Skip to content
Фестивалот „Охридско лето“ вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 20 часот носи концерт на дрвениот дувачки квинтет „Пилекадоне“ од Бугарија.
Овој квинтет го сочинуваат флејтистката Мила Павлова, обоистот Валентин Методиев, кларинетистот Венелин Пиперов, хорнистот Јасен Теодосиев, како и Евгениј Тонев кој свири на фагот. Го формирале кога биле тинејери пред 25 години.
Секој од уметниците во овој дрвен дувачки квинтет има активна кариера како солист, а сите се членови на елитните бугарски оркестри: Софиска филхармонија, Оркестар на Бугарското радио, Класик ФМ оркестарот.
Ансамблот „Пилекадоне“ е награден со престижната награда „Златна лира“ што ја доделува Сојузот на бугарските музичари и танчери за особени достигнувања во изведувачката уметност. Квинтететот настапува на сите значајни фестивали во Бугарија и надвор од неа, соработува со некои од најпознатите бугарски композитори меѓу кои и номинираната за ГРЕМИ награда, Добринка Табакова, која како и другите композитори, му посветува дела токму на „Пилекадоне“. Нивниот израз ги надминува границите на традиционалниот класичен концертен пристап, честопати преплетувајќи се со нови форми како мултимедија, концептуална уметност, соработка со актери и танчери како и со хорот на „Софиските момчиња“. Една од новите и позначајни соработки е концертното партнерство со светски познатата виолинистка Албена Данаилова која е концерт-мајстор на Виенската филхармонија.
Бугарската национална телевизија на квинтетот „Пилекадоне“ годинава им посвети филмуван концерт.

„Спокоен сум ко врвот… Не прашувам зошто сум се извишил“ е насловот на мултимедијалниот проект на уметникот Драган Спасески Охридски којшто заедно со пресекот од неговите најзначајни ликовни и поетски дела ќе биде промовиран во рамките на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“,вечерва, со почеток во 21 часот во катедралната црква „Света Софија“.
Спасески Охридски одбележува три децении од неговата прва самостојна изложба што се случи во 1989 година кога всушност тој го направи и првиот мултимедијален проект во нашата држава, насловен како „Апокалиптичен нарцис“.
Драган Спасески Охридски е роден 1960 година и по професија е доктор-специјалист ортопедски хирург.
Досега ги реализирал следните мултимедијални проекти:„Апокалиптичен нарцис“ (1989 год.), „Сѐ трепери (1996 год), „Блиску до сонцето и љубовта мракот помалку боли“ (1999 год), „Вибрација, креација, совршена релација“ (2001), „Охридски ангели“ (2003), „Погледни во себе“ (2004), „Трите точки“ (2008), „Охридски бисери на мудроста“ (2010), „Битолска трилогија“ (2011), „Човек е трепет …и ангелот трепет е …а ти Боже мој…“ (2017 год.), Скоро сите мултимедијални проекти се составени од изложби на ликовни дела и промоција на книги – поезија со истоимениот наслов како мултимедијалниот проект, а некои се проследени и со архитектонски ентериерни креации.


Познатиот македонски уметник со светско реноме Дуке Бојаџиев вечерва ќе биде дел од фестивалот „Охридско лето“. Концертот ќе се одржи на сцената „Долни Сарај“ со почеток во 22 часот, а освен него, како вокал и клавирист, ќе настапат Исмаил Лумановски на кларинет, Мартин Ѓаконовски на контрабас, Костас Анастасиадис на тапани, како и Наташа Петровиќ, вокал и нарација
Дуке Бојаџиев е македонски композитор, пијанист и продуцент кој од 2001 година живее и работи во Њујорк. Тој има дипломирано на Медицинскиот факултет во Скопје, а потоа на музичкиот колеџ „Беркли“ во Бостон. Низ неговата интернационална кариера, Дуке има работено со добитниците на Оскар, Џонатан Деми и Денис Тановиќ, како и со Рајко Грлиќ и Столе Попов.
Неговата музика е користена за светски кампањи на брендови како: „Пежо“, „Ланком“ и „Лореал“, разни светски компилации како Буда Бар и Маракеш Експрес. Има работено со артисти како Синди Лопер и „Телепоп Мјузик“, а има настапувано во светски концертни сали меѓу кои: „Карнеги Хол“ во Њујорк, „Авалон театар“ во Лос Анџелес и на Античкиот театар во Охрид.

Перфекција во музичката креација донесе пијано дуото Гелебешеви кои синоќа одржаа концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Катерина Гелебешева-Костадиновска и Глигор Гелебешев на едно пијано, но со четири раце ги доловија суштинските одлики на композициите шти ги изведоа, од технички, уметнички и стилски аспект.

-Не ни е првпат да учествуваме на фестивалот „Охридско лето“. Сме настапувале и претходно, но не со целовечерен концерт. Синоќа пред фестивалската публика се претставивме со неколку композиции. Започнавме со делото „Сувенири“ од Семјуел Барбер, оригинална композиција за четири раце. Ги свиревме „Шпанската рапсодија“ од Морис Равел, „Шпанија“ од Емануел Шабрие, како и шесте пиеси за четирирачно пијано од Сергеј Рахмањинов. Две композиции од синоќешниот концерт се наоѓаат на нашето второ ЦД, вели пијанистката Катерина Гелебешева-Костадиновска.
Гелебешеви настапуваат како пијано дуо од 2001 година, но се дел и од други камерни состави.

-Синоќа приредивме концерт за четири раце на пијано и програмата беше избрана за едно пијано, но четирирачно. По настапот на „Охридско лето“, не’ очекуваат неколку концерти наесен, претежно во Скопје, а предвидени се и гостувања надвор од државата, вели пијанистот Глигор Гелебешев.
Освен домашните настапи, пијано дуото Гелебешеви постепено започна да ја проширува својата концертна дејност на интернационално ниво и тоа во Франција, Холандија, Италија, Романија, Полска, САД, Хрватска, Словенија и други држави. Двајцата исклучитено добри пијанисти се дел и од домашната музичка сцена. Меѓу другото настапувале и на реномираните фестивали како: „Интерфест“ и „Хераклејски вечери“ во Битола, на „Денови на Македонска Музика“ – Скопје, како и на „Златна лира“ – Скопје.
Во 2012 година, ја добиваат наградата „Златна лира“ врачена од Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ). Дуото во 2016 година го бележи и својот прв настап со Македонската филхармонија изведувајќи го концертот за две пијана и оркестар од Франсис Пуланк.
Нивниот репертоар во континуитет се надградува и опфаќа дела од сите музички периоди од класиката, преку романтизмот до современата музика. Во текот на својата повеќегодишна работа, дуото Гелебешеви имаат објавено и две аудио изданија во 2008 и 2018 година кои наидуваат на одличен прием кај стручната музичка јавност.

„Спокоен сум ко врвот… Не прашувам зошто сум се извишил“ е насловот на мултимедијалниот проект на познатиот уметник Драган Спасески Охридски којшто заедно со пресекот од неговите најзначајни ликовни и поетски дела ќе биде промовиран во рамките на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“, утревечер, со почеток во 21 часот во катедралната црква „Света Софија“.
Спасески Охридски одбележува три децении од неговата прва самостојна изложба што се случи во 1989 година кога всушност тој го направи и првиот мултимедијален проект во нашата држава, насловен како „Апокалиптичен нарцис“.

-Оваа година славам 30 години творештво. Насловот на овој мултимедијален проект е „Спокоен сум ко врвот… Не прашувам зошто сум се извишил“. Проектот се состои од два дела, едниот дел е промоција на книга со истиот наслов„Спокоен сум ко врвот…Не прашувам зошто сум се извишил“ и пресек од досегашното творештво ќе биде презентиран во катедралната црква „Света Софија“. Промотор ќе биде проф.д-р Кристина Николовска, а стихови ќе чита актерот Димитрие Доксевски. Другиот дел ќе се одвива на терасата „Аквариус“ каде што исто така ќе биде презентирано дел од моето творештво, „Охридските ангели“, компјутерска графика.Гости ќе бидат „Кукузел“, млади уметници кои се занимаваат со музика, најави уметникот Драган Спасески Охридски.
По повод тридецениот творечки јубилеј на Драган Спасески Охридски, градоначалникот на Охрид, кој е колега, но пред се’, и пријател на Спасески, вели дека големо богатство е Охрид да има ваков сестран интелект каков што е токму Спасески Охридски.
-Со Драган Спасески Охридски сме пријатели и колеги повеќе од две децении. Сакам да му честитам за 30-годишниот јубилеј на едно извонредно творештво на повеќе полиња и да му се заблагодарам за сите совети и патишта на кои ме насочил во животот. Како градоначалник на Охрид, би истакнал дека вистинско богатство е да имаме еден ваков сестран интелект во градот,а потоа и доктор, и уметник, и пред се’, човек. Сум ги посетил повеќето негови изложби, а со нетпрпение очекувам да ја погледнам и последната изложба, вели Георгиески.
Драган Спасески Охридски е роден 1960 година и по професија е доктор-специјалист ортопедски хирург.
Досега ги реализирал следните мултимедијални проекти:„Апокалиптичен нарцис“ (1989 год.), „Сѐ трепери (1996 год), „Блиску до сонцето и љубовта мракот помалку боли“ (1999 год), „Вибрација, креација, совршена релација“ (2001), „Охридски ангели“ (2003), „Погледни во себе“ (2004), „Трите точки“ (2008), „Охридски бисери на мудроста“ (2010), „Битолска трилогија“ (2011), „Човек е трепет …и ангелот трепет е …а ти Боже мој…“ (2017 год.), Скоро сите мултимедијални проекти се составени од изложби на ликовни дела и промоција на книги – поезија со истоимениот наслов како мултимедијалниот проект, а некои се проследени и со архитектонски ентериерни креации.
Спасески Охридски е голем презентер на македонската уметност надвор од границите на земјава.

Извонредната руска пијанистка Виолета Егорова синоќа приреди неповторливо доживување на „Охридско лето“ одржувајќи концерт во рамките на музичката програма на фестивалот.
Егорова фасицинира со концертниот артизам. Со внимателно избраниот репертоар, со нејзината музичка интерпретација што подразбира неверојатна леснотија и префинета техника, ги разбранува чувствата кај фестивалската публика која уживаше во романтичната вечер.

-На сцената во црквата „Света Софија“ има прекрасни акустични ефекти. За концертот подготвив програма од западни композитори, а исто така и дела од руски композитори. Донесов романтични дела за публиката, вели Егорова.
Виртуозното мајсторство врз пијаното започна со Импромпти оп. 142 бр. 3 B-dur од Франц Шуберт, а потоа продолжи со четирите пиеси за пијано од Јоханес Брамс, баладата број 4 во ф-мол од Фредерик Шопен. За да биде комплетна романтичната вечер со пијано, Егорова ги изведе и сонатата „сеќавање“ од Николај и 24 прелудиуми од Александер Скрјабин.

Целокупниот амбиент каде што настапи, според неа, е совршено место кое инспирира и придонесува за достигнување високи уметнички дострели.
-Ми требаше само мал разглед за да го засакам градот.Прекрасен поглед, прекрасно езеро, пријатна атмосфера и совршено место за уметнички дострели. Не настапувам често во регионот на Балканот. Свирам во Италија и Германија, но за фестивалот „Охридско лето“ знам откако паметам за себе, додава Егорова.
Лауреатот на бројни интернационални награди, Виолета Егорова, другарува со пијаното од четиригодишна возраст а своето деби го има на свои 12 години со целовечерен рецитал. Предава пијано на Академијата „Рахмањинов“ во Катанија каде што е претседател и основач на интернационалната награда „Сергеј Рахмањинов“. Уметнички директор е на Интернационалниот фестивал „Концертфест“ во Москва и е активен член на Интернационалната Академија за информатизација која има консултативен статус при Обединетите нации од 1995 година.

Фестивалот „Охридско лето“ вечерва во црквата „Света Софија“ во стандардниот термин од 21 часот носи концерт на пијано дуото Гелебешеви.
Уште од периодот на почетоците на своето делување во 2001 година, пијано дуото Гелебешеви составено од Катерина Гелебешева – Костадиновска и Глигор Гелебешев се промовираа како ансамбл со ретка виталност и свежина на нашата музичка сцена.

Според музичката стручна крритика, настапите на дуото Гелебешеви се карактеризираат со перфекција во музичката креацијата доловувајќи ги суштинските одлики на композициите од технички, уметнички или стилски аспект.
Од нивните првични домашни настапи кои често вклучуваат и премиерни изведби, дуото Гелебешеви постепено започна да ја проширува својата концертна дејност на интернационално ниво и тоа во Франција, Холандија, Италија, Романија, Полска, САД, Хрватска, Словенија и други држави. Дуото Гелебешеви имаат остварено настапи во речиси сите градови во земјава и на реномираните фестивали како: „Интерфест“ – Битола, „Хераклејски вечери“ – Битола, „Денови на Македонска Музика“ – Скопје, „Златна лира“ – Скопје. Во 2012 година, ја добиваат наградата „Златна лира“ врачена од Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ). Дуото во 2016 година го бележи и својот прв настап со Македонската филхармонија изведувајќи го концертот за две пијана и оркестар од Ф. Пуланк.

Нивниот репертоар во континуитет се надградува и опфаќа дела од сите музички периоди од класиката, преку романтизмот до современата музика. Во текот на својата повеќегодишна работа дуото Гелебешеви имаат објавено и две аудио изданија во 2008 и 2018 година кои наидуваат на одличен прием кај стручната музичка јавност.

Познатата руска пијанистка Виолета Егорова денеска ќе настапи во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, а ќе бидат изведени дела од композиторите Франц Шуберт, Јоханес Брамс, Фредерик Шопен, Николај Медтнер и Александер Скрјабин .
Родена во Краснобар, Виолета Егорова започнала да свири пијано на четиригодишна возраст, дебитирајќи со целовечерен рецитал кога имала 12 години. Образованието го почнува во Централното училиште за талентирани деца во Москва, а продолжува на Московскиот конзерваториум „П.И.Чајковски“ под менторство на прочуениот Лев Наумов. Додека сѐ уште била студент, нејзиниот талент го препознава Руско-Американската корпорација „ Уметност и електроника“ и ѝ овозможува да сними ЦД со дела од Моцарт и Прокофјев одбележувајќи ги годишнините од раѓањето на овие композитори. Потоа, снима уште неколку носачи на зву.
Виолета Егорова е лауреат на повеќе интернационални натпревари. Често како солист настапува со реномирани оркестри. Предава пијано на Академијата „Рахмањинов“ во Катанија, каде е претседател и основач на интернационалната награда „Сергеј Рахмањинов“. Уметнички директор е на Интернационалниот фестивал „Концертфест“ во Москва и е активен член на Интернационалната Академија за информатизација која има консултативен статус при Обединетите нации од 1995 година.

Прекрасен концерт приредија синоќа флејтистката Јонела Големи и пијанистката Мерита Реџа Тершана од Република Албанија на фестивалот „Охридско лето“.
Двете извонредни уметници во црквата „Света Софија“ настапија со програма за која, како што велат, ја подготвиле токму за фестивалската публиката. Музичкото доживување започна со Сонатата за флејта и пијано од Франсис Пуланк.
– Подготвивме специјална програма која е комбинација од класична музика и современи жанрови. Започнавме со сонатата на Пуланк, а продолживме со композиција од Франц Доплер, потоа ја изведовме Сонатината за флејта и пијано од Жак Ибер. На репертоарот беше застапен и Оливие Месијан со композицијата „Црна птица“. Исто така го отсвиривме и делото „Цигански напеви“ од Пабло де Сарасате, изјави флејтистката Јонела Големи.

Албанските уметници покажаа совршена техника на музицирање,а меѓу другите композиции од програмата изведоа и дело на македонски композитор, композицијата „Сам – Езгија“ од Гоце Коларовски.
-Со огромно задоволство ја изведуваме оваа композиција на Коларовски. Јас третпат настапувам на фетсивалот „Охридско лето“, но мојата колешка Јонела Големи е првпат на фестивалот „Охридско лето“. За нас е огромно задоволството што настапуваме на овој реномиран фестивал во светски рамки и сме благодарни на поканата за нашиот настап, вели пијанистката Мерита Реџа Тершана.

Освен како дуо,Големи и Тершана, настапуваат и во трио со други уметници. Велат дека нивната соработка трае од поддамна и ќе продолжи во иднина.
Јонела Големи дипломирала на отсекот за флејта на Универзитетот во Тирана, по што во 1997 година заминува на студии во Париз каде на Конзерваториумот работи под менторство на П.И. Арто, по што следеле судии на Екол Нормал „А. Корто“ и четиригодишни студии на регионалниот национален конзерваториум „Сен Мор де Фосе“кај проф. П. Легор каде се здобива со златен медал и дипломи на студиите по флејта, камерна музика и педагогија. Добитничка е на бројни награди и признанија, прв победник е на натпреварот „Н. Зораки“ и прогласена е за музички уметник на годината во 2018 година на доделувањето на наградите „Култ“ откако три последователни години била номинирана за оваа награда.

Член е на оркестарот „Француски флејти“ каде ги свири сите инструменти од семејството флејти, пиколо, алт, бас, октобас, а е прва флејта на оркестарот на Албанската радио-телевизија.
Критиката, публиката и медиумите ја сметаат пијанистката Мерита Реџа Тершана за една од најактивните уметници на албанската територија, и таа продолжува да гради кариера полна со нови достигнувања.
Добитничка е на импресивна бројка на национални награди како – Изведувач на годината на албанскиот фестивал за современа музика во 1996, Изведувач на годината и добиник на Култ наградата во 2010 и 2016. Како солист настапува со повеќе оркестри вклучително со оркестарот на Албанското радио и ТВ, оркестарот на Универзитетот во Тирана и оркестарот на Операта.Како солист е често настапува на познати фестивали во Албанија и Европа. Предава пијано како вонреден професор на Универзитетот за уметности во Тирана.

Во рамките на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“, во предворјето на црквата „Света Софија“ синоќа беше отворена изложба на слики под наслов „Бранови и мисли“ од д-р Наташа Попоска Карче.
Промотори на ликовната поставка беа познатиот охридски уметник д-р Драган Спасески Охридски и д-р Иван Заров, историчар на уметност.

Како што истакна Спасески Охридски, Наташа Попоска Карче, она што длабоко го чувствува во себе, нејзиниот однос кон надворешниот свет, го искажува не само преку сопствената работа како стоматолог, туку и преку сопствената креација.
-Јас како промотор на оваа изложба сум со големо очекување дека во иднина уште повеќе ќе го надмине стилот, вештината на изразувањето од таа „ла бравура дел тако“. Суштината на оваа изложба претставува вадење од најдлабоките душевни слоеви на мисли и емоции и преку тоа мајсторство на допир го изразува она што е најсуптилно во неа-нејзините лични ставови за животот, за уметноста, за духовното, истакна д-р Драган Спасески Охридски.
Според д-р Заров, многу е тешко да се прави опис на хабитусот на некој пријател којшто, како што рече, по вокација е стоматолог.
-Јас сум професионален историчар на уметност и за мене понекогаш е хендикеп, историчар на уметност да зборува за свој пријател. Меѓутоа, Наташа има несомнено еден деликатен , сензуален однос кон формата и бојата.Таа прво ја доживува уметноста, а подоцна ја создава. Целиот нејзин буен внатрешен живот го одразува нејзиниот сензибилитет преку форма. Можеби неслучајно е избран овој наслов, „Бранови и мисли“, зашто бранот е синоним на мислата, а чувството е боја, рече Заров.
Д-р Наташа Попоска Карче е родена 1972 година во Охрид. Стоматолог по професија, од 2013 година, почнува да го моделира и создава својот ликовен и интимен сензибилитет создаваќи реални но и имагинарни пејзажи кои го отсликуваат нејзиниот динамичен и исполнет живот.

-Среќна сум што ве има во толкав број на отворањето на мојата самостојна изложба. Се чувствувам прекрасно и возвишено оваа вечер. Некои од вас ме познаваат, некои можеби не, и сите се прашувате како сум почнала да сликам. Можеби некој добар демон живее и дејствува преку мене, не знам, но сликам затоа што сакам. Го сликам тоа што го чувствувам, и навистина уживам во тоа. Мојата порака вечерва ќе ви ја преточам во бранови и мисли зашто мислата е бран. Ако успеам по неколку дена некој да се сети на моите дела или на некој мал детаљ, и ако упее во него да разбуди чувство и да нурне длабоко во себе и да ги открие убавите нешта што сите ние ги имаме во нас, тогаш сме ја постигнале целта, им се обрати д-р Попоска Карче на посетителите на изложбата.
Позади Наташа Попоска Карче стојат самостојната изложба во Охрид на Терасата во Аквариус во 2016 година, а во јули 2017 година, со свои дела учествува на традиционалната манифестација „На зајдисонце“ што се одржува во Трпејца .


