Во рамките на дополнителната програма на Охридско лето а по повод големиот христијански празник Велигден на 23-ти април во катедралната црква Св. Софија ансамблот „Ноктурно“ од Србија ќе одржи концерт на духовна музика.

Вокалниот ансамбл „Ноктурно“ настанал кон крајот на 2005 година како потреба на домашна сцена да се претстават музички дела од различни жанрови. Членовите на ансамблот „Ноктурно“ се пред се се професионални членови на хорот на Операта на Народниот театар во Белград. Ансамблот во зависност од потребите настапува како октет, двоен октет, проширен хор или како поединечен машки или женски состав.

До сега наспаувале на различни настани во земјата и странство а како најважни се гостувањето на ансамблот на фестивалот БАМ во Бруклин Њујорк во 2006 година, кога ја изведуваат претставата „Виолетов оган“ за Никола Тесла.

Исто така во серија на независни продукции настапувале на свеченото отворање во рамките на промоцијата на Уника осигурувањето, проектот на компанијата Јафа, фестивалот БЕЛЕФ. Голем број на самостојни концерти одржува ширум Србија во организација на собранијата на градовите Краљево, Белград, Нови Сад, Бечеј, Сомбор и др….

Често настапуваат како гости на концертите на ревиалниот орекестар Метрополис.

Сметаќи дека музиката е универзален јазик излегуваат во пресрет на многу оперски и естрадни уметници во својство на пратечки хор.

Нивниот репертоар и опус е широк и се движи од класичниот оперски репертоар преку опусот на духовната музика па се до нумери на популарната музика прилагодени за хорска музика.

Членовите на ансамблот „Ноктурно“ како поедници или како дел од ансамблот настапуваат во претставите на Југословенскиот Драмски театар, Мадленианум, театарот Звездра, како и во целосниот оперски репертоар на Народниот театар во Белград.

Со овој концерт на кој фестивалската публика ќе ужива во музиката на православието ќе се заокружат концертите кои Охридско лето ги организира надвор од стандардниот термин 12 јули- 20 август.

Билетите по цена од 150 денари можат да се набават во Дирекцијата на Охридско лето и пред почетокот на концертот, на самиот влез од црквата „Света Софија“.


Најголемата и најзначајната музичко-сценска манифестација во Македонија – фестивалот „Охридско лето“, од 14-ти до 17-ти овој месец се презентира на Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА) што се одржува во Лисабон, Португалија.

Директорката на Охридско лето Наташа Поповиќ и претседателката на Управниот одбор, Нина Момировска, во рамките на посетата ќе остварат средба со претседателот на ЕФА, Јан Бриерс, како и со претставници на останатите европски фестивали-членки на Асоцијацијата.

-Токму на најголемиот  собир на кој присуствува културната елита од Европа и светот ќе ја истакнеме нашата  успешната приказна. Пред европските делегати уште еднаш ќе потенцираме дека „Охридско лето“ ги негува културните високи уметнички дострели според европските и светските стандарди. Конференцијата е одлична можност да се престави Фестивалот „Охридско лето“ во најдобро светло но исто така и прилика на првите луѓе на ЕФА да им бидат врачени официјални покани за присуство на претстојното 59-то фестивалско издание, вели Поповиќ.

Според официјалната агенда од 14 до 17-ти  се одржува уметнички самит на фестивалите додека на 15-ти е  официјалното отворање на годинешново 67-мо генерално собрание на ЕФА.

ЕФА асоцијацијата вклучува 100 фестивали од 40 земји. Фестивалот „Охридско лето“од 1994 година е значаен партнер на Асоцијацијата.

Со огромно жалење го изразуваме нашето сочувство до фамилијата, пријателите, колегите…

Искрено жалиме што заминува  уште еден  голем уметник, славниот македонски режисер и драматург Златко Славенски, човекот кој со неговите дела остави неизбришливи траги во историјата на македонското драмско творештво.

Големите личности  секогаш имале посебно место  на сцената на Охридско лето.  Вечно ќе му бидеме благодарни што својата уметничка, професионална дејност несебично ја воздигнуваше оставајќи врвни уметнички вредности на театарската сцена.

Огромна и вечна ќе биде благодарноста за неговиот придонес во развојот и афирмацијата на оваа врвна македонска културна манифестација.

Творечкиот дух  и  творештвото на уметникот остануваат за навек запаметени.  Перото на критичарот никогаш не ги штеди зборовите за оние кои имаат богато и големо творештво, оние кои секогаш се издигнуваат над останатите.  Критиката секогаш е позитивна само за најдобрите. Токму таа засегогаш ќе сведочи за големината на Златко Славенски на театарската сцена. Фестивалската публика на Охридско лето уште многу години ќе ја чувствува силината на впечатоците од театарските престави режирани токму од Славенски: во 1996 година премиерата “АМАДЕУС”, година потоа барокната опера “Слугинката господарка”, во 2001 уште една премиера “Пер Гинт”, 2002 година ,,Собрани дела од Шекспир” работено според едночинки од Том Стопард, премиерата „Соларис“ во 2007 година и во 2013 година исто така премиерна театарска престава „Кавкаски круг со креда“ од Бертолт Брехт. Дела кои ќе останат во вечната светлина на безвременоста со кои допрел до публиката и кои вечно ќе патуваат низ времето.

Не постојат зборови со кои можеме да ја утешиме болката за загубата на семејството ниту зборови со кои ќе ја  искажеме благодарноста за неговиот придонес во градењето на успешната приказна наречена Охридско лето.

Во овој момент ја нема насмевката на нашите лица но покрај тагата  чувствуваме гордост и чест што бевме пријатели со  личност ценет меѓу сите нас, доверлив а пред се добронамерен како за оние од светот на уметноста така и за сите останати.

Драг пријателе на Охридско лето, прерано згасна но вечно ќе се паметиш.

Почивај во мир

Фото архива Охридско лето

30.07.2013

ПРЕДВОРЈЕ НА  “Света Софија” ПРЕМИЕРА НА ТЕАТАРСКА ПРЕТСТАВА „КАВКАСКИ КРУГ СО КРЕДА“ ОД БЕРТОЛТ БРЕХТ Во режија на Златко Славенски, Македонија, во изведба на НУ Драмски Театар, Скопје – Македонија

 

 

Како Фестивал кој повеќе од половина век покрај класичната музика ја негува и театарската уметност, достигнувајќи ги највисоките уметнички врвови со реномирани домашни и странски театарски куќи,  упатуваме искрени честитки по повод Светскиот ден на театарот.

Со посебна мотивираност и посветеност, благодарение на Вашата врвна естетска уметност, и во годините кои следат ќе понудиме една театарска креација која ќе остави белег во фестивалската историја и ќе ја надоплнува квалитетната традиција,  доволно уникатна за сцената на нашата најпрестижна музичко сценска манифестација, Фестивалот Охридско лето.

Почитувани театарски работници,

Нека Ви е честит Светскиот ден на театарската уметност

Националната установа „Охридско лето“ приреди ново уметничко доживување за љубителите на класичната музика преку концертот на руската пијанистка Злата Чочиева што се одржа синоќа во црквата „Света Софија“ во Охрид.

Младата московска пијанистка имаше впечатлив настап, покажувајќи извонредна техника во музицирањето, притоа, пренесувајќи и’ на публиката позитивни емоции.

 

-Преку своето совршено музицирање и техника, талентираната пијанистка Злата Чочиева донесе виртуозен перформанс со што се вброи меѓу најдобрите пијанисти кои настапиле досега на „Охридско лето“.  Како организатори на овој концерт, особено не’радува што публиката го награди нејзиниот совршен настап со бурни овации и што меѓу присутните беа аташето за култура во Амбасадата на Руската Федерација во Скопје, дел од нашите лојални спонзори меѓу кои главниот извршен директор на ОКТА господинот Иоанис Героуланос, публика од соседна Република Албанија, како и музичари од Скопје и Охрид. Сите присутни беа воодушевени од  целиот перформанс, изјави директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

За пијанистката, исклучително важно е да се воспостави непосреден контакт со публиката и да се размени позитивната енергија.

-Се чувствувам топло во душата  поради повратните реакции на публиката. Многу уживав бидејќи почувствував голема енергија од присутните и бев пријатно изненадена колку беа внесени во програмата. Знаете, многу е важно за уметникот да го почувствува тој флуид, размената на енергијата со луѓето и љубовта кон музиката, вели Чочиева.

Извонредно талентираната уметница Злата Чочиева  која на Меѓународниот натпревар по пијано „Санта Катарина“ во Бразил беше прогласена за најдобра изведувачка  на Фредерик Шопен, со посебен шарм и стил ги отсвири мазурките на овој композитор,  а долови и дела од  Александер Скриабин, Франц Лист и Сергеј Рахманинов.

-Не знам дали сум најдобар изведувач на делата на Шопен, но чувствувам како оваа музика ми е при срце, а тој секогаш ќе биде еден од моите најомилени композитори. Шопен е некој со којшто навистина можам „да разговарам“. Што се однесува до програмата со која се претставив на „Охридско лето“ , сметам дека  беше мошне интересна бидејќи содржеше и композиции кои се помалку познати. Некои дела се во сенка зашто луѓето им обрнуваат повеќе внимание на познатите композиции, додаде младата пијанистка чиј компакт-диск со Шопеновите етиди, германското списание „Грамофон“ го вброи во 50-те најдобри изведби на Шопеновата музика некогаш.

Чочиева која за нејзиното музицирање на пијано е наградувана шурум светот, првпат настапува на  „Охридско лето“, но како што вели, за репутацијата на фестивалот слушала од нејзините колеги уметници кои веќе одржале концерти.

-Имав можност да уживам и во убавините на Охрид, шетајќи низ стариот дел на градот, но посебно бев воодушевена од езерото. Посебно ме инспирираа залезот на сонцето и невообичаените бои над езерото, истакна таа.

Со програмата што ја отсвири на „Охридско лето“, Злата Чочиева ќе го одржи и својот деби-концерт во Лондон, а потоа следуваат и нејзините настапи во Русија, Шведска и Германија.

Фестивалот „Охридско лето“  за љубителите на уметноста викендов  носи ново музичко доживување преку настапот на младата руската пијанистка со светска слава, Злата Чочиева.

Фестивалската публика ќе ужива во музицирањето на пијанистката која предизвика меѓународно внимание со своите високо-вреднувани снимки на дела на Шопен и Рахманинов, истакнувајќи ја како препознатлив глас кај пијанистите со длабок афинитет кон овие композитори.

На програмата се дела од Сергеј Рахманинов, Александар Скрјабин, Фредерик Шопен и Франц Лист.

Билетите по цена од 150 денари можат да се набават во Дирекцијата на Охридско лето и пред почетокот на концертот, на самиот влез од црквата „Света Софија“.

Kонцертот е на 3 март ( недела) со почеток во 18 часот.

Претходно, во рамките на концерти кои Фестивалот  ги организира надвор од стандардниот термин 12 јули- 20 август, беа настапите на српските солисти Александра Петровиќ и Стеван Каранац, пијанистот Емануеле Арчиули и концертот на руските уметници пијанистот Александар Синчук и флејтистот Aртем Науменко.

Младата руската пијанистка со светска слава, Злата Чочиева, на 3 март ќе одржи концерт во рамките на фестивалската програма на Охридско лето како дел од настаните кои од годинава ги организира фестивалот надвор од стандардниот термин 12 јули- 20 август. Концертот  ќе се одржи во црквата Света Софија со почеток од 18 часот.

   

Стручната јавност за Чочиева вели дека е пијанист од светска класа а длабочината на нејзините перформанси, единствена моќ и зрелост се импресивни.

„Таа е многу интелигентен и чувствителен музичар. Во нејзината игра таа ја комбинира длабочината со фантазијата, давајќи им на публиката широка палета на звук“.

Злата Чочиева е родена во Москва а моментално живее во Салцбург. Првпат се појави на сцената на 5-годишна возраст, а дебитираше со оркестарот две години подоцна во изведба на Моцарт Концертот КВ. 453 во Големата сала на Московскиот државен конзерваториум. Потоа, завршува две години постдипломски студии кај професорот Жак Рувиер на Универзитетот Моцартеум во Салцбург, каде што беше назначена за асистентка во 2013 година.

Во текот на изминатите години, Злата доби многу меѓународни награди за натпреварувања, вклучувајќи го и меѓународниот натпревар Свимановски (Полска), натпреварот за пијано Тиволи (Данска), наградата Моцарт на натпреварот ARD (Германија), првите награди на натпреварот Frechilla-Zuloaga (Шпанија) и натпреварот за пијано на Алберто Фано (Италија) и сребрен медал на Првиот меѓународен натпревар по пијано на Санта Катарина (Бразил), каде што исто така беше прогласена за најдобра изведувачка на омилениот Шопен и публиката.

Нејзиниот диск „комплет Етиди на Шопен” за пијано класици беше избран како „Избор на уредникот“ во Грамофон, и е вклучен во листата на 10 најголеми Шопенови снимки.

Пијанистката Злата Чочиева предизвика меѓународно внимание со своите високо-вреднувани снимки на дела на Шопен и Рахманинов, истакнувајќи ја како препознатлив глас кај пијанистите со длабок афинитет кон овие композитори.  Поздравена од страна на „Грамофон“ како “поседувач на сеопфатна техника која носи внатрешен сјај во секој такт “,Злата Чочиева редовно се појавува во најпрестижните концертни сали во Минхен, Амстердам, Париз, Венеција, Женева, Копенхаген, Порто, Лисабон, Концертната сала Чајковски  во Москва, Московскиот конзерваториум и Големата сала на Санкт Петербургската филхармонија.

Има настапувано со бројни големи оркестри, меѓу кои и Рускиот национален оркестар, Националната филхармонија на Русија, Симфонискиот оркестар Светланов, Копенхагенската филхармонија, Симфонискиот оркестар на Словачкота радио, Оркестарот на Ница, Михенскиот камерен оркестар и Симфонискиот оркестар на Архус .

Според програмата на Министерството за култура од годишнитe конкурси за проекти од национален интерес во културата за 2019 година, за реализација на претстојното фестивалско издание на Охридско лето се издвоени 25 милиони денари, за разлика од лани кога Фестивалот доби 23 милиони денари. Од Охридско лето велат дека се задоволни од издвоените средства кои се повисоки за 2 милиони денари и додаваат дека ќе донесат врвни уметници на фестивалската сцена од 12 јули до 20 август.

-Програмата на годинешново  Охридско лето се подготвува. Летово ќе имаме прилика да видиме уметници од музичкиот и драмскиот свет кои се во самиот врв во светот. Изразуваме благодарност што Министерството имаше слух да ги зголеми средствата во споредба со минатогодишната распределба во рамките на конкурсот. Работиме напорно Фестивалот „Охридско лето“  како најголема манифестација под капата на Министерството за култура да реализира уште едно возвишено фестивалско издание со квалитетна, уникатна, атрактивна и возбудлива програма, велат од Охридско лето.

Фестивалот Охридско лето покрај средствата од Министерството за култура обезбедува и сопствени средства од продажба на билети, како и спонзорски средства.

-Кај спонзорите постои подготвеност за поголема финансиска поддршка се со цел на фестивалот летово да видиме врвни музички и драмски имиња од земјава и од странство, додаваат од Охридско лето.

Од таму најавуваат дека „Охридско лето ќе ги оправда очекувањата на љубителите на уметноста, очекувањата на спонзорите, помагателите и пријателите. Тоа, како што велат, е потврда дека „Охридско лето “ успева да воспостави високи стандарди но и гаранција дека во наредните години ќе го продолжи континуираниот растеж, во секоја смисла.

Бура од емоции и вистинско уживање во класичната музика приредија синоќа младите српски солисти, мецосопранот Александра Петровиќ и тенорот Стеван Каранац кои заедно со Српскиот камерен оркестар одржаа концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Љубовта кон музиката ги згреа срцата на бројната публика која и покрај студеното време и снегот уживаше во внимателно одбраниот репертоар  со дела од Росини, Шопен, Сичински, Крајслер, Елгар, Лехар, Чајковски, Маскањи, Дебиси, Штраус и Калман.

Како што истакна директорката на Националната установа „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, овој настан со исклучително талентирани уметници е посветен на прерано починатиот градоначалник на Општина Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски, кој, како што додаде, несебично го помагаше фестивалот.

-За жал, не успеавме до крај да ги реализираме нашите заеднички визии за напредокот на оваа национална установа и останавме без нашиот искрен пријател и поддржувач. Не постојат зборови со кои можеме да ја утешиме болката  за загубата на семејството, ниту зборови со кои ќе ја искажеме благодарноста за неговиот придонес во градењето на успешната приказна наречена „Охридско лето“.  Во овој момент ја нема насмевката на нашите лица, но покрај тагата, чувствуваме гордост и чест што бевме пријатели со човекот што го красеше добрината, искреноста и човечноста, рече Поповиќ.

Младата уметница Александра Петровиќ  првпат настапува на фестивалот „Охридско лето“, но како што нагласи, е воодушевена од организацијата на концертот и гостопримливоста на домаќините.

-На фестивалот „Охридско лето“ настапувале мои колешки и пријателки, но јас ја немав таа можност се’ досега. Навистина огромна е  честа зашто знам дека на овој фестивал што постои долго, настапувале многу еминентни уметници, рече мецосопранот Петровиќ.

И според тенорот Стеван Каранац, концертот на „Охридско лето“ бил воодушевувачки, не само за публиката, туку и за самите уметници.

– Исто како и публиката, и ние уживавме на сцената. Со мојата колешка Александра завршивме оперски студии  во Народниот театар така што имаме прилика да соработуваме  со големи стручњаци како што е маестро Ѓорѓе Павловиќ со кого го изведовме овој концерт, но и со нашите помлади колеги од оркестарот, додаде Каранац.

 

Уметничкиот директор и диригент на Српскот камерен оркестар, Ѓорѓе Павловиќ, рече дека воодушевувачка е идејата, фестивалот „Охридско лето“ да ја прошири културната понуда и надвор стандардниот термин во лето.

– Овој ансамбл првпат настапува на „Охридско лето“, и тоа, во една специфична ситуација кога фестивалот ги шири своите габарити преку целата година, што е одлична идеја и значаен потег бидејќи се работи за фестивал од исклучително значење за регионот, со огромна традиција и со многу квалитетни уметнички понуди. Таквите летни понуди сега се прошируваат и преку годината, со што значајно ќе се влијае врз културната понуда. Ја поддржуваме реализацијата на ваквата идеја и посакуваме да трае долги години, истакна маестро Павловиќ.

По завршувањето на 58-то издание,  „Охридско лето“ организира  два концерти надвор од востановениот фестивалски термин. На 18 декември минатата година настапи еден од најоригиналните изведувачи на денешната класична музичка сцена, италијанскиот пијанист Емануеле Арчиули, а еден месец претходно, во фестивалската историја се впишаа и имињата на пијанистот Александар Синчук и флејтистот Артем Науменко од Русија.

Концертот на српските солисти Александра Петровиќ и Стеван Каранац кои на 12 јануари ќе настапат во рамките на фестивалот „Охридско лето“  заедно со Српскиот камерен оркестар, заради ниските зимски температури, наместо во црквата „Света Софија“ ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид со почеток во 19 часот,  информираат од фестивалската дирекција.

На репертоарот се дела од композиторите Џоакино Росини, Фредерик Шопен, Рудолф Сичински, Фриц Крајслер, Едвард Елгар, Франц Лехар, Петар Илич Чајковски, Пјетро Маскањи, Клод Дебиси, Јохан Штраус и Емерих Калман.

Младата уметница Александра Петровиќ  основното и средното музичко образование ги завршила во Ниш, во класата на професорот Гордана Милошевиќ, на катедрата соло пеење. Настапувала во Ниш, на НИМУС, на концертите на Виенските валцери и оперски арии со Видинската филхармонија, со Младинската филхармонија „Наисус“, како и со дувачкиот квинтет „Нишки солисти“. Во моментов е на специјалестички студии  на Факултетот за музички уметности во Белград, во класата на професорот Никола Мијаиловиќ. Од 2018 година, Петровиќ е хоноререн соработник на Операта и Народниот театар во Белград.

Тенорот Стеван Каранац, музичкото образование  го започнува во 2009 године во  музичкото училиште  „д-р Милоје Милојевиќ“ во Крагуевац. Стилот и техниката на пеење и глума ги усовршува на многу работилници и мајсторски курсеви со плејада успешни пејачи, режисери и актери. Го завршил и курсот за оперски студии  „Борислав Поповиќ“  во Народниот театар во Белград. Како активен учесник на интернационални натпревари во Србија, регионот и странство, добитник е на бројни награди, меѓу кои и наградата „Лауреат“. Од 2013 година одржува бројни концерти во Србија и надвор од земјата.

Српскиот камерен оркестар е основан во 1994 година од страна на уметничкиот директор и диригент Ѓорѓе Павловиќ. Оркестарот работи во неколку постави: како гудачки, камерен во мешан состав, мал симфониски,  помали камерни состави како дуа, триа, квартети и слично. Специјализиран е за изведување дела од современи српски композитори со традиционални елементи. Освен тоа, на репертоарот на  оркестарот се застапени  дела од светски композитори од сите епохи, од барокот до денес. Овој состав е добитник на високи оцени од страна на стручната критика, а Култната просветна заедница од Белград му доделила награда за траен придонес  во културата за 1995 година.Како потврда за квалитетот за досегашната работа се големиот број трајни снимки за Радио Телевизија Србија, изведби што покажуваат  голема техничка подготвеност на ансамблот  и високо ниво на музицирање кои се неопходни  за да се изведе една ваква сложена работа како што се снимањето концерти во живо. Членовите во оркестарот се успешни уметници кои често настапуваат како солисти.

Овој настан во областа на класичната музика, Националната установа „Охридско лето“ го посветува на прерано починатиот градоначалник на Општина Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски.