Романтична Вечер на Европската унија со австрискиот маестро Роберт Лербаумер, еден од најпрестижните пијанисти приреди синоќа фестивалот „Охридско лето“ во црквата „Света Софија“.

Уште на самиот почеток од концертот, префинетиот пијанист Роберт Лербаумер, еден од најпрестижните пијанисти најави дека на подиумот во Света Софија музицира уметник од светски ранг кој умее да ја восхити публиката.

-Воодушевен сум од ова магично место. Не само како изгледаше, туку и како звучеше. Акустиката беше совршена. Со моите очи ја почувствував магичноста, со ушите одличната акустика, но и пијаното исто така беше многу добро. За публиката, да не зборувам, таа беше многу топла, изхави Лербаумер.

На програмата беа дела од Франц Лист,Франц Шуберт, Јоханес Брамс, Франц Шуберт, Готфрид фон Ајнем  и Роберт Шуман.

-Преку програмата сакав да им испратам на луѓето во Охрид и на фестивалот поздрав од Австрија и затоа репертоарот беше избран да биде романтичен, рече маестро Лербаумер кој првпат настапува на фестивалот „Охридско лето“.

Австрискиот пијанист Роберт Лербаумер својата кариера ја започнува на само деветгодишна возраст, кога се појавува на музичките сцени во Австрија, Германија и Швајцарија. Оттогаш неговите настапи (најпрвин како пијанист, а подоцна и како диригент и оргулист) стануваат сè почести и го водат во речиси сите европски земји, каде што соработува со најпрестижните светски оркестри. Паралелно со пијанистичката дејност, Лербаумер успева да се прослави и како одличен диригент и оргулист.

Како солист настапувал со диригентите од светски ранг: Клаудио Абадо, Јехуди Менухин, Андре Превин и др., а соработувал и со истакнати изведувачи како: Волфганг Шнајдерхан, Фридрих Гулда, Волтер Бери, Антон Дермота. Редовен учесник е на фестивали, има направено и повеќе снимки за радио и телевизиските станици, а неговата музика е документирана и на грамофонски плочи и компакт-дискови.

Лербаумер постојано одржува интернационални мајсторски курсеви во целиот свет. Моментално работи како професор на конзерваториумот „Прајнер“ во Виена. Добитник е на повеќе награди и признанија.

 

 

Изложба на накит под наслов „Скриеното, чудесно “од дизајнерките Марта Пејоска и Биби Клекачкоска ќе биде отворена вечерва во Галеријата на Марта Пејоска во Охрид, со почеток во 21 часот.

Изложбата се организира во рамките на „Охридско лето“ а посетителите ќе можат да погледнат колекција современ накит заеднички обмислена од двете етаблирани дизајнерки на филигрански накит и едни од пионерите на македонската сцена на современ накит.

Нивното истражување на тема Охрид и Охридското Езеро започна уште во 2013 презентирано во склоп на групната изложба „Во синило те намамив“, во рамките на „Охридско лето“. Годинашниот проект „Скриеното, чудесно“ претставува продлабочена студија за конкретното, за она што се крие во длабочините на езерото, во соработка со Хидробиолошкиот завод од Охрид и проф. д-р Златко Левков, од Институтот по биологија при Природно – математичкиот факултет во Скопје. Приближувањето на откриеното до публиката е изведено на еден интересен и концептуален начин, преку современа форма на уметнички накит.

Дијатомеите се микроскопски организми, од суштинско значење за многу процеси во езерото и надвор од него. Нивните многубројни вариетети во структурите се полето на игра со која се раѓаат нови дизајни и цела една нова линија на изразување. Финалната форма претставува концепт за нов препознатлив белег на градот Охрид и езерото.

Биби Клекачкоска е дизајнер на накит со повеќе од 20 години работно искуство. Препознаена како авангарден уметник во полето на дизајнот и изработката на накит, пионер на новиот бран на ревитализација и реинвенција на традиционалната филигранска уметност, со голем апетит за истражување и употреба на нови техники, материјали и пристапи во уметничкото изразување. Во својата работа секојпат успешно ги вткајува личните вредности што резултира во креации со висока уметничка вредност, ергономичност, издржливост и пред сè безвременост. За нејзината успешност и препознатливост во пошироки рамки говорат и нејзините учества на најпознатите саеми на накит во Европа. Само во последнава година, во нејзиното портфолио се вбројуваат SIERAAD во Амстердам, MINHEN JEWELLERY WEEK во Минхен и AUTOR во Букурешт.

Марта Пејоска е архитект на накит која преку своето творештво зачувува еден мал но значаен дел од македонското културно наследство, филигранската техника, при тоа,  давајќи еден нов модерен израз на филигранскиот накит, а со тоа тежнеејќи кон неговото осовременување. Оваа амбиција води и кон нејзиниот личен раст и развој како уметник, со посебен акцент на современиот уметнички накит и дизајн. Сето ова во 2014 г. резултираше со отворањето на првата приватна уметничка галерија со ателје за современ накит и филигран во Охрид и Македонија, во нејзина сопственост, како еден значаен придонес кон континуираниот развој на македонската сцена на современ накит. Учествата на интернационални настани и разни проекти од областа на креативните индустрии и заштитата на културното наследство уште повеќе говорат за нејзината активност и успешност.

Изложбата „Скриеното, чудесно“ ќе биде отворена за посетителите до 30. јули.

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов кој е покровител на фестивалот „Охридско лето“ синоќа го проследи концертот на двајцата врвни француски пијанисти кои настапија на фестивалот, Мишел Бурдонкле и Николас Бурдонкле.

Публиката во чии редови беше и амбасадорот на Република Франција во република македонија, Кристијан Тимоние,  синоќа уживаше во извонредната интерпретација на дела од француски и руски композитори што беа изведени во акустичната катедрала „Света Софија“.

 

Француската вечер на фестивалот „Охридско лето“ е традиционална, и секоја година се одржува со поддршка на Амбасадата на Франција во Република Македонија и Францускиот институт во Скопје.

Дела од француски и руски композитори изведени од врвните пијанисти Мишел Бурдонкле и Николас Бурдонкле синоќа одекнуваа под сводовите на црквата „Света Софија“. Француската вечер на фестивалот „Охридско лето“ и донесе ново и возбудливо музичко доживување на фестивалската публика.

На програмата беа композиции од Фредерик Шопен, Сергеј Рахманинов, Клод Дебиси и Дариус Мијо. Пијанистот Мишел Бурдонкле, задоволен д неговиот настап, вели, се чувствува почестен што повторно е дел од фестивалот „Охридско лето“.

-Се чувствуваме одлично, но многу ми е жал што свиревме руска и француска музика, а не успеавме да отсвириме македонска музика. Сум настапувал во оваа прекрасна црква и претходно и сум запознаен со акустиката, но беше чест за мене  да се настапува повторно на „Охридско лето“. Исто  така сум горд што и мојот син се претстави на фестивалот. Почестен сум што сум повторно дел од овој престижен фестивал, изјави Мишел Бурдонкле кој пред околу две децении беше дел од фестивалската програма на „Охридско лето“.

Неговиот син, Николас Бурдонкле иако е млад, сепак важи за еден од најдобрите пијанисти на денешницата. Двајцата уметници синоќа беа подеднакво впечатливи и атрактивни за посетителите на концертот.

-Ми беше чест што настапив првпат на фестивалот и тоа, заедно со мојот татко. Се почесто добиваме понуди заедно како татако и син. Сакаме да изведуваме се’ повеќе композиции, но највпчеатлив за нас е настапот со две пијана и камерен оркестар, вели Николас Бурдонкле.

Француската вечер на фестивалот „Охридско лето“ е традиционална и се одржува секоја година со поддршка на Амбасадата на Република Франција во Македонија и Францускиот институт во Скопје. Синоќешниот концерт го проследија претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој е и покровител на фестивалот „Охридско лето“, францускиот амбасадот во РМ Кристијан Тимоние, градоначалникот на Охрид Јован Стојановски и претставници од Францускиот институт во Скопје.

Најдобро е да бидеш тоа што си, без да се китиш со туѓи перја. Ваква порака донесе синоќа куклената претстава „Тоби“ од Флоријан Зденек, а во режија на Драгослав Тодоровиќ што ја одиграа актерите од Театарот за деца и младинци на фестивалот „Охридско лето“.

Многу насмеани лица, восхитеност од животните на сцената кои беа во оригинални големини,  воздишки, восхит и аплаузи, таква беше публиката во која најбројни беа најмладите. Ведрите и духовито дизајнирани кукли беа вешто водени од актерите и  донесоа многу свежина во детските очи.

Патот што на сцената го помина кучето-јазовичар Тоби кое се срамеше од својот изглед претставуваше спознавање на една голема вистина но и поука за публиката. Во куклената претстава се откриваа сѐ уште актуелните проблеми кај луѓето како што се  необјаснивата желба за промена на сопствениот изглед, дискриминацијата по најразлични основи, физички, социјални, расни, но  јасна беше и пораката дека во секој случај, најважно е ние самите да бидеме среќни и да бидеме прифатени со она што го носиме и со она што имаме.

-Постои нешто, особено кај младите, што изгледа како ненадминлива препрека. Во тие години никако не сте задоволни од сопствениот изглед. Меѓутоа ако имате пријателка како госпоѓата Флора, вие, како јазовичарот Тоби ќе се согледате од сосема друг среќен агол со помош на пријателите. И уште нешто: „Никогаш немојте да се китите со туѓите перја. Ќе испаднете смешни, вели режисерот на претставата  Драгослав Тодоровиќ.

Директорката на НУ „Охридско лето“ Сузана Вренцовска појаснува дека на фестивалските сцени и годинава пленат бројните музички и драмски претстави, изложби, но се води сметка и за најмладата публика.

-Годинава во рамките на драмската фестивалска програма ја донесовме куклената претстава „Тоби“ за нашата најмлада публика. Отворајќи ја сцената на „Охридско лето“ токму за нив,  ја всадуваме уметноста во длабочината на детската душа, како и почитта кон високите уметнички дострели, вели директорката на оваа национална установа, Вренцовска.

Заради големиот интерес за карти, куклената претстава „Тоби“ , наместо на малата, се одигра на големата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Галерија:

 

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со традиционалната Вечер на ЕУ  „Романтична Виена“ во чии рамки ќе настапи познатиот австриски пијанист Роберт Лербаумер.

Концертот ќе се одржи вечерва, во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот. На програмата се дела од Франц Лист,Франц Шуберт, Јоханес Брамс, Франц Шуберт, Готфрид фон Ајнем  и Роберт Шуман.

Австрискиот пијанист Роберт Лербаумер својата кариера ја започнува на само деветгодишна возраст, кога се појавува на музичките сцени во Австрија, Германија и Швајцарија. Оттогаш неговите настапи (најпрвин како пијанист, а подоцна и како диригент и оргулист) стануваат сè почести и го водат во речиси сите европски земји, каде што соработува со најпрестижните светски оркестри. Паралелно со пијанистичката дејност, Лербаумер успева да се прослави и како одличен диригент и оргулист.

Како солист настапувал со диригентите од светски ранг: Клаудио Абадо, Јехуди Менухин, Андре Превин и др., а соработувал и со истакнати изведувачи како: Волфганг Шнајдерхан, Фридрих Гулда, Волтер Бери, Антон Дермота. Редовен учесник е на фестивали, има направено и повеќе снимки за радио и телевизиските станици, а неговата музика е документирана и на грамофонски плочи и компакт-дискови.

Лербаумер постојано одржува интернационални мајсторски курсеви во целиот свет. Моментално работи како професор на конзерваториумот „Прајнер“ во Виена. Добитник е на повеќе награди и признанија.

Заради зголемениот интерес за куклената претстава „Тоби“ што ќе ја изведе Театарот за деца и младинци од Скопје на фестивалот „Охридско лето“,  наместо на малата сцена,претставата ќе се одигра на големата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“, денеска , со почеток во 19 часот.

Продажбата на билети ќе се врши до 18 часот и 30 минути.

Традиционалната Шпанска вечер на фестивалот „Охридско лето“ донесе неповторливи мигови за публиката преку извонредниот глас на сопранот Еугениа Боикс и пијано изведбата на Ана Ферер. Двете шпански уметници на концертниот подиум во „Света Софија“ оставија силен впечаток, но по синоќениот концерт и тие беа восхитени од местото каде што настапија.

-Првпат сме во Охрид и во црквата „Света Софија“. Ова е прекрасно место и навистина ни беше огромно задоволство да настапиме тука. Ја претставивме шпанската музика пред публиката на овој фестивал, вели сопранистката Боикс.

Нивниот репертоар беше разновиден, а го започнаа со тонадиљи и љубовни песни од Енрике Гранадос.

-Во првиот дел донесовме тонадиљи и љубовни, романтични песни. Имаше и популарна музика со француска основа, но сепак, прилагодена на шпанската традиционална музика. Вториот дел беше поразличен од првиот. Доловивме оперети потипични за машка изведба, вели пијанистката Ферер.

 

Во текот на својата кариера, Боикс настапувала во повеќе оперски куќи со одлични оркестри, под диригентската палка на еминентни диригенти од светот. Во нејзиниот репертоар, покрај оперите, често може да се сретнат и ораториуми. Настапува и како камерен музичар со голем број познати изведувачи и ансамбли во Франција, Италија, Швајцарија, Австрија, Германија, Русија, Полска и Америка.

Пијанистката Ферер редовно настапува како камерен музичар во состави со признаени музички уметници, но не ја запоставува ни својата солистичка дејност, соработувајќи притоа со различни оркестри во повеќе земји во светот. Истовремено води и одлична педагошка дејност на Конзерваториумот во Жирона, каде веќе 12 години го води одделот за пијано и камерна музика.

Еугенија Боикс и Ана Ферер се запознале пред осум години, и оттогаш наваму настапуваат заедно. По „Охридско лето“, двете шпански уметници кои оставија силен впечаток кај фестивалската публика, ќе одржат концерти во Сардинија и Милано, Италија.

Во рамките на традиционалната Француска вечер на фестивалот „Охридско лето“ што се одржува со поддршка на Францускиот институт во Скопје, вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот ќе се одржи концерт за четири раце на пијано.

Фестивалската публика ќе ужива во музицирањето на врвните француски пијанисти Мишел Бурдонкле и Николас Бурдонкле кои ќе отсвират дела од Фредерик Шопен, Сергеј Рахманинов,  Клод Дебиси и Дариус Мијо.

Француската вечер на „Охридско лето“  секоја година претставува вистинско уживање за љубителите на уметноста. Според амбасадорот на Република Франција во Република Македонија Кристијан Тимоние, Француската вечер се афирмира како  еден привилигиран момент во којшто се претставуваат врвни имиња од светот на француската музичка сцена.

-Амбасадата на Република Франција во Република Македонија и Францускиот институт во Скопје имаат долгогодишна соработка со фестивалот „Охридско лето“ која што во последните 11 години се остварува преку веќе традиционалната Француска вечер. Со Француската вечер секоја година ни доаѓаат врвни музички имиња од Франција со заеднички напор што го вложуваат и фестивалот и амбасадата и Францускиот институт во Скопје, на општо задоволство. Така, на македонската публика имавме можност да и понудиме врвни имиња. Минатата година тоа беше ансамблот „Маскерина“ а годинава ќе биде пијано-дуото, таткото и синот, Мишел и Николас Бурдонкле. Сигурни сме  дека соработката ќе продолжи и во иднина со уште поголеми проекти и звучни имиња од француската музичка сцена, вели амбасадорот Тимоние.

Според францускиот амбасадор,поддршката за Француската вечер на „Охридско лето“ е всушност поддршка и за градот Охрид.

-Поддршката за Француската вечер и фестивалот е поддршка за градот Охрид како пример за одржлив туризам и придонес кон развојот на  овој град кој е под заштита на УНЕСКО, додава амбасадорот на Република Франција во Република Македонија, Кристијан Тимоние.

Младиот и извонредно талентиран Николас Бурдонкле започнува да изучува пијано под менторство на својот татко – Мишел Бурдонкле на конзерваториумот „Дариус Мијо“ во Екс-ан-Прованс, а продолжува во конзерваториумот „Пјер Барбизе“ во Марсеј каде работи со пијанистот Ерик Бершо. Своето оркестарско деби, овој млад пијанист го доживува во 2009 година, и оттогаш постојано одржува рецитали и концерти со повеќе оркестри. Во 2015 година, ја добива „Супериорната диплома“ како највисоко признание на Националниот конзерваториум за музика во Париз. Моментално се наоѓа на постдипломски студии на Конзерваториумот во Женева.

Звучното име во светот на класичната музика Мишел Бурдонкле со својата активна пијанистичка дејност редовно е присутен на најпрестижните сцени во светот, каде често соработува со некои од најдобрите изведувачи на денешницата. Со своите изведби, Бурдонкле инспирирал повеќе композитори, кои решиле да напишат дело токму за овој пијанист. Неговата дискографија вклучува дела направени со познати издавачки куќи. Значајни се и неговите мајсторски курсеви што ги одржува во повеќе земји во светот, а од останатите активности треба да се издвои неговата улога како основач и уметнички директор на Фестивалот, Академијата и интернационалниот натпревар „Пијанистички ноќи“.

Во рамките на драмската програма на Охридско лето, денеска ќе биде изведена куклената претстава „Тоби“од Флоријан Зденек, а во режија на Драгослав Тодоровиќ. Претставата ќе ја одиграат актерите од Театарот за деца и младинци од Скопје, во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 19 часот.

Театарот за деца и младинци подготви навистина специфична бајка длабоко мотивирана од чисти хумани сфаќања. Ова е приказна за едно куче Тоби, кое се срами од свojoт изглед. Тоби го минува патот на спознавање една голема вистина.

-Постои нешто, особено кај младите, што изгледа како ненадминлива препрека. Во тие години никако не сте задоволни од сопствениот изглед. Меѓутоа ако имате пријателка како госпоѓата Флора, вие, како јазовичарот Тоби ќе се согледате од сосема друг среќен агол со помош на пријателите. И уште нешто: „Никогаш немојте да се китите со туѓите перја. Ќе испаднете смешни, вели режисерот на претставата  Драгослав Тодоровиќ.

И покрај овој суштински аспект на детската драма, во неа се читаат и откриваат навистина сѐ уште актуелни проблеми кај луѓето: необјаснива желба за промена на сопствениот изглед, дискриминација по најразлични основи, физички, социјални, расни итн. Во секој случај, најважно е ние самите да бидеме среќни и да бидеме прифатени со она што го носиме, со она што имаме да му го понудиме на овој свет.  Публиката ќе може да види навистина богати, ведри и духовито дизајнирани кукли кои вешто водени од актерите ќе донесат многу свежина и игра во детските очи.