„Охрид е прекрасен. Не сум знаел дека е толку уникатен  и единствен, едноставно  сум  воодушевен“, рече   познатиот виртуоз на виолина  Стефан Миленковиќ од Србија , при неговата прошетка  низ градот со професионален туристички водич.

Заедно со неговиот колега пијанистот Владимир Милошевиќ  беа воодушевени од  културно-историското богатство  во стариот дел на градот.

– Многупати сум бил во Охрид , сум настапувал на концерти,  но никогаш не сум имал прилика да прошетам и да ги слушнам овие факти за 365-те цркви, за првиот карантин во Европа, за најстариот музеј и универзитет пред Болоња, за светите Климент и Наум. Среќен сум што имав ваква прилика овозможена од фестивалот „Охридско лето“,  рече Миленковиќ.

-И јас сум бил во Охрид , но никогаш не сум прошетал со професионален туристички водич. Ова е прекрасна можност да се зазпознае културата, традицијата и историјата на овој толку посебен, прекрасен град. Пресреќен сум што имав ваква можност, рече Милошевиќ.

Со голем интерес двајцата врвни музичари ја слушнаа и вековната приказна за охридските бисери од семејството Филеви.  Михајло Филев како добар домаќин им подари бисерни манжетни за спомен од Охрид.

-Воодушевен сум од охридските бисери и начинот на нивното производство. Многу сум благодарен за овој подарок и секаде ќе раскажувам за гостопримството во Охрид, рече Миленковиќ.

Фестивалот „Охридско лето“ оваа година за прв пат воведе туристички водич за уметниците. Целта е врвните светски музичари и актери да ја слушнат приказната за древниот Охрид и да понесат и споделат  незаборавнни спомени.

  

Неверојатната виртуозност, исклучителна техничка подготвеност, неприкосновен стил на интерпретација и оригинални аранжмани донесе синоќа рускиот квартет „Терем“ на музичкиот репертоар на фестивалот „Охридско лето“.

Страсната и жива музика која се создаваше на традиционалните руски инструменти и низ која звучеа акродите на руската душа, не ја остави рамнодушна публика во црквата „Света Софија“. Овој состав синоќа музицираше на сопран домбра, бајан/хармоника, алт домбра, како и на контрабас, инструменти кои исто како и концертната програма, привлекоа големо внимание.

„Терем“ квартетот на чиј репертоар се наоѓаат дела од класичната музичка литература, обработка на стари руски фолклорни мотиви и соверемена музика од различни жанрови, се претставија со внимателно одбран репертоар, почнувајќи од Руските страсти на Токата и фуга во d-moll, преку Фантазијата на тема на аријата на Принцезата Лебед од „Сказната за Цар Салтан“, па продолжи со Алегрето од Сонатата бр. 17 d-moll од Бетовен, а се изведоа и дела од Сергеј Рахмањинов, Валентин Гаврилин – Тарантела,  Чајковски и Шуберт.

Вториот дел концертот  исто така донесе богатство од автори, како Владимир Иванов, Дмитри Шостакович, Стефан Грапели, Жерардо Матос Родригез, Џорџ Гершвин, Лало Шифрин, како и музика од филмовите на Чарли Чаплин.

Репертоарот на ансамблот се состои од повеќе од 500 композиции, оригинални транскрипции, парадоксални фантазии инспирирани од популарни теми од класичната и современа музика, како и фолклор, џез и музика од филм. Креативноста ја црпат од руската уметност и од старите традиции, поради што честопати ја претставуваат Русија во светот.

Нивните настапи го рефлектираат живеењето и музиката на 21 век- позитивно, енергично, полно со радост и љубов што говори за фундаменталните вредности на квартетот „Терем“ и нивната желба да го направат светот поубаво место за живеење.

Големиот вируоз на виолина со светско реноме, Стефан Миленковиќ од Србија утревечер ќе одржи концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“ заедно со неговиот колега, пијанистот Владимир Милошевиќ.

Како што истакна директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, на денешната прес-конференција,  станува збор за уметник кој е  миленик на сите генерации и кој секогаш и’приредува на публиката концерти за паметење.

-Стефан Миленковиќ во Србија ги носи титулите за Уметник на векот, Најхумана личност, Личност на годината и е еден од најпознатите уметници кој гради кариера на сцените во светот. Како еден од најталентираните уметници од овие простори, Стефан Миленковиќ повеќе пати настапува на најпрестижните концертни подиуми во светот, солистички или со бројни оркестри под диригентските палки на Сер Невил Маринер, Лорин Мазел, Владиимир Федосејев и Даниел Орен. Убедена сум дека утрешниот концерт ќе се запише во листата најдобри концерти во фестивалската историја на Охридско лето. Стефан Миленковиќ ќе настапи заедно со Владимир Милошевиќ кој важи за еден од најистакнатите српски пијанисти на неговата генерација, рече Поповиќ.

Виолинистот Миленковиќ не го криеше задоволството што е повторно во Охрид, каде, како што рече, има прекрасни спомени од детството и многу пријатели. За концертот што ќе го одржи утре, тој најави дека станува збор за добро одбрана, летна, но квалитетна програма.

-Се надеваме дека концертот утревечер ќе и се допадне на публиката бидејќи се работи за атрактивна програма. Ќе има од се’ по малку. Сите дела со кои ќе настапиме се многу важни. Ќе почнеме со бетовеновата Соната број 1, неговата прва соната со многу енергија, ремек дело зашто тој не објавувал ништо што не е совршено подготвено. Потоа ќе има еден балет, „Бакнежот на самовилата“ од Игор Стравински. Од него е направена свита во кусо издание од 20-тина минути. Во вториот дел започнуваме со македонска премиера, дела на италијанскиот композитор Никола Кампогранде со едно дело што го напишал по примерок на Паганини, поточно инпирирано од Паганини, а изведено на современ начин на виолина и пијано.  Потоа ќе следува делото „Легенда“ од полскиот композитор Хенрик Виењавски. На крајот ќе отсвириме валц-скерцо од Петар Илич Чајковски, најави српскиот виртуоз на виолина Стефан Миленковиќ, не откривајќи какво изнедаување подготвува за публиката што утревечер ќе го  следи нивниот настап.

Неговиот колега, пијанистот Владимир Милошевиќ, истакна дека првпат настапува на фестивалот „Охридско лето“ , но редовно ја следи и чита за фестивалската програма преку интернет.

-„Охридско лето“ е еден од најзначајните фестивали во овој дел од Европа, и токму поради тоа, голема е честа да се настапи овде. Секоја година ја следам програмата преку интернет, и се радувам што има одлични концерти и фантастични уметници, рече Милошевиќ.

Директорката на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ на денешната прес-конференција истакна дека и по единаесет дена од отпочнувањето на 59-тото фестивалско издание со спектакуларниот концерт на големата виолинистка на денешницата, Ванеса Меј за кој се бараше карта повеќе, Охрид, во текот на изминатите денови е вистински град на културата преку фестивалските концерти кои  се исполнети до последно место.

-Имавме извонредно талентирани и маестрални уметници кои донесоа незаборавни вечери за публиката што ја имаме од сите светски меридијани. Со извонредни уметници се одржаа  Полската вечер и Вечерта на Европската унија,  а синоќа фестивалската публика беше воодушвена од Омажот на Георг Фридрих Хендл што го приреди италијанскиот ансамбл „Дорико“ совршено владеејќи со барокните инструменти. Фестивалската публика имаше ретка можност да ужива и во прекрасната балетска претстава   „Либертанго“ на Националната опера и балет на Република Северна Македонија што се одржа во реконструираната сцена „Долни Сарај“.  Исто така и драмската програма предизвика голем интерес кај посетителите. Гледалиштата за претставите беа исполнети до последно место што ни дава за право да оцениме дека сме направиле квалитетна програма со која го продолжуваме трендот на успешни фестивалски изданија, нагласи директорката на фестивалот „Охридско лето“ Наташа Поповиќ.

Концертот на Стефан Миленковиќ и Владимир Милошевиќ ќе се одржи утревечер во црквата „Света Софија“ со  почеток во 21 часот.

Уникатниот руски квартет „Терем“ќе гостува на фестивалот „Охридско лето“ збогатувајќи ја музичката програма со целовечерен концерт што ќе се одржи вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Овој ансамбл го сочинуваат нацоналните уметници на Русија Андреј Константинов-сопран домбра и Андреј Смирнов- бајан/ хармоника, како и Алексеј Барсчев –алт домбра и Владимир Кудрјавчев- контрабас.

Квартетот „Терем“ е своевиден руски феномен, уникатен ансамбл кој руската фолклорна музика ја издигнува до за неа непознати висини. Неверојатната виртуозност, исклучителна техничка подготвеност, неприкосновен стил на интерпретација и оригинални аранжмани го прават овој квартет единствен од ваков вид во Русија. Секој член на квартетот е истовремено композитор, аранжер, импровизатор, но музиката која ја свират произлегува од нивната заедничка креативност.

Репертоарот на ансамблот се состои од повеќе од 500 композиции, оригинални транскрипции, парадоксални фантазии инспирирани од популарни теми од класичната и современа музика, како и фолклор, џез и музика од филм. Креативноста ја црпат од руската уметност и од старите традиции, поради што честопати ја претставуваат Русија на значајни манифестации и пред светски лидери меѓу кои Папата и Мајка Тереза во Ватикан, настапуваат во Палатата Ст. Џејмс на покана на принцот Чарлс, на самитот на Лидерите на  Г8 во Санкт Петербург и др. Нивното значење го покажува и годишниот „Терем Фестивал“ кој е еден од најважните музички случувања во културниот календар на Санкт Петербург на кој настапуваат светски познати имиња од  светската и крос-овер музиката правејќи го овој настан современ и релевантен за денешното живеење.

Музиката на „Терем“ е страсна, жива и низ неа звучат акордите на руската душа. Музичарите на сцената честопати излегуваат од рамките на „стандардниот концерт“ правејќи го поинакво театарско доживување низ дијалог со публиката. Нивните настапи го рефлектираат живеењето и музиката на 21 век- позитивно, енергично, полно со радост и љубов што говори за фундаменталните вредности на квартетот „Терем“ и нивната желба да го направат светот поубаво место за живеење.

Квартетот „Терем“ заедно со музејот „Ермитаж“, театарот „Марински“ и Рускиот музеј се сметаат за главни претставници на културниот живот на Санкт Петербург. Првиот концерт квартетот го реализирал  на 26 ноември 1986 година, и овој датум неговите членови го сметаат за роденден на ансамблот.

Со посебен пиетет кон музиката на големиот германски композитор Георг Фридрих Хендл кој заедно со Јохан Себастијан Бах се најзначајните претставници на музичкиот барок, ансамблот „Дорико“ од Италија синоќа на фестивалот „Охридско лето“ приреди Омаж на Хендл.

Концертната програма ја сочинуваа сонати, како и арии и дуети од оперите на барокниот великан, а  публиката во црквата „Света Софија“ уживаше во извонредниот настап на мецосопранот и виолинистка, Даниела Нуцоли, во прекрасниот глас со лирска убавина на мексиканскиот тенор Раул Хернандез, како и во музицирањето на виолинистката Клодијана Балбо, виолончелистот Алесандро Де Феличе и Џованимарија Перучи кој совршено владееше со чембалото.

Основач и диригент на ансамблот „Дорико“ е Даниела Нуцоли, која освен што плени со оперскиот настап како мецосопран во хенделовите арии и дуети, покажа и маестрална техника на барокната виолина.

-Огромна е честа што сме поканети да настапиме на фестивалот „Охридско лето“.Охрид е прекрасен град, луѓето се пријатни и културни, така што се чувствувам како да сум дома. Изненадена сум од „Охридско лето“. Толку голем фестивал, а беспрекорна организација. Оваа вечер ја посветивме на Хендл бидејќи е голем композитор. Го сакам зашто го претставува италијанскиот дух на многу хармоничен начин. За мене беше голем сон да му оддадам почит на овој композитор чиј дух го чувствувам и вечерва, овде во црквата „Света Софија“, изјави маестралната Нуцоли по завршувањето на вчерашниот концерт.

Ансамблот „Дорико“ настапува на барокни инструменти почитувајќи ги историските практики на интерпретација. Членовите на овој состав свиреле во некои од најзначајните оркестри посветени на стара музика како: „Џардино Армонико“, „Еуропа Галанте“, „Талент Лирик“, „Академија Бизантина“ и се посветени на популаризација на ваков тип музика, како и на откривање дела од ваков репертоар. Забележителни се и нивните настапи на голем број интернационални и национални фестивали.

  

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва во 21 часот во црквата „Света Софија“ со концерт на ансамблот „Дорико“ од Италија кој ќе приреди Омаж на Георг Фридрих Хендл.

Ќе настапат тенорот Раул Хернандез, Даниела Нуцоли -мецосопран и виолина, Клодиана Бабо на барокна виолина, Франческо Алесандро де Феличе на виолончело и Џованимариа Перучи на чембало.

Ансамблот „Дорико“ е група музичари што настапува на барокни инструменти почитувајќи ги историските практики на интерпретација. Членовите на овој состав свиреле во некои од најзначајните оркестри посветени на стара музика како: „Џардино Армонико“, „Еуропа Галанте“, „Талент Лирик“, „Академија Бизантина“ и се посветени на популаризација на ваков тип музика како и на откривања дела од ваков репертоар. Настапувале на голем број интернационални и национални фестивали.

 

Модерна приказна со силна егзистенцијалистичка позадина донесе синоќешната театарска претстава „Каде е пиштолот“  на текст од Габор Ѓореј, а во режија на Дејана Николовска што ја одигра Народниот театар од Охрид на фестивалот „Охридско лето“.

Охридските актери Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Ивица Цонев и Стрезо Стаматовски на мошне сатиричен начин ја доловија човечката дуална природа играјќи помеѓу позициите на репресор и потчинет низ петте ликови коишто го носат дејството.

Во затворениот простор на сцената, четворица луѓе седеа, а петтиот вперуваше пиштол во нив и не ги пушташе да излезат од собата. Целот време додека траеше дејството четири ликови ја посакуваа слободата, не чувствувајќи се добро внатре, а петтиот, оној којшто го имаше пиштолот уживаше во тоа да ги држи како заложници. .Пиштолот беше извор на сите проблеми.

Сценограф, костимограф и дизајн на светло во претставата „Каде е пиштолот“  е Милена Пантелеева, музиката е на Гаро Ашикјан. Кореографијата е на Асја Иванова, драматург е Кристина Тодороска Петреска,  инспициент Филип Ангеличин-Жура, а технички раководител Зоран Левески.

Габор Ѓоргеј е унгарски писател, драматург, режисер. Помеѓу 2002-2003 бил министер за култура на Унгарија. Бил уредник на бројни литературни списанија во Унгарија, член е на Унгарскиот ПЕН клуб. Бил главен драматург во Националниот унгарски театар, резидент во Мадаш Театар, како и на Панониа филм студио. Автор е на повеќе од литературни дела (драма, поезија, новели) а со пиесата „Каде е пиштолот” која се игра на многу меѓународни сцени стекнува интернационално реноме.

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ синоќа во црквата „Света Софија“ донесе концерт на Камерниот оркестар Софиски солисти  од Бугарија кој настапи под диригентската палка на маестро Георги Патриков.

Солист на вечерта беше познатиот македонски флејтист Страшо Темков кој вели дека првпат настапува со овој реномиран камерен состав.

-„Охридско лето“ е нашиот најпрестижен фестивал, гордост на државата. Мене ми претставува посебна чест секој настап на фестивалот. Годинава пак, ја имам честа да настапам со еден од најреномираните камерни оркестри на Балканот, па и пошироко, Софиски солисти. Што се однесува до репертоарот со кој настапивме, можам да кажам дека се работи за летна програма со која сакавме да ја релаксираме публиката од секојдневието, вели флејтистот Темков.

Публиката уживаше во Античката свита на композиторот Џон Рутер, во моцартовото Диовертименто за гудачи, во Едноставната симфонија на Бенџамин Бритн, во Серенадата од Антонин Дрворжак, а извонредните музичари ја доловија и композицијата Македонско капричо од Драган Шуплевски.

Камерниот оркестар „Софиски солисти“ е основан во 1962 година од страна на група млади музичари, тогашни членови на Софиската опера. Првиот концерт се одржал во март 1962 година под диригентската палка на Михаил Ангелов и веднаш ги освоил симпатиите на софиската публика. Ансамблот остварил бројни турнеи во земјите од Европа, но и 10 турнеи во САД, 13 во Јапонија, 7 во Кореја, но и настапи во Кина, Австралија и Јужна Америка. Настапувале во престижни концертни сали како: „Карнеги хол“ во Њујорк, „Ројал Алберт хол“ и „Барбикан“ во Лондон, „Гевандхаус“во Лајпциг, салата „Гаво“ во Париз, „Концертгебау“ во Амстердам, операта во Сиднеј, „Сантори хол“ во Токио и „Симфони хол“ во Осака.

Фестивалот „Охридско лето“ вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот ја продолжува музичката програма со концерт на Камерниот оркестар Софиски солисти  од Бугарија кој ќе настапи под диригентската палка на Георги Патриков. Солист на вечерта ќе биде познатиот македонски флејтист Страшо  Темков.

Камерниот оркестар „Софиски солисти“ е основан во 1962 година од страна на група млади музичари, тогашни членови на Софиската опера. Првиот концерт се одржал во март 1962 година под диригентската палка на Михаил Ангелов и веднаш ги освоил симпатиите на софиската публика. Тројца диригенти одиграле значајна улога во развојот на овој ансамбл и во креацијата на нивниот специфичен и препознатлив звук: Васил Казанџиев (1964-1978), Емил Табаков (1979-1988) и актуелниот диригент на оркестарот Пламен Ѓуров којшто го раководи од 1988 година. Од основањето до денес „Софиските солисти“ отсвириле повеќе од 3000 концерти низ целиот свет.

Ансамблот остварил бројни турнеи во земјите од Европа, но и 10 турнеи во САД, 13 во Јапонија, 7 во Кореја, но и настапи во Кина, Австралија и Јужна Америка. Настапувале во престижни концертни сали како: „Карнеги хол“ во Њујорк, „Ројал Алберт хол“ и „Барбикан“ во Лондон, „Гевандхаус“во Лајпциг, салата „Гаво“ во Париз, „Концертгебау“ во Амстердам, операта во Сиднеј, „Сантори хол“ во Токио и „Симфони хол“ во Осака.

Георги Патриков е роден во 1979 година во Софија каде и студирал на музичката академија „Панчо Владигеров“ и тоа хорско диригирање. Се усовршувал на бројни мајсторски курсеви кај еминентни диригенти меѓу кои и Јорна Панула. Патриков е лауреат на натпреварот за диригенти „Генадиј Рожденственски “ во 2006 година, а настапува како гостин – диригент со водечките оркестри во Бугарија меѓу кои „Софиски солисти“, оркестарот на Бугарското национално радио, Филхармониите на Пловдив и Варна, операта во Русе и др. Неговите снимени материјали вклучуваат музика од бугарски композитори и се реализирани за Бугарското национално радио.

Македонскиот флејтист Страшо Темков дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Музичката академија „Панчо Владигеров“ во Софија. Од 1991 како вработен во Македонската филхармонија редовно ги изведува впечатливите сола на светската оркестарска литература. Талентот и желбата за уметничкото реализирање го водат на концертните подиуми – како солист со повеќе оркестри , рецитален солист,  но и како член на реномираниот Македонски дувачки квинтет  и други камерни состави. Како солист со оркестар настапува со Филхармонискиот оркестар во Хо Ши Мин, Виетнам, со Македонскаста филхармонија и со други камерни ансамбли. Страшо Темков настапува на сите музички фестивали во земјава  но и во странство. Темков е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, основач  е на квартетот флејти „Аулос“, триото „Аура“ и редовно е покануван да биде член на жири на домашни и меѓународни натпревари. Во соработка со пијанистката Марија Вршкова има издадено два компакт-диска, а во 2017 година е добитник на наградата „Златна лира“ која ја доделува Здружението на музички уметници за врни достигнувања во областа на музиката.

Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со театарската претстава „Каде е пиштолот“  од Габор Ѓореј, во режија на Дејана Николовска, а во изведба на Народниот театар од Охрид.

Претставата ќе се одигра на малата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“  со почеток во 21 часот.

Станува збор за модерен сатиричен текст со силна егзистенцијалистичка позадина, создаден во седумдесеттите години од минатиот век. Во својата срж текстот се занимава со човековата дуална природа, играјќи помеѓу позициите на опресор и потчинет низ петте ликови кои го носат дејството.

Зборот „пиштол“ предложен уште во насловот не е ништо друго, туку театарски знак, систем на апстракции, симбол на моќта на насилство – кого ликовите го користат за да ги тероризираат останатите. Местото на дејство е затворен простор , во кој има четворица луѓе што седат и петтиот кој вперува пиштол во нив. Четворица од нив секогаш сакаат да излезат надвор од собата, а петтиот секогаш ќе се чувствува добро внатре. Тоа е оној во кого со пиштолот. Изворот на сите проблеми е токму пиштолот. Пиштолот би можел да има и понаква намена, но не во овој случај.

Дејана Николовска е втората Македонка што има завршено театарска режија во Москва на ГИТИС, Руската академија за театарска уметност (по Иван Поповски). Родена е во Скопје 1981 г. На режисерскиот факултет на ГИТИС се запишува во 2000 година во класата на професорот Леонид Хеифец. Во 2003 г. како студент во трета година ја поставува претставата „Семејни приказни“ од Биљана Србљановиќ која ја добива наградата за најдобра режија помеѓу студентските претстави во Русија. Од 2005 – 2009 г. работи како асистент-педагог на катедрата за режија во класите на професорите Олег Кудрјашов и Леонид Хеифец. Моментално ги завршува магистарските студии и е слободен уметник. Освен театарот како основна професија и позив, се занимава и со филм. Најзначаен филмски проект е снимањето на серијалот „Именденот на Татијана“ (220 епизоди) за првиот канал на Руската Национална телевизија. Исто така, има големо искуство во шоу-бизнис индустријата како режисер во RosArt Group production company во Москва.

Улогите ги играат Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Ивица Цонев и Стрезо Стаматовски. Сценографијата, костимографијата и дизајнот на светло ги изработи Милена Пантелеева, а музиката е на Гаро Ашикјан.