што ѝ доликува, порача пијанистката.

Изминатиот период, кога здравствената криза се одрази и врз уметноста, пијанистката Марија Ѓошевска, како што вели и самата, утеха нашла токму во музиката, посветувајќи се максимално на сопственото музицирање, но и на онлајн наставата со студентите на кои им предава на Факултетот за музичка уметност.

Музичката програма на Охридско лето вечерва ќе биде посветена на композиторот Томе Манчев. Солисти-изведувачи на неговите дела ќе бидат: Марјан Милошевски-фагот, Весна Ангеловска –Христов-пијано, Горан Начевски-баритон, Елена Атанасовска – Ивановска – пијано, Љубиша Кировски-виолина, Маја Шутевска-Кировска-пијано, Антоние Весковски- ударни инструменти. Модератори: Маја Чанаќевиќ и Валентна Велковска Трајановска. Концертот е со почеток од 21 часот во Предворјето на црквата Св.Софија

Томе Манчев (1950-2020)спаѓа меѓу најафирмираните композитори, неговото творештво се карактеризира со индивидуален стил и јазик како негов личен творечки печат. Претставник е на македонската национална композиторска школа, со извонредно значаен творечки опус, со многу изведени, снимени и печатени дела во земјава и странство (Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Чешка, Полска, Кина, Русија, Украина, Албанија, Узбекистан, Австрија, Франција, Австралија, САД, Бугарија и др).
Проф. д-р Томе Манчев најпрвин дипломирал на педагошкиот (1973), наставно-теоретскиот (1975) и композиторскиот оддел (1979) во класата на академик проф. Властимир Николовски на Високата музичка школа денешен Факултет за музичка уметност во Скопје. Образованието го продолжил на Музичкиот факултет во Прага, Р Чешка, на студиски престој (1980–1981), а потоа продолжил и дипломирал (1988) на највисокиот степен на студии: Уметничка аспирантура од областа композиција под менторство на професорите: Ј. Дворжачек и Ј. Церемуга. Манчев по вторпат со титулата доктор на музички науки, но овој пат доктор по уметнички науки втор степен, се стекнал во 1999 година на државната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија – Р. Бугарија, под менторство на проф. д-р Д. Сагаев.
Томе Манчев е искусен автор со исклучително творештво, кој со својот едукативен и творечки приод претставуваше пример за активен, ангажиран и многу искусен педагог што целосно и несебично им се посвети на студентите до последниот момент од својот живот. Манчев беше музички писател и истражувач со впечатлива научна и публицистичка дејност, но беше и активен, истакнат општествен деец. Добитник е на две награди за животно дело, повеќе награди за своето творештво, благодарници и дипломи за својата дејност.
Вонвременската духовна музика изведена со најсложениот инструмент-човечкиот глас вчеравечер одекна во предворјето на катедралната црква „Света Софија“. Професионалниот хор „Про Арс“ одржа концерт со духовни композиции во рамките на фестивалската програма на „Охридско лето“.
Шеесетминутниот концерт на хористите кои настапија под диригентско раководство на маестро Сашо Татарчевски беше награден со бурни овации од страна на публиката, пред сѐ, заради извонредната изведба на духовните дела, а потоа и заради воспоставениот флуид и позитивната енергија која доаѓаше до слушателите.

Репертоарот опфати духовни композиции од домашни и странски автори, кои иако не беа изведени во акустичен простор, сепак, прозвучија исто како да се изведени во таков амбиент. Ова, според диригентот Сашо Татарчевски, не е ни малку лесна задача, но како што вели, целокупната ситуација предизвикана од здравствената пандемија ги навела уметниците да истражуваат како да се прилагодат на новонастанатата состојба, а сепак, да останат професионални во своето работење.

-Поради пандемијата моравме да се обидеме да најдеме нови начини на работа и да бидеме многу ефективни со краткото време што го имавме за да ги споиме заедно композициите. Програмата не е мала за да се испее на отворено и тоа е дополнителниот напор што треба да се вложи бидејќи сите композиции мора да се пеат за една динамика плус, за воопшто да носи звукот во просторот надвор, во предворјето на „Света Софија“. Знаете, духовната музика е пишувана за акустични цркви, но морам да кажам дека сум многу задоволен од концертот и од тоа како издржаа моите хористи бидејќи навистина е напорно да се исполни тешка програма во ваков простор, вели Татарчевски.

Ова, како што додава тој, е ново искуство што ќе им служи на уметниците и во иднина, за да имаат ефективност во работата.
-Бевме приморани да истражуваме и да учиме нови работи. Истражувавме на колкаво растојание да се пее, колку треба да сме оддалечени во длабина, како да ги правиме пробите, првпат почнавме да размислуваме како треба да сработиме онлајн концерт на професионален хор, како сето тоа да се спои само со две-три заеднички средби и слично. Многу сме благодарни на организаторите од фестивалот, и морам да нагласам дека „Охридско лето“ во моментов е светлина за уметноста, појаснува Татарчевски.

Професионалниот хор „Про Арс“ е формиран пред девет години и обединува млади, мотивирани и вокално образувани хорски уметници.
-Недостатокот на ваков ансамбл не даваше можност да авторите, особено на нашите, да се изведат многу нивни композиции, тоа беше првичната идеја поради која го формирав хорот, но потоа секако го проширивме нашиот репертоар. Веќе имаме 50-тина први изведби во Македонија, не само на македонски автори, туку и композиции на странски автори коишто никогаш не зазвучиле кај нас со ваков хор, додава диригентот и основач на „Про Арс“, Сашо Татарчевски.

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на една од најистакнатите македонски пијанистки Марија Ѓошевска.


Во рамките на музичкиот дел од програмата во „Света Софија” со почеток од 20 часот солистички концерт ќе одржи Марија Ѓошевска, една од најистакнатите пијанистки во земјата.
Критиката вели дека секој нејзин нов настап ја потврдува констатацијата дека во нејзината личност македонската музичка сцена доби пијанист со врвни професионални перформанси, мунициозна виртуозност и изразита индивидуалност. Музичкото образование го започнува во Неготино во класата на проф.Камелија Кулакова, а средното музичко училиште го завршува во ДМБУЦ “Илија Николовски Луј” во класата на проф.Снежана Анастасова – Чадиковска. Дипломира, магистрира и докторира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на истакнатиот пијанист и педагог проф.Борис Романов.

Добитник е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари. Како солист и камерен музичар настапува на повеќе реномирани меѓународни фестивали: „Охридско лето”, „Скопско лето”, „Интерфест” – Битола, “Хераклејски вечери” – Битола и во повеќе земји низ Европа и светот: САД, Англија, Франција, Австрија, Италија, Полска, Чешка, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција итн. Настапува како солист со Филхармонијата на Р.Северна Македонија, а значајни се и концертите со Дубровничкиот симфониски оркестар, Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија и фестивалскиот оркестар на меѓународниот фестивал „Охридско лето” соработувајќи со повеќе диригенти: Кристоф Кампестрини, Антон Нанут, Леонид Николајев, Патрик Штруб, Арилд Ремерајт, Јуриј Алиев, Саша Николовски – Ѓумар, Борјан Цанев и др.
Созревањето на Марија Ѓошевска во музичар со врвни перформанси се отчитува и во нејзините чести ангажмани како камерен музичар и пијано – соработник со истакнати инструменталисти. Член е на камерното трио „ВАМ“ со виолинистот Владимир Костов и челистот Александар Котевски, а како пијано дуо соработува со Елена Атанасовска -Ивановска.
Hа покана од Државното музичко училиште во Битола, Ѓошевска во периодот од 2009 до 2011 година учествува на европскиот проект „Пијано – рефлексија на европската култура” со концерти во пет земји: Франција, Австрија, Полска, Молдавија и Северна Македонија. Во 2016 г. Ѓошевска ја добива престижната награда „Виртуози“ за најдобар музички изведувач во Р. С. Македонија, а во 2018 ја добива наградата „Златна лира“ од Сојузот на музички уметници на Македонија за врвни уметнички достигнувања.
Марија Ѓошевска е редовен професор на катедрата по пијано и раководител на трет циклус – докторски студии на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје, член на Сојузот на музички уметници на Северна Македонија и член на Сојузот на музички педагози на Република Северна Македонија.

Во рамките на драмската програма, вечерва на Охридско лето, Театар Комедија ја носи претставата „Човек ѕвер и доблест” од Луиџи Пирандело во режија на Егон Савин. Улогите во претставата ги толкуваат Атанас Атанасовски, Сашо Ристовски, Тони Денковски, Сашка Димитровска, Жарко Димоски, Кристина Ласовска, Жаклина Стевковска Дрнасин и Ева Скендеровска. Претставата ќе се игра на сцената на Долни Сарај со почеток од 22 часот.

Режисерот Савин за авторот Пирандело вели дека долго пишувал, поминувајќи ги сите фази – од натурализам преку експресионизам и футуризам до авангарда – но во сите свои дела тој секогаш се занимава со „кризата на моралот“. Лагата и лицемерството е невозможно човековиот однос да го измери, не постои човек што не посегнал по лагата за да ги прикрие своите пороци и слабости. Пиранделовата лична и литерарна слобода се состои во тоа работите да ги нарекува со свое име.
Во современиот театар има изобилство претстави кои зборуваат за човекот кој се конфронтира со власта, полицијата, војската, бирократијата… Но што се случува со човекот кој е загрозен од своите сакани, од оние што му се најблиски?

Семејната драма е најдобра драма. Секогаш неочекувана, никогаш отворена, секогаш мимикрирана, маскирана со ритуалите на семејниот живот. Понекогаш оваа игра има маска на пријателство, нежност, еротска љубов, грижа и пожртвуваност.
Овие „маски“, овие ритуали на секојдневниот живот им овозможуваат на луѓето колку-толку поднослив живот, без крв. Таквиот живот по одредено време резултира со презир и омраза кон себеси, резултира со меланхолија, со лудило…
Егон Савин е редовен професор на Катедрата за режија на Факултетот за драмски уметности во Белград. Савин има режирано околу стотина претстави во сите значајни театарски куќи низ цела бивша Југославија, како и во Унгарија и во Италија. Неговите претстави се играат насекаде низ светот, а добитник е и на голем број домашни и меѓународни награди за режија.
Претставата „Човек, ѕвер и доблест“ (Л. Пирандело) му е трета режија во Северна Македонија. Во средината на деведесеттите години Савин работеше на претставите „Злосторство и казна“ и „Лаж и Паралаж“, поставени во МНТ – Скопје

На програмата на Охридско лето, а во рамките на музичкиот дел, вечерва концерт ќе одржи Професионалниот мешан хор „Про Арс“ под диригенската палка на Сашо Татарчевски. Концертот е со почеток од 21 часот во Предворјето на црквата Св.Софија.
Професионалниот мешан хор „Про Арс“ е формиран 2011 година од диригентот Сашо Татарчевски по повеќегодишно делување во сферата на хорската уметност и анализа која укажа на недостаток на еден ваков ансамбл, кој професионално и пред сѐ квалитетно ќе одговори на потребите на музичката сцена во Р. Северна Македонија.
Предностите на хорот станаа видливи уште во првата година од неговата активност, презентирајќи висок квалитет на изведбите, мобилност и можност за изведба на широк репертоар со различна жанровска определба. Посебен акцент и посветеност се дава на веќе постоечкото македонско хорско творештво, но и на поттикнувањето на младите автори за пишување нова хорска музика. Во своето деветгодишно делување, хорот веќе оствари самостојни концерти со уметничка хорска музика, концерти на „Денови на македонска музика“ со праизведби на композиции од македонски и странски автори, концерт на „Охридско лето“, соработка со разни фондации и здруженија во реализирање концертни програми со хетерогена жанровска определба. Од 2018 г. хорот е редовен гостин на концертите со вокално-инструментална музика на Филхармонијата на Република Северна Македонија, настапувајќи не само со маестро Татарчевски, туку и со диригенти како Густав Кун, Емил Табаков и др. „Про Арс“ во последните шест години реализирал огромен број студиски снимки за едукативни програми, солистички албуми, како и филмска музика за високо буџетни интернационални филмски остварувања во студиото ФАМЕС.

Од 2017 година хорот ја започна и својата меѓународна афирмација со настапите на престижни сцени во Солун, Софија и Виена. Членовите на професионалниот хор „Про Арс“ се млади, мотивирани, вокално образувани хорски уметници, комплетно подготвени за ефективна и професионална работа.
Сашо Татарчевски е роден во Битола каде го почнува своето музичко образование. Дипломира и магистрира на ФМУ Скопје на катедрите за хорско и оркестарско-оперско диригирање. Посетува и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Берлин, Москва, Фиренца, Сартеано и Санкт Петербург.
Настапувал со различни ансамбли вклучувајќи ги Македонската филхармонија, оркестарот на МОБ, симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, државниот симфониски оркестар на Русија, симфонискиот оркестар на Ермитаж, камерниот оркестар на Битола, симфонискиот оркестар на ФМУ, “Солисти на ФМУ“, Битолската опера, ансамблите за современа музика “Алеа“ и “КонТемпора“, хоровите “Магнолија“ од Словачка, „Кантемус“ од Унгарија, “Кантабиле“ и “Иполотов-Иванов“ од Русија, вокалниот ансамбл на “Танец“ и други камерни и симфониски состави.

Освен на сцените низ Македонија, вклучувајќи ги и најреномираните манифестации како Охридско лето, Скопско лето, Денови на Македонска музика, Битфест, Есенски музички свечености и многу други, има настапувано со различни ансамбли во Португалија, Словенија, Шкотска, Белгија, Грција, Швајцарија, Шпанија, Хрватска, Италија, Србија, Бугарија, Чешка, Словачка, Русија, Франција, Турција, Полска, Романија и Австрија. Има освоено голем број награди на меѓународни хорски натпревари како и специјални награди за диригирање во Чешка, Полска и Бугарија.
Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и диригент на камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ и мешаниот хор “Драган Шуплевски“. Татарчевски е исто така основач и уметнички раководител на професионалниот хор “Про Арс“ и диригент на Женскиот младински хор при МКЦ.
