Брилјантно-виртуозниот руски пијанист Александар Штаркман вчеравечер настапи на фестивалот „Охридско лето“ со двочасовен концерт кој беше вистинско уживање за присутните и уште еднаш потврди дека музиката е највозвишена уметност која до срж може да го допре човечкото битие токму кога ја интерпретира уметник со огромна префинетост.

Со голема леснотија Штаркман владееше со пијаното а за неговото музицирање на концертниот подиум во црквата „Света Софија“ беше неколкукратно награден со стоечки овации и три биса на публиката меѓу која беа и амбасадорот на Руската Федерација во Република Северна Македонија, Сергеј Баздникин, како и министерката за култура, Ирена Стефоска.

-Уште не можам да процесирам како се чувствувам бидејќи концертот само што заврши. Прекрасен град во прекрасна држава кој има извонредни глетки, навистина посебно е сѐ. Мислам дека и токму тоа и овозможува на публиката да ја апсорбира, да ја вкуси музиката и помага за да ја разбере подлабоко. Сум бил неколку пати во Охрид, но на „Охридско лето“ досега не сум настапувал. Честа е огромна,  рече Штаркман по завршувањето на прекрасната концертна вечер на фестивалот „Охридско лето“.  

Неговата изведба на „Сонатата во G-dur K.238 од Волфганг Амадеус Моцарт,  Бетовеновата „Соната  бр.3 h-moll оп.38, композицијата „Огледала“ од Морис Равел, како трите става од делото „Петрушка“ на рускиот композитор Игор Стравински ја красеше сензитивитет, мека рафинираност, убавина на звукот и стилска уверливост.

Александар Штаркман е еден од  најмузикалните светски елитни мајстори на пијаното.Во 1995 година ја добива првата награда на меѓународниот натпревар „Бузони” во Болцано во Италија по што следуваат бројни покани за рецитали и настапи со оркестар ширум Европа во следните неколку години. Освен во Европа, настапува и во Азија, САД, како и во земјите на Јужна Америка. За неговиот пијанистички артизам при дебитанските настапи во Лос Анџелес, Чикаго и Њујорк добива бројни пофалби од страна на публиката и музичката критика.

 

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва во предворјето на црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот каде ќе настапи познатиот ZZ Quartet.

Музичкиот идентитет на овој квартет рефлектира и апсорбира различни музички стилови, но една од неговите најзначајни карактеристики е индивидуализмот и неверојатната умешност на неговите членови кој може да креира интимна или исклучително интензивна музичка атмосфера. Иако имаат различни музички подготовки кои вклучуваат џез, модерна класика и ворлд мјузик,  тие соработуваат заедно на оригинални композиции но, понекогаш создаваат и неверојатни еднократни импровизации. Нивната музика ги брише границите помеѓу нотираната музика и импровизацијата, а на тој начин се создаваат звучни слики кои иако имаат некаква основа, ги поместуваат границите на модерната импровизирана музика.

Во овој состав членуваат гитаристот Ратко Зјача, Вид Јамник на удиралкиМартин Ѓаконовски- акустичен бас како и Јоже Здравец на тапани.

Ратко Зјача е наградуван гитарист и композитор кој зад своето име има бројни албуми снимени со некои од најзначајните артисти од светот на џезот и модерната импровизација. Сметан за иновативен музичар, Зјача, исто така е ценет за неговата исклучителна гитарска техника. Неговиот личен музички стил го прави неверојатен импровизатор, а тоа му носи бројни соработки во живо, а и на снимки со некои од најзначајните џез музичари на денешницата. Во 2019 година ја добива Наградата за достигнување, авторство и уметничка креација во областа на џез музиката која ја доделува Здружението на хрватски композитори.

Вид Јамник е роден во Словен Градец, Словенија во 1993 и дипломира на отсекот за џез студии од Универзитетот во Клагенфурт. Во 2011/12 учествува на пет месечна размена во „Еразмус“ програмата студирајќи на Институтот за џез во Берлин со Дејвид Фридман, а во 2015 го издава првиот албум за Алеса рекордс. Во 2018 дипломира џез композиција и џез интерпретација со највисоки оценки на бостонски „Беркли“. Во последните години неколку пати оди на турнеја во Тајван со „Мизформ проект“ со кој свират специфичен спој на традиционална тајванска музикс и џез, а исто така креира специфичен проект наречен „Вива џез форма“ кој е фузија на звуци добиени од перкусии на метални скулптури со џез, техно и електронска музика. Дел е од повеќе бендови и групи како: Ратко Зјача дуо и квартет,  You’ve got that swing со Еди Луис и Џез пасинџерс, Џез континуо и др. Вид Јамник е ексклузивен артист на Балтер Малетс.

Роден во музичко семејство во Скопје, Мартин Ѓаконовски е задоен со џез музиката од неговиот татко, Драган Ѓаконовски-Шпато кој е основач и раководител на Биг Бендот на Македонското радио, а и од неговата мајка која била џез- вокалистка.  Започнал да учи класичен контрабас на 14-годишна возраст, но набргу на површина излегува неговата фасцинација од џезот и тој го формира својот прв бенд „Трио Шпато“. Во 1991 година се сели во Келн, Германија каде  студира џез контрабас на тамошната академија, и набргу станува екстремно баран од страна на германските и светски џез музичари. Кариерата го носи низ целиот свет со значајни соработки со бројни артисти, а има снимено преку 150 албуми.

Јоже Здравец студира џез на Државниот конзерваториум во Клагенфурт, Австрија и има завидна кариера како инструменталист кој настапува на бројни интернационални фестивали со сите значајни словенечки музичари и бендови. Настапува во Швајцарија, Австрија, Хрваткса, Србија, Германија, а учествува на работилници предводени од Грегори Хатчинсон, Вили Џонс, Били Харт, Џими Коб, Гери Барц,  Боб Минцер, Армен Донелиан и Дон Менза. Од 2017 година предава тапани и ритам на одделот за џез музика на Конзерваториумот за музика и балет во Марибор.

Американскиот пијанист со руско потекло Александар Штаркман вечерва ќе биде дел од музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Штаркман настапува ширум САД во концертните сали во Њујорк, Сан Франциско, Бруквил, Палм Бич, Сарасота, како и на Фестивалот во Равинија. Неговите оркестарски настапи вклучуваат концерти со симфониските оркестри во Далас, Форт Ворт, со Чикаго „Синфониета”, фестивалскиот оркестар во Нортвуд и камерниот оркестар во Албакерки. Во 1995 година, Александар Штаркман ја добива првата награда на меѓународниот натпревар „Бузони” во Болцано во Италија. по што следуваат бројни покани за рецитали и настапи со оркестар ширум Европа во следните неколку години. Покрај оваа, тој е добитник на награди и на натпреварите „Ван Клибурн” во 1989 година и на „Чајковски” во 1994 година. Откако победува на натпреварот во Тајпеј му се отвараат и вратите на концертните сали во Азија.

Александар Штаркман настапува во Европа, Азија, САД и земјите во Јужна Америка, но и во Русија и земјите на поранешниот Советски Сојуз, каде често пати е канет да настапува во малата и големата сала на престижниот Московски Конзерваториум.

Неговите дебитантски настапи во Лос Анџелес, Чикаго и Њујорк изнудија голем број пофалби од музичката критика и публиката. Критичарот од „Лос Анџелес Тајмс” меѓу останатото пишува: „Александар Штаркман. Запомнете го тоа име…”.

Од 2002 година, Александар Штаркман е професор на Конзерваториумот „Пибоди” во Балтимор.

Современата музичка драма „Само глас“ на Македонскиот народен театар вчера беше изведена како дел од драмската програма на фестивалот „Охридско лето“.

Работена според текст од младата српска авторка Нина Плавањац, „Само глас“ е приказна за позната актерка која останува сама и напуштена токму од помладиот партнер, балетан, кому му помогнала да ја изгради кариерата, при тоа губејќи ја сопствената доверба и останувајќи само со единствениот подарок што и останал од партнерот, пајакот Тарантула.

-Таа глумица бара нов почеток затоа што со сѐ расчисти на некој начин. И’ се јавува еден глас којшто  на некој начин таа го прифаќа и започнува нова ера како начин на живеење и комуницирање. Сето тоа е преточено во музика што цело време ја следи претставата. Сметам дека ова е интимна приказна што секому му се случила, му се случува или може да му се случи, вели режисерот Марјан Неќак кој е и композитор и сценограф на претставата.

Двајцата партнери, првенците на МНТ, Звездана Ангеловска и Никола Ристановски кого  публиката го слушаше само преку глас, комуницираа преку бестелесни контакти, без вистинска слика како изгледаат што претставуваше ново театарско изразување преку користење на најстариот човечки инструмент-гласот.

-Тоа е впрочем и целта на уметноста, да донесете нешто, не само да е ново по секоја цена, туку и да го прифати публиката. Претставата е специфична и по начинот на изработка и по начинот на изведба. Тоа е претстава за уметноста односно за човекот којшто пропаднал во уметноста и едноставно станал неинтресен. На истиот начин се случуваат и потонуваат тие бродови и во приватниот живот, додава Неќак.

Безимената актерка што ја играше Звездана Ангеловска беше сама на сцената. Потребен ѝ беше само глас којшто ја создава драмата и нејзината емотивна апокалипса, но истовремено ја освестува и ја води кон нов живот.

-Работевме доста долг интензивен период така што бев вклучена и во процесот додека се градеше текстот. Работевме онлајн или за време на пандемијата затоа што изискува музички сонгови. Марјан е прекрасен соработник, темелно бара подготовки со голем број материјали и истражувања за ликот. Имаме навистина прексрасна соработка. Покрај тоа што ова е сценско-музички проект бара една посебна подготовка и за пеење, и да сте во психофизичка кондиција, вели првенката на МНТ, Звездана Ангеловска.

Улогата на балетанот во претставата „Само глас“  ја толкуваше Мирослав Митрашиновиќ.

Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со театарската претстава „Само глас“ на Македонскиот народен театар.

Се работи за комуникациска современа музичка драма од Нина Плавањац во режија на Марјан Нечак кој е и сценограф и композитор на музиката во претставата.  Во неа играат Звездана Ангеловска, Никола Ристановски и Мирослав Митрашиновиќ.

„Само глас“ е приказна за позната актерка која ја губи сопствената доверба и е напуштена од многу помладиот партнер балетан на кого му помогнала да ја создаде кариерата. Останува осамена и затворена во својот стан, кој не го доживува како сопствен дом, единствено друштво ѝ прави само чудниот пајак миленик Тарантула, кој ѝ останал од поранешниот партнер.

-Потрагата кон нови форми во музичкиот театар за мене како режисер и композитор секогаш е непресушна, но, исто така, потрагата кон нови драмски автори кои сè помалку ги има во вообичаената форма Talk Theatre, а посебно во формата Music Theatre, бидејќи за овој стил потребен е посебен израз и начин на пишување. Ја имав таа среќа да ја сретнам младата и талентирана Нина Плавањац која ги испиша овие чудесни зборови, реченици, страници на оваа современа приказна, вели режисерот Нечак.

Претставата ќе се одигра на „Долни Сарај“ со почеток во 21 часот и не се препорачува за лица помлади од 18 години.

Дела од  класичниот романтизам исполнети со многу фантазија и чувствителност во кои се вткаени елементи на чешкиот народен фолклор донесе вчеравечер гудачкиот квартет „Вихан“ настапувајќи на Чешката вечер во рамки на фестивалот „Охридско лето“.

Оваа традиционална вечер се оддржува во соработка и со поддршка на Амбасадата на Чешка во Скопје, а честа да ја отвори и да ги најави уметниците од висок ранг ја имаше чешкиот амбасадор во земјава, Мирослав Томан.

-Не смееме да се фокусираме исклучиво на пандемијата, мора и да живееме. Затоа мислам дека е важно да се поддржи културната соработка, дури и во овие тешки околности. Мислам дека најдобриот доказ дека не се откажуваме е нашето присуство овде оваа вечер.Многу ѝ благодарам на министерката за култура  на Република Северна Македонија која е вечерва со нас. Многу ја цениме вашата поддршка и соработка со нас. Исто така искрена благодарност и до  организаторите на фестивалот „Охридско лето“ за нивните покани до чешките уметници. Во 61-годишното постоење на овој фестивал, чешки уметници настапувале 15 пати, а „Вихан“ квартетот во кој уживаме вечерва е овде по вторпат, рече амбасадорот Томан.

Чешкиот гудачки квартет „Вихан“ кој има светска репутација изведе композиции за ваков состав од Беджих Сметана, Антонин Дворжак и Богуслав Мартину.

астапував на фестивалот „Охридско лето“  пред 27 години. Од тие моменти најмногу во сеќавање ми остана акустиката на црквата „Света Софија“ во која и тогаш музицирав. Акустиката е прекрасна, навистина извонредна, особено за камерна музика. После толку години не го паметам репертоарот, но добро ја запаметив оваа црква, убавината овде,  гостопримството на луѓето и како концертот ѝ беше уживање на публиката, рече виолинистот Леош Цепицки.

Исто колку што уживаше фестивалската публика синоќа во впечатливиот концерт, уживаа и чешките уметници на концертниот подиум изведувајќи ги делата на програмата.

-Во септември требаше да настапиме во Јапонија, но и неколкупати во Обединетото Кралство, но сѐ е презакажано за во иднина заради моменталната состојба со пандемијата, рече Јакуб Цепицки.

Синоќешниот концерт на гудачкиот квартет „Вихан“ во рамките на традиционалната Чешка вечер  на „Охридско лето“ го проследи и министерката за култура на Република Северна Македонија, Ирена Стефоска.

Чешката амбасада во оваа пригода, пред влезот на катедралната црква „Света Софија“ подготви и мала изложба поточно репродукција на исклучителниот мозаик  на Светите Кирил и Методиј  кој неодамна беше изложен во базиликата „Свети Хостин“ во Моравија.

Традиционалната Чешка вечер на фестивалот „Охридско лето“  ќе донесе концерт на квартетот „Вихан“. Во црквата „Света Софија“ вечерва со почеток во 21 часот ќе настапат членовите на овој состав виолинистите Леош Цепицки и Јан Шулмајстер, Јакуб Чепицки на виола и виолончелистот Михал Канка.

Во 2015 година,  квартетот „Вихан“ прослави 30 години постоење и низ годините стана еден од најпризнатите гудачки квартети чија специјалност е изведбата на дела од чешката музичка ризница, како и на дела од класичниот, романтичниот и модерниот репертоар за квартет.  Нивното аудио издание со делата од опусот 34 и опусот 105 на Антонин Дворжак беше прогласено за „Снимка на годината“ на Мјузиквеб интернашнл, додека пак специјализираниот весник за класична музика Би-Би-Си Мјузик Магазин нивната снимка на оп. 61 од Дворжак ја оцени како „Една од најдобрите снимени изведби на делото досега“. Во 2012/2013 година квартетот „Вихан“ беше резидентен ансамбл на Чешкото здружение за класична музика во концертната сала „Рудолфинум“ во Прага. Добитници се на бројни награди на интернационални натпревари како „Прашка пролет“ и „Камерниот фестивал“ во Осака, Јапонија. Во 1991 година квартетот ја освојува првата награда и наградата од публиката на престижниот натпревар за гудачки квартети во Лондон по што стануваат резидентен квартет на Конзерваториумот за музика и танц „Тринити-Лабан“ во Лондон.

Во 2014 година од квартетот се повлекува виолистот Јиржи Зигмунд, а во 2017 година по 32 години музицирање, крај на кариерата во квартетот става и виолончелистот Алес Касприк. Нивните места во ансамблот ги заземаат виолистот Јакуб Чепицки, син на долгогодишниот виолинист во квартетот- Леош Чепицки, и признатиот чешки виолончелист Михал Канка.

Чешката вечер, фестивалот „Охридско лето“ ја организира во соработка и со поддршка на Амбасадата на Република Чешка во Скопје.

Во Античкиот амфитеатар во Охрид, многубројната публика на „Охридско лето“ синоќа го проследи роденденскиот концерт на фестивалот со култната етно-група „Синтезис“.

Изворниот македонски мелос преку креативните перформанси на членовите на овој музички состав уште еднаш покажаа дека старата македонска песна поткрепена со традиционалните народни инструменти е неисцрпен извор на инспирација врз кој можатда се создаваат и современи аранжмани.

Се огласуваа нумери од сите досегашни албуми на групата создадени во текот на изминатите 27 години: Гоцева 3, Думардија, Смилјана, Блажена Горо, Што е лудо, Филка мома, Садила Јана, мома Катерина, Јана Малешевка, На сред село чешма шарена…….

-На „Охридско лето“ се презентирани пет-шест изданија  на „Синтезис“. За нас е голема чест пред многу публика  во која има и странци, да го презентираме нашиот израз на македонската музика и тоа што го носиме во нашите корени, рече Ванчо Јовчев, клавијатуристот во групата честитајќи му го притоа роденденот на фестивалот.

Гостин на вечерта на „Синтезис“ им беше македонскиот виртуоз на гитара со светско реноме, Влатко Стефановски кој заедно со нив отсвири неколку нумери.

Роденденскиот концерт по повод 61 години од постоењето на фестивалот „Охридско лето“  што го одржа „Синтезис“ го следеа министерката за култура на Република Северна Македонија, Ирена Стефоска, амбасадорката на САД  во земјава Кејт Мари Брнз, амбасадорите на Руската федерација и на Франција, Сергеј Баздникин и Сирил Бомгартнер, како и градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески.

Синтезис продолжува со третманот на стари, заборавени, а понекогаш и скоро никогаш нечуени песни, кои се дел од богатото македонско музичко наследство, на тој начин зачувувајќи ги и промовирајќи ги трајните вредности на македонската култура и традиција.

Со роденденска торта што свечено ја пресече министерката за култура на Република Северна Македонија, Ирена Стефоска, НУ „Охридско лето“ денеска го одбележа 61-от роденден.

Директорката на фестивалот „Охридско лето“ Наташа Поповиќ  на денешната прес-конференција рече дека богатата историја на фестивалот  е доказ за влогот на многу генерации и нивните напори  да се исткае успешната приказна на врвната културна сцена.

– Секоја година 40- те фестивалски денови се празник на уметноста. „Охридско лето“ носи околу 1000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари… од сите земји во светот.  И во време на пандемија успеавме да ја продолжиме традицијата, да го задржиме квалитетот и да ги донесеме најдобрите домашни и светски уметници. Посебно сум горда што и покрај здравствената криза со ковид-19, успеавме  оваа манифестација да не изгуби од својот квалитет. Напротив, продолживме и го надградивме квалитетот за што добивме и бројни пофалби како од нашата верна публика, така и од уметниците кои се дел од програмата, рече директорката Поповиќ ,која најави дека традицијата ќе продолжи,  но, како што кажа, во иднина фестивалот ќе чекори и кон модерни, побогати и разновидни уметнички достигнувања.

Денеска, на денот кога оперската примадона Ана Липша Тофовиќ во 1961 година го означи почетокот меѓународниот фестивал „Охридско лето“, НУ Македонски Народен театар  на фестивалот  му предаде  биста на големата Ана Липша Тофовиќ, дело на академик Димо Тодоровски, датирано во 1970 година, со наслов „Орфеј на Ана“. Бистата е излеана во бронза, со димензии 99х55х32 сантиметри.

-Во договор со синот на Ана Липша Тофовиќ, кој за жал од оправдани причини не можеше да присуствува на оваа прес-конференција, МНТ излеа, според оригинална гипсена биста три сигнирани  копии во бронза од кои една е во сопственост на д-р Стефан Тофовиќ, една е дел од музејската поставка на МНТ а една, еве денес, се предава на НУ „Охридско лето“. Ликот на Орфеј во „Орфеј и Евридика“ на Кристоф Вилибалд Глук е желба на Ана Липша-Тофовиќ која во 1950 година премиерно ја изведува на Операта при МНТ.  Токму таа страст и големина на ликот скулпторот Тодоровски ја преточува во елегантна и суптилна форма, со здржана лиричност, строга поетичност  на чувствата и голема симболика во преточувањето на ликот на Орфеј и можноста на Ана Липша Тофовиќ,рече Ивана Јарчевска, раководител на Музејот при МНТ.

Според директорката Поповиќ, бронзената биста за фестивалот претставува вреден спомен кој секогаш ќе потсетува на нејзиното дело и зборовите „ да ни е вечно Охридско лето “.

-Нејзината благородна мисија е аманет за сите нас да го негуваме и оддржуваме блесокот на оваа сцена. Вечно благодарни кон нејзиниот лик и дело,  посакуваме да се слави овој ден уште многу години. Посакуваме уште многу блескави моменти на следните фестивалски изданија, додаде Поповиќ.

Одбележувањето на шеесет и првиот роденден ќе продолжи и вечерва со голем концерт на етно-групата „Синтезис“ на Античкиот театар.

-Љубителите на традиционалните звуци со современи аранжмани, нашите верни пријатели, вечерва со почеток од 21 часот на Античкиот театар ќе имаат прилика да уживаат со музиката која ги комбинира корените на македонското народно музичко наследство, користејќи целосен опсег на оригинални македонски инструменти:  кавал, гajда, тапан, тарабука и тамбура. На тој начин се зачувуваат и промовираат трајните вредности на македонската култура и традиција.Најпозната македонска етно-група со одржани повеќе од 500 концерти на сите континенти и настапи на најпознатите светски сали и фестивали се меѓу најголемите амбасадори на македонската музика во регионот и ширум светот. Нивните настапи се постојано следени со воодушевување од страна на публиката и критиката насекаде во светот. „Охридско лето“ е фестивал најголем  од сите културни манифестации кој духовно го збогатува Охрид. „Охридско лето“ е препознатлив знак на нашата држава и најголем културен амбасадор насекаде во светот. Тој е нашата духовна престолнина, рече на денешната роденденска прес-конференција, селекторката на музичката програма на „Охридско лето“, Даница Стојанова.

Претставникот на групата „Синтезис“ Ванчо Јовчев рече дека е огромна честа да се настапува на фестивалската сцена на која низ годините нанзад настапиле врвни уметници од целиот свет.

-Од името на групата му го честитам 61-от роденден на „Охридско лето“ и посакувам  уште многу вакви родендени. Голема е честа и задоволството да настапиме на овој според нас огромен фестивал каде настапуваат врвни уметници од областа на класичната, но и од областа на жанровската музика.  „Охридско лето“ досега ни дозволил да ги презентираме сите наши изданија и тоа за нас е голема чест,  да го презентираме нашиот израз на македонската музика и на она што го носиме во нашите корени пред овдешната публика во која има и бројни странски посетители, нагласи Јовчев.

На денешната прес-конференција, директорката на „Охридско лето“  им се заблагодари на сите кои придонеле за големината на оваа музичко-сценска манифестација како Претседателот на државата кој е и покровител на фестивалот, Владата на РСМ, ресорното министерство за култура, Општина Охрид, како и бројни фирми и претпријатија кои секоја година несебично ја даваат својата поддршка.

Со стихови од најголемите светски автори, со поезија од српски поети, но и од македонските великани Блаже Конески и Анте Поповски  проследени со познати мелодии, големиот српски актер Иван Босиљчиќ вчеравечер на „Охридско лето“ го донесе драмскиот проект „Наша вечер во Охрид“.

Поезијата интерпретирана од Босиљчиќ на сцената „Долни Сарај“ претставуваше едночасовна исповед на љубовта кон животот, жената, детето, кон Бог….. Со проектот „Наша вечер во Охрид“ тој потврди дека уметноста е бесмртна и буди благородни чувства.

-Ваквите проекти се извонредно прифатени од страна на публиката во регионот. Јас веќе една деценија ги правам овие авторски програми  каде ги потсетувам луѓето дека сѐ уште постои поезијата и оти поезијата и тоа како е вибрантна во ова време на прегласна музика каде е тешко да се вратите повторно. Она што е специфично за оваа програма е тоа што публиката секогаш се враќа назад. Во публика гледам исти лица. Луѓето доаѓаат во Белград од целиот регион, и знам дека и луѓе од Србија беа на „Охридско лето“. Патувавме до Исланд и таму најдовме наши луѓе. Правевме големи турнеи низ Канада и Европа и секогаш ни доаѓаше  публика што реагираше бурно и емотивно. Постојано слушаме критики како ова време во кое живееме е тешко затоа што нема содржини. Содржини има, а нам уметниците ни останува дали ќе им ги понудиме на луѓето, вели драмскиот уметник и актер Босиљчиќ.

Топлата и сензибилна поетска експресија флуидно зрачеше околу публиката на „Долни Сарај“   која не ја криеше возбудата од понудената програма на „Охридско лето“ и не ги штедеше аплаузите.

-Оваа книжевна вечер која е драмски проект одлично се вклопува во класичната боја на селекцијата. Иако е книжевна, луѓето мислат ќе има едноличен ритам, без големи емотивни скокови, но нашата вечер во Охрид беше потполно спротивно од тоа. Таа ја носеше возбудата на драмската претстава и квалитетот на концерт со класична музика, додава големиот театарски и филмски актер Иван Босиљчиќ.

Со него настапија и двајца извонредни мајстори на гитара, Горан Ковачиќ кој  е професор по класична гитара од Белград и Зоран Стојановиќ, исто така професор по гитара кој со години живееше во Португалија и свиреше заедно со најголемите фадо ѕвезди.

-Тие двајца внесоа музички нијанси на оваа програма, еден класичен дух кој кореспондира со останатите учесници од светот на класичната музика на фестивалот. Зоран Стојановиќ ни го донесе духот на Португалија, на отвореното небо и широкото море кое многу потсетува на Охрид и езерото, кажа Босиљчиќ кој публиката ја изненади и со одличната изведба на неколку музички нумери, меѓу кои и познатата „Тајно моја“ од Тоше Проески.

Тој призна дека фестивалот „Охридско лето“ е неговата голема љубов од младоста.

-„Охридско лето“ е мојата голема младешка љубов. Пред 15-тина години овде гостував со Белградскиот театар на Теразија, единствениот музички театар на Балканот каде ја игравме претставата „Циганите летаат на небо“ и таа година претставата ни донесе победа во драмска категорија. Многу добро се сеќавам дека средбата со македонската публика во Охрид и амбиентот на охридскиот амфитеатар ми беше нешто потполно ново во кариерата и остави големи траги врз мене. Кога се вратив во театарот како да се вратив во кутија и засекогаш го запаметив отвореното небо над кое играв во Охрид, се присетува српскиот актер.

Со својата скромност, срдечност, искреност и приемчивост, а пред сѐ, почит кон публиката, Иван Босиљчиќ синоќа покажа дека неговиот уметнички кодекс на сцената е во одлична корелација со неговиот космополитизам. Тој срдечно им се заблагодари  на директорката на фестивалот „Охридско лето“, Наташа Поповиќ и на градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески, за како што рече, топлото гостопримство , поканата и поддршката. Публиката и по завршувањето на концертот не стануваше и бурно му аплаудираше за извонредната вечер посакувајќи таа да трае уште долго.