Фестивалот „Охридско лето“ на 12 јануари ќе организира концерт на класична музика на кој ќе настапат младите српски солисти Александра Петровиќ и Стеван Каранац заедно со Српскиот камерен оркестар. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 19 часот, а како што велат од оваа национална установа, ќе биде посветен на прерано починатиот градоначалник на Општина Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски.

Исклучително талентираната уметница Александра Петровиќ своето основно и средно музичко образование ги завршила во Ниш, во класата на професорот Гордана Милошевиќ, на катедрата соло пеење. Настапувала во Ниш, на НИМУС, на концертите на Виенските валцери и оперски арии со Видинската филхармонија, со Младинската филхармонија „Наисус“, како и со дувачкиот квинтет „Нишки солисти“. Во моментов е на специјалестички студии  на Факултетот за музички уметности во Белград, во класата на професорот Никола Мијаиловиќ. Од 2018 година, Петровиќ е хоноререн соработник на Операта и Народниот театар во Белград.

Тенорот Стеван Каранац, музичкото образование  го започнува во 2009 године во  музичкото училиште  „д-р Милоје Милојевиќ“ во Крагуевац. Стилот и техниката на пеење и глума ги усовршува на многу работилници и мајсторски курсеви со плејада успешни пејачи, режисери и актери. Го завршил и курсот за оперски студии  „Борислав Поповиќ“  во Народниот театар во Белград. Како активен учесник на интернационални натпревари во Србија, регионот и странство, добитник е на бројни награди, меѓу кои и наградата „Лауреат“. Од 2013 година одржува бројни концерти во Србија и надвор од земјата.

Српскиот камерен оркестар е основан во 1994 година од страна на уметничкиот директор и диригент Ѓорѓе Павловиќ. Оркестарот работи во неколку постави: како гудачки, камерен во мешан состав, мал симфонискии,  помали камерни состави како дуа, триа, квартети и слично.Специјализиран е за изведување дела од современи српски композитори со традиционални елементи. Освен тоа, на репертоарот на  оркестарот се застапени  дела од светски композитори од сите епохи, од барокот до денес.

Српскиот камерен оркестар е добитник на високи оцени од страна на стручната критика, а Култната просветна заедница од Белград му доделила награда за траен придонес  во културата за 1995 година.

Како потврда за квалитетот за досегашната работа се големиот број трајни снимки за Радио Телевизија Србија, изведби што покажуваат  голема техничка подготвеност на ансамблот  и високо ниво на музицирање кои се неопходни  за да се изведе една ваква сложена работа како што се снимањето концерти во живо.Членовите во оркестарот се успешни уметници кои често настапуваат како солисти.

Еден од најоригиналните изведувачи на денешната класична музичка сцена, италијанскиот пијанист Емануеле Арчиули, завчера во Македонската опера и балет во Скопје приреди незаборавен концерт во рамки на зимскиот дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“.

На концертот што се одржа со поддршка на Италијанската амбасада во Република Македонија на чело со неговата екселенција, Амбасадорот Карло Ромео, меѓу другите, присуствуваа и министерот за култура на Република Македонија Асаф Адеми,членови од неговиот кабинет, претставници на Дипломатскиот кор во државава, политичари, како и врвни музички имиња од светот на македонската музичка сцена.

Пред самиот почеток на концертот, директорката на Националната установа „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, се заблагодари на министерот за култура Адеми, како и на италијанскиот амбасадор во Македонија, Карло Ромео, за несебичната поддршка во организирањето вакви настани со големи уметнички имиња, а на крајот од својот говор, на италијански јазик го претстави врвниот пијанист Емануеле Арчиули и го покани да настапи на сцената на Македонската опера и балет.

-Концертот беше навистина извонреден, со исклучително врвен перформанс на современа музика и беше проследен со бурни аплаузи и два биса од страна на присутните. Среќна сум бидејќи ова е втор концерт на „Охридско лето“ што се организира надвор од стандардниот фестивалски термин, и тоа, со виртуозен пијанист, а уште посреќна сум што овој музички настан е поддржан од страна на Министерството за култура на Република Македонија и Амбасадата на Република Италија во нашата држава. „Охридско лето“ продолжува да реди успеси, и следниот концерт е веќе закажан на 12 јануари следната година, во црквата „Света Софија“ во Охрид, вели директорката Поповиќ.

За публиката што синоќа уживаше во неповторливите звуци на пијаното на Арчиули, по завршувањето на концертот беше приреден и свечен коктел во организација на Италијанската амбасада. Пијанистот Емануеле Арчиули редовно настапува во големите концертни сали и фестивали, како што се Берлинскиот фестивал, Виен Модерн, Ла Скала Милано, Биеналето на Венеција, Фестивалот за пијано во Мајами, Милерб театарот во Њујорк, Маџо музикале Фиорентино, Фестивалот на камерна музика Санта Фе, како и на меѓународните фестивали за пијано во Бреша и Бергамо. Предава современа музика на Академија ди Пинероло, професор е на конзерваториумот во Бари, а исто така е чест гостин професор на многу американски универзитети.

Репертоарот на овој ислучително талентиран и виртуозен пијанист е огромен и опфаќа дела од Бах до современа музика, со силен афинитет кон композиторите од Соединетите американски држави.

Пијанистот Емануеле Арчиули, еден од најоригиналните и интересните изведувачи на денешната класична музичка сцена ќе настапи во рамките на зимскиот дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“ . Концертот којшто е поддржан од Италијанската амбасада во Република Македонија на чело со Неговата екселенција, амбасадорот Карло Ромео, ќе се одржи на 18 декември, во фоајето на Македонска Опера и Балет во Скопје, со почеток во 19 часот.

Репертоарот на Арчиули е огромен, од музиката на Бах до современата музика, со силен афинитет кон композиторите од САД.

Овој исклучително талентиран и виртуозен пијанист постојано развива нови проекти и ги следи новите идеи и иновативните програми во светот на музиката.  „Кружни  полноќни варијации“, збир од 16 композиции кои експресивно биле напишани за Арчиули од композитори како Крамб, Бабит, Кернис, Ржевски, Торке, Даугерти, Болком и Харбисон, неодамна го предизвикаа интересот на меѓународните критичари.  Варијациите, кои беа издадени од Страдивариус на ЦД под наслов “Околу  полноќ – Омаж  на монахот Телониус“ во мај 2011 година, се прославени  од страна намеѓународната стручна критика.

Неговите бројни снимки (Чандос, Страдивариус, Иннова, Ваи, Бриџ, Верго  итн.) го вклучуваат насловот „Врати до секаде“, со музика на Карла Блеј, Фред Херш и Чик Кореа, комплетните дела за  пијано на Берг и Вебер, светската премиера на концертот за  пијано и оркестар на Бруно Мадерна, како и многу американска музика.

Компакт-дискот на Аричули,  посветен  на Џорџ Крамб беше номиниран за Греми награда, а неговото ЦД со дела на Адамс и Ржевски ја доби наградата на италијанските критичари за најдобра  снимка во 2006 година. Неодамна  ВАИ рекордс издаде   ДВД со  музика  од  Ивес  Конкорд Соната.   „Прошетка во убавина“ со  две ЦД-плочи тукушто издадено од Иннова,  содржи  музички композиции од  американски композитори како ЈЛ Адамс, Бресник, Доерти, Ган, Гарланд, Хајдон, Балард и други.

Емануеле Арчиули редовно настапува во големите концертни сали и фестивали, како што се Берлинскиот фестивал, Виен Модерн, Ла Скала Милано, Биеналето на Венеција, Фестивалот за пијано во Мајами, Милерб театарот во  Њујорк, Маџо Музикале Фиорентино, Фестивалот на камерна музика Санта Фе, како и на Меѓународните фестивали за пијано  во Бреша и Бергамо.

Во мај 2011 година Емануеле Арчиули беше награден со најважната награда на италијанската критика  „ Премио Франко  Аббати“. Во освојувањето на оваа награда, Емануеле Арчиули  ги следи стапките на Маурицио Полини,  Раду Лупу и Зубин Мехта. „Овој пијанист од Бари беше авторитативна фигура на повеќеслојниот хоризонт на сите нешта кои се модерни веќе со години, додека истовремено се зачувува поврзаноста со традицијата“, изјави стручното жири.

Арчиули предава  современа музика на Академија ди Пинероло,  професор е на конзерваториумот во Бари, а исто така е чест визитинг-професор на многу американски универзитети.

Неговиот концерт во Скопје, како што велат од дирекцијата на фестивалот „Охридско лето“ е дел од зимската понуда за љубителите на класичната музика, а тенденцијата е, светски познати уметници да ја збогатуваат културната понуда на фестивалот, не само во стандардниот фестивалски термин, од 12 јули до 20 август, туку  и во текот на останатиот дел од годината. Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ , претходниот месец, во црквата „Света Софија“ се одржа концерт на исклучително талентираните млади руски музичари, пијанистот Александар Синчук и флејтистот Артем Науменко.

Светски познати млади музичари, но сепак скромни и блиски со публиката, не само преку музицирањето, туку и во непосредниот контакт. Такви се покажаа пијанистот Александар Синчук и флејтистот Артем Науменко од Русија кои синоќа одржаа концерт за паметење во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Со специјално одбрана програма на дела од Бах, Доплер, Алиабиев, Згралиа, Мартин, Прокофјев, Рахмањинов и Кларк, младите виртуози од светот на класичната музика донесоа шарм, свежина, елеганција и виртуозност и ја воодушевија публиката што го следеше концертот во црквата „Света Софија“.

– Се обидовме да направиме специјална програма, најдоброто за охридската публика. Во Охрид настапувам првпат. Градот е прекрасен, времето исто така, црквата е совршена, се’ е убаво овде.Со Синчук свириме во дует, но не често бидејќи тој живее во Белград, а јас во Париз. Настапувавме почесто заедно кога живеевме и студиравме на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, изјави флејтистот Науменко по маестралното музицирање во охридската катедрала „Света Софија“.

Пијанистот Александар Синчук кој редовно музицира во најдобрите концертни сали во светот и чиј стил и музички израз го споредуваат со оној на Рахмањинов, не го криеше задоволството што има можност вторпат да музицира на најголемата музичко-сценска манифестација во Македонија и регионот, фестивалот „Охридско лето“.

-Многу сме задоволни од настапот во Охрид. Се’ беше убаво, а и публиката беше прекрасна. Вторпат свирев на престижниот фестивал „Охридско лето“ и впечатокот е повторно ист како и тогаш. Феноменална акустика, добар клавир, пријатна атмосфера, истакна виртуозот на пијано Синчук.

 

 

Рускиот пијанист Александер Синчук е лауреат на интернационалните натпревари по пијано. Неговата успешна кариера започнува по освојувањето на првото место на четвртиот интернационален натпревар „Сергеј Рахмањинов“ во Москва, во 2008 година, по што 19-годишниот пијанист одржа соло-рецитал на подиумот во престижната сала „Карнеги Хол“ во Њујорк.

-Тоа е настап што останува вечно во сеќавањата. Се разбира дека е предизвик да се концертира во „Карнеги Хол“, нешто што цел живот ќе го паметам, додаде Синчук.

 

 

Концертот на двајцата руски музичари во рамките на „Охридско лето“ се одржа надвор од стандарниот фестивалски термин, од 12 јули  до 20 август, но како што најави директорката на фестивалот, Нашата Поповиќ, тенденцијата е, да се збогати културната понуда на градот и државата, не само во лето, туку и во текот на целата година.

 

 

-Многу сум среќна што по подолго време „Охридско лето“ ќе функционира преку целата година. Сметам дека со тоа ќе се подобри и самиот фестивал, а од друга страна ќе се подигне и нивото на културата во градот и државата. Ќе настојувам, надвор од стандардниот фестивалски термин, секогаш да доаѓаат големи имиња со цел да се афирмира фестивалот многу пошироко. Инаку задоволството од концертот на Синчук и Науменко е огромно и не може да се изрази со зборови бидејќи овие млади уметници ни ги доловија сите бои и сите чувства што постојат и што можат да се искажат. Навистина се врвни уметници и пред нив претстои огромна кариера, изјави директорката на фестивалот „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

Синоќешниот концерт доби хуманитарен предзнак, а средствата што се собраа ќе бидат наменети за лекувањето на 15-годишната охриѓанка Сара Настеска.

Директорката на Националната установа фестивал „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, вo недела, на 11 ноември во црквата „Света Софија“  со почеток во 19 часот  ќе организира хуманитарен концерт на класична музика со врвните руски уметници пијанистот Александар Синчук и флејтистот Aртем Науменко. Тие ќе изведат дела од Бах, Доплер, Рахмањинов, Алиабиев, Прокофјев, Кларк, како и од други композитори.

Настанот од областа на класичната музика ќе биде бесплатен за посетителите, а на влезот од црквата ќе има кутија за донации, каде што посетителите ќе можат да дадат свој придонес за 15-годишната охриѓанка Сара Настеска на која и’ се неопходни 200 илјади евра за лекување во Германија.

Младиот пијанист Александар Синчук е роден во градот Находка, Приморски Крај во Русија. Како студент на московскиот конзерваториум под менторство на професорот Валери Пиасетски, почесен уметник на Руската федерација, Александар Синчук стана лауреат на многу престижни натпревари по пијано.  Меѓу другите има и Прва награда на Четвртиот Меѓународен натпревар на Рахманинов и златен медал на Деветтиот меѓународен натпревар за млади пијанисти во сеќавање на Владимир Хоровиц.

Во февруари 2009 година, Александар Синчук успешно дебитира во салата Карнеги Хол  во Њујорк. Во 2010 година младиот пијанист изведе 37 концерти на големата турнеја низ САД. Во 2014 година, Александар Синчук ја заврши престижната Дипломска програма со почести на музичката  школа USC Торнтон во Лос Анџелес, САД, во класата на  светски познатиот пијанист Даниел Полак. Во февруари 2017 година, Александар Синчук учествуваше на церемонијата за затворање на третите Светски Игри насловени како ЦИСМ во Сочи.

Неговите настапи денес се одржуваат во најдобрите концертни сали низ Русија, како што се Големата сала на Московскиот конзерваториум, Сала Светланов во Меѓународниот дом на музиката во Москва, Концертната сала на Марински театар и во странство: во Србија, Бугарија, Украина, Италија, Шпанија, Австрија, Германија, Франција, Данска, Луксембург, Швајцарија, Израел, САД, Мароко, Порторико, Турција, Кина, Јужна Кореја …

Од 2014 година Александар Синчук е ангажиран во педагошката работа. Во 2015 година почна да работи како асистент професор на Московскиот државен конзерваториум. Тој често дава мастер класови во Европа, Америка и Азија.

Флејтистот Артем Науменко е роден во 1992 година во Саратов, Русија. Со музика започнува уште од петгодишна возраст. На 10 години Артем влегува во Централното музичко училиште во Москва, и студира со професорите Јури Должиков и Александар Голишев. Во 2010 година, го завршува училиштето со почесен успех и го продолжува своето образование на  Државниот конзерваториум „Чајковски” во Москва, исто така со професор Голишев  каде што дипломира со почести во 2015 година. Две години подоцна, Артем  магистрирал на флејта и продолжува со студиите на Конзерваториумот во Париз во класата за камерна музика на професорот Мишел Морагуес.

 

Науменко е лауреат на Интернационалниот телевизиски натпревар во 2006 година и победник на Меѓународниот натпревар во Падова, Италија, во категориите на дувачки инструменти и виртуози во 2007 година. Победник е и на  натпреварот Млади таленти на Русија во 2008 година. Науменко ја доби наградата Национален триумф и беше прогласен за млад победник во областа на литературата и уметноста во 2007 година.Науменко редовно настапува и  во париски ансамбли, како и во дувачкиот  квинтет „Апалон“ и триото „Фламиарт“. Настапувал исто така и со Парискиот камерен оркестар, Државниот оркестар на Филхармонијата на Русија, Државниот камерен оркестар „Московски виртуози“, Лирскиот симфониски оркестар на Париз, Претседателскиот оркестар на Русија, Државниот дувачки бенд на Русија, Симфонискиот филхармониски оркестар Саратов , Омск, Кострома, Јарослав. Тој настапил и со Чешката филхармонија (диригент Пинхас Стајнберг) во 2010 година, и редовно добива покани да настапи како прва флејта во камерниот оркестар „Московски виртуози“.

Националните установи „Охридско лето“ и Македонската опера и балет се вклучуваат во акцијата за помош на младата Сара Настеска од Охрид со изведба на детската балетска претстава „Петар Пан“.  Претставата ќе се одигра на 29-ти ноември на сцената на МОБ во Скопје.

Во рамки на хуманитарната акција претходно за децата од Охрид кои ќе бидат дел од оваа хуманитарна акција ќе биде организирана посета на МОБ со цел истите да се запознаат со работата на оваа националната установа.

На 15 – годишната Сара и е неопходна трансплантација на коскената срж за што се потребни 200 000 евра. Приходот од влезниците ќе оди на сметката за помош на семејството Настески од Охрид.

Во претставата настапуваат солисти и балетскиот ансамбл на Македонската опера и балет.

Петар Пан е лик создаден од шкотскиот романописец и драматург Џ.М. Бери. Тој е палаво момче кое може да лета и го минува своето детство на малиот остров Недојдија како лидер на неговата банда „Изгубени момчиња“ заедно со сирени, самовили и пирати.

Во рамките на работната посета на Р.Словенија, директорката на НУ Фестивал „Охридско лето“, Наташа Поповиќ и претседателката на УО на фестивалот Нина Момировска, остварија средба со директорот на Словенечка филхармонија, Клемен Хвала. На состанокот е договорена соработка помеѓу двете високо реномирани установи од областа на културата. Меѓу другото, се разговараше и за настап на директорот Хвала кој е познат и признат виолончелист на 59-тото „Охридско лето“ заедно со гудачкиот квартет во кој музицира тој. Инаку, Поповиќ и Момировска, претходно остварија работна средба и со првиот човек на Љубљански фестивал Дарко Брлек, кој исто така го потврди неговото присуство на следното издание на „Охридско лето“.

Директорката на Националната установа Фестивал „Охридско лето“, Наташа Поповиќ и  претседателката на Управниот одбор на фестивалот Нина Момировска вчера во Љубљана, Словенија, на покана од директорот на Љубљански фестивал,  Дарко Брлек остварија работна и мошне конструктивна средба.

На средбата беа разменети искуства и идни планови и проекти на двата фестивали. Директорите Поповиќ и Брлек  договорија заемна соработка и заемно преговарање со големите светски имиња од светот на класичната музика.

Големиот вљубеник во класичната музика кој 27 години раководи со Љубљански фестивал, на вчерашната средба го најави и неговото присуство на 59-тото издание на „Охридско лето“, информираат од фестивалската дирекција.

„Долни Сарај“, една од најубавите и најрепрезентативни сцени во Охрид ќе добие нов, функционален и модерен изглед со реконструкцијата што следува во текот на наредниот период.

За таа цел, директорката на Националната установа „Охридско лето“, Наташа Поповиќ изврши увид на моменталната состојба на оваа локација, а како што најави, градежните активности ќе започнат веднаш штом ќе завршат законските рокови околу тендерската постапка.

–  „ Долни Сарај“ која е една од најубавите сцени во градот ќе го добие заслужениот лик и ќе претставува најсоодветното место за настапите на уметниците од целиот свет кои учествуваат на најреномираниот музичко-сценски фестивал во Македонија, „Охридско лето“.  Од друга страна, таа ќе биде и удобно катче за публиката. Планирано е, градежните активности да завршат во декември, вели Поповиќ.

Според директорката, сцената ќе претпрпи комплетна и темелна санација со нивелирање и зголемување на површината за 10 проценти, како и вградување полиуретански под за подобрување на перформансот и заради заштита од атмосферски влијанија.

Што се однесува до гледалиштата на „Долни Сарај“, ќе биде извршена комплетна санација на постоечките, а ќе се постават и ново западно и ново централно гледалиште, со што, капацитетот наменет за публиката ќе се зголеми за околу 40 отсто. Исто така, проектот предвидува и проширување на пристапниот влез за товарни возила до самата сцена.

Комплетно санирана ќе биде и терасата на „Долни Сарај“ која лежи над самото Охридско Езеро. Таму ќе се реновира подот, како и постоечката бетонска ограда. Проектната документација предвидува и комплетно реновирање и проширување на пристапните скали кон терасата.

Предвидено е и некоклукратно зголемување на капицитетот на електричната моќност, а целиот простор ќе добие и ново хортикултурно уредување.

Целокупниот проект за реконструкција и санација на сцената „Долни Сарај“ вреди 2,3 милиони денари, од кои 1,4  милиони денари ги обезбеди Министерството за култура на Република Македонија преку програмата за култура за 2018 година, а останатите средства, фестивалот ги обезбеди  претходно со цел сцената да добие модерен изглед според сите светски стандарди.

Реномираниот бизнис магазин „Капитал“ беше медиумски покровител и на 58-то издание на фестивалот „Охридско лето“ што се одржа од 12.јули до 20.август 2018 година.

Информации за врвните уметнички доживувања што ги донесе „Охридско лето“ , како и реклами за настаните што се одржаа беа поместени во овој високо етаблиран весник, така што читателите навремено беа информирани за фестивалските случувања.

Освен во печатениот магазин, вести за фестивалските случувања беа објавувани и на он-лајн изданието на „Капитал“.

„Охридско лето“  во четириесетте фестивалски денови донесе  46 уметнички настани од светот на театарот и класичната музика, како и три изложби. Над 800 уметници од 27 земји во светот беа дел од годинешните културни збиднувања на најголемата музичко-сценска манифестација во Македонија  и регионот.  По завршувањето на годинешното издание започнаа подготовките за следното, а паралелено со тоа, се прави план и за јубилејното, 60-то издание кое треба да се одржи во 2020 година.