Во рамките на 57-то издание на фестивалот „Охридско лето“, концерт ќе одржи Загрепскиот пијано квинтет.

Овој музички состав го сочинуваат виолонистката Алина Губајдулина,
Хрвое Филипс на виола, виолончелистот Никола Јовановиќ, Илин-Диме Димовски на контрабас и пијанистот Федерико Ловато.

На вечерашниот репертоар се дела од Јозеф Лабор и Херман Гец.

Виолинистката Алина Губајдулина е родена во Молдавија, а од 1998 година живее во Хрватска. Таа завршува музичко училиште во Сплит и дипломира на Музичката академија во Загреб во класата на проф. Л. Сороков. Губајдулина е добитничка на повеќе награди и признанија, а како солист настапува со Загрепската филхармонија, со оркестарот на операта во Сплит, со Сплитскиот и со Хрватскиот камерен оркестар. Соработува со бројни ансамбли и оркестри во Хрватска и надвор од неа и настапува на значајни меѓународни фестивали.

Хрвое Филипс дипломира и магистрира во класата на Анте Живковиќ на Музичката академија во Загреб. Од 1997 година е соло-виолист на Хрватскиот национален театар во Загреб, а настапува и со ансамблите Загрепски солисти и Загрепски квартет. Од 2004 година е соло-виолист на Симфонискиот оркестар на Хрватската РТВ.

Виолончелистот Никола Јовановиќ е роден во Белград каде го започнува музичкото образование и се запишува на Музичката академија. По успешниот приемен испит, студиите ги продолжува на Високата школа за музика во германскиот град Детмолд во класата на познатата челистка Ксенија Јанковиќ каде и дипломира, а во 2015 година го завршува и третиот и најсложениот степен на студии за концертен солист за кој добива највисоки оценки и почести. Во текот на школувањето и студиите тој е добитник на бројни награди и признанија, како и на стипендии кои му овозможуваат да се усовршува со некои од најпознатите солисти во светот како Гернигас, Гутман, Диндо и многу други. Во 2010 година станува член на Минхенската филхармонија која преку двегодишната стипендија му овозможува да соработува со некои од најпознатите светски диригенти. Истата година станува член на клавирското трио „Пескатори“ со кое концертира низ Европа. Во 2012 година е финалист и добитник на трета награда на Штраусовиот натпревар во Минхен, а истата година станува заменик-водач на групата виолончела на Симфонискиот оркестар на градот Бамберг. Тој е член на симфонискиот оркестар „Но бордрс“.

Илин -Диме Димовски е контрабасист во Загрепската филхармонија, а настапува и со оркестарот „Моцарт“ од Болоња и Хрватскиот камерен оркестар. Како гостин контрабасист често настапува со оркестри во Италија. Студира контрабас на престижната школа за музика „Гилхол“ во Лондон, а магистрира со оценки cum laude на Конзерваториумот во Трст. Како камерен музичар Димовски настапува со пијанистите Алесандро Бичи и Хироми Араи, со камерниот оркестар „Сан Марко“ и со гудачкиот квинтет „Сапада“. Како солист и како оркестарски музичар настапува на меѓународни фестивали во Хрватска, Македонија, Холандија, Велика Британија, Норвешка и Италија.

Федерико Ловато е роден во 1976 година, студирал пијано и дипломирал на Конзерваториумот во Венеција, а на истиот конзерваториум се здобива и со диплома за виолончело. Тој е добитник на бројни награди на национални и интернационални натпревари (Таранто, Алберга, Венеција, Пјаченца, Трст, Сибиу), а потоа започнува неговата кариера како концертен пијанист со настапи во Италија, Франција, Словенија, Хрватска, Полска и Германија. Како солист настапува со повеќе оркестри меѓу кои Симфонискиот оркестар на ХРТ, Камерниот оркестар на Падова и Венето, оркестарот на театарот „Ла Фениче“ во Венеција, Државната филхармонија во Сибиу, Загрепската филхармонија и др. Како камерен музичар настапува во дуо со неговиот брат кој е виолинист, но и со хорнистот Г. Пеларин со кој го формира ансамблот „Оптер“, а работи и со оркестарот „Екс Ново“. Оваа година ќе настапи на две турнеи низ Италија, но и во Германија, Шведска и Јапонија. Со Г. Пеларин снима ЦД на француски репертоар посветен на хорна и пијано издадено за „Аудите“.

Концертот на Загрепскиот пијано квинтет ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 20 часот и 30 минути.

Машкиот манастирски хор „Општина Пустина“ од Русија синоќа ја наполни црквата „Света Софија“ настапувајќи во рамките на музичката програма на 57-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Под диригентска управа на Александар Семенов како солисти настапијa Александар Горбатенко – контратенор, тенорите Александар Детинкин и Евгениј Михеев, баритонот Дмитриj Писарев и Владимир Милер – бас профундо, како и гостите Иван Томашев – бас баритон од Србија, неговата сонародничкa, сопранистката Сања Керкез, како и македонската сопранистка Милена Арсовска.

На програмата беа избрани духовни композиции, грегоријански распеви, старобугарски распеви, манастирски песни, херувимски песни, духовни песни на Борњански, Чесноков, Рахмањинов, Трубачев, Свиридов, Садовски, како и на Шуберт.

-Прв пат настапуваме во Македонија, и првпат сме дел од фестивалот „Охридско лето“ така што ова е едно ново искуство за нас. Самата црква каде што настапивме има прекрасна акустика. Тоа посебно одговара со нашиот тип на музика, така што наш заеднички впечаток е дека направивме една извонредна композиција и дека публиката навистина уживаше во изведбите, велат членовите на машкиот црковен хор.

Српската сопранистка Сања Керкез исто така првпат настапи на фестивалот „Охридско лето“ иако повеќе од две децении е постојан гостин во Македонската опера и балет со најразлични улоги.

– Исклучително сум задоволна што настапив на „Охридско лето“ со еден ваков ансамбл, еден ваков хор, составен од врвни уметници, академски граѓани, музички образовани и сите се солисти. Ова беше нешто величенствено, да се пее духовна музика во ваков простор, иако, морам да признам дека тоа не е мој фах. За мене беше малку напорно да слушам ваков вид хармонија поради тоа што сум навикната на оркестар, инструменти, а не ваков вид на акапела. Не е лесно, но секако мора да се стекне некое искуство, појаснува сопранистката Керкез.

Македонската сопранистка Милена Арсовска по 10-тина години повторно е во црквата „Света Софија“. Како што вели, задоволна е од одзивот на публиката која со големо внимание го проследи концертот.

– Публиката беше одлична и после еден ваков концерт јас сум навистина многу исполнета. Послениве десет години живеам во Виена, но патувам постојано затоа што работам и во Германија и во Чешка. Во Македонија имав неодамна концерт со Македонската филхармонија, а последен пат настапив на фестивалот „Охридско лето“ на концертот со Дуке Бојаџиев. Пред да се иселам од Македонија, бев дел од Македонската филхармонија и со тоа секоја година бев дел од фестивалот. Но сепак, денес пое толку години повторно ја почувствував таа магија, вели Арсовска.

Машкиот хор „Оптина Пустина“ е основан во 1996 година во рамки на монаштвото на областа Оптина Пустин во Санкт Петербург. Уште од првите денови на основањето хорот постојано го надградува својот репертоар што се состои од стари и нови екслезиастички пеења. Како резултат на нивната работа откриени се и изведени бројни манускрипти кои постоеле во различни академски библиотеки во Русија и во светот, а нивните концерти вклучуваат пеења не само од руската традиција, туку и од ортодоксните традиции на Грција, Бугарија, Србија и Грузија, како и модерни аранжмани на стари пеенија и религиозни композиции на руски композитори.

Основачот на хорот и негов уметнички раководител Александар Семенов дипломирал хорско диригирање на Конзерваториумот во Санкт Петербург, се усовршил во областа на оркестарското диригирање, а ја проучувал и старо-руската музичка нотација.

Хорот е составен од професионални музичари, дипломци на Конзерваториумот во Санкт Петербург, меѓу нив е и познатиот бас Владимир Милер (солист на театрот „Марински“, национален уметник на Русија), како и наградуваните солисти Александер Горбатенко (контра-тенор), Дмитри Шишкин (бас), Дмитри Писарев (баритон), Борис Петров (баритон), Евгениј Микхеев (тенор), Андреј Иванушкин (тенор), Виктор Капров (бас), Сергеј Григориев (бас).

Во дведецениското уметничко делување хорот остварил настапи во повеќе од 30 градови во Русија, а има реализирано турнеи во Белгија, Унгарија, Германија, Холандија, Шпанија, Италија, Кина, Колумбија, Норвешка, Србија, Црна Гора, Финска, Франција, Шведска, Естонија и Украина.

Нивни концерти се одржани во Катедралната црква на Кремљ во Москва, Катедралата „Св. Софија“ во Нижни Новгород и Киев, во бројни катедрални цркви во западна Европа, како и во повеќе концертни сали.

Во 2006 издавачката куќа „Ворнермјузик“ го издава ЦД-то снимено со италијанскиот ансамбл „Солистивенети“ и Клаудио Шимоне, а во досегашната дискографија на хорот се впишани и 14 други албуми.

Мултимедијален проект со ликовни дела на македонскиот уметник Драган Спасески Охридски беше отворен синоќа во црквата „Света Софија“ во Охрид, во рамки на 57-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Отворајќи ја изложбата, историчарот на уметност, академик Цветан Грозданов подвлече дека циклусот насловен како „Мајка и дете“ содржи 30 изненадувачки експонати создадени од уметникот Спасески.

– Овие експонати изненадуваат. Има голем циклус на мајка и дете.Тоа е циклус на Христос и Богородица. Тоа е циклус на обичен човек. Во црквата „Света Богородица-Перивлепта“ го има еден од најголемите вакви циклуси во светот, дело на големите зографи Михаил и Ефтихиј. И таму се насликани околу 30 сцени почнувајќи од Рождеството Христово, рече академик Грозданов.

Зборувајќи за самиот автор, академик Грозданов рече дека го познава триесеттима, а можеби и повеќе години. Според него, Драган Спасески –Охридски е неверојатен читач кој постојано читал теорија на книжевноста, литература, поезија, проза, но и сликал.

– Овој циклус „Мајка и дете“ покажува дека Драган Спасески Охридски сака да кореспондира со духовното. Тој е модерен уметник во модерна смисла, но не е имитатор. Тој е уметник којшто се враќа на антиката, на ренесансата , на неокласицизмот, се до наше време и не повторува никого.

Авторот на мултимедијалниот проект појасни дека „ Човекот е трепет и ангелот трепет е, а ти Боже мој…“ е всушност пресек од неговото досегашно творештво, а неговата желба е да го продолжи творечкиот пат на зографите Михаил и Ефтихиј.

– Мојата желба беше да го продолжам патот на Михаил и Ефтихиј .Како пчела одам од цвет на цвет, собирам се што е најзначајно во цивилизациска смисла и ставам авторски печат на она што го создавам, без да ми биде важно дали тоа е трендовски или не е, дали се исплатува или не. Едноставно, го следам својот пат на духовното, на фантастичното и еротското во сликарството. Тоа е еден дел на проектот. Другиот дел е промоција на книга со истиот наслов, која што од правдани причини, за отворањето на изложбата не беше презентирана, туку ќе биде претставена во друг дел од оваа изложба, рече уметникот Драган Спасески Охридски.

Изложбата со неговите дела ќе биде отворена во црквата „Света Софија“ до 20-ти август. Многубројните посетители на отворањето, според академик Цветан Грозданов“ покажуваат колку авторот е ценет како пријател и сограѓанин.

Уметникот Драган Спасески Охридски е голем презентер на македонската уметност надвор од границите на земјава. Тој е еден од првите автори кој уште кон крајот на осумдесеттите години на минатиот век се претставува со мултимедијални проекти пред љубителите на уметноста. Зад него стојат повеќе вакви проекти почнувајќи од „Апокалиптичен Нарцис“ што беше претставен во 1989 година. За следната година, овој исклучително вреден, плоден и интересен уметник, најавува и голем архитектонски проект. По професија, Драган Спасески Охридски е доктор-специјалист ортопедски хирург.

Националниот театар „И.Л. Карагиале“ од Букурешт синоќа во предворјето на црквата „Света Софија“ го приреди концертното шоу „Меџик Нешнл“ за публиката на фестивалот „Охридско лето“ а во режија на познатиот романски актер и режисер Јон Карамитру.

Наместо со маски, актерите од овој театар, со песна, музика и танц, речиси два часа ја забавуваа публиката одделувајќи ја од секојдневието и носејќи и една уметничка одисеја со ретро провејување, но во современ ритам. Хемијата помеѓу главните на сцената и тие што ракоплескаа особено дојде до израз во втората половина од концертното шоу кое донесе брз и ведар ритам.

Медеа Маринеску е една од актерките што синоќа остави силен впечаток. Таа беше задоволна од настапот пред охридската публика, но и воодушевена од амбиентот во кој се одржа шоуто.

– Овој вид перформанс магично се вклопи во амбиентот каде што настапивме. Првпат играме на отворен простор, па така пред да настапиме се прашувавме како ќе изгледа сето тоа на сцената. Кога го изведуваме ова шоу во Романија, публиката пее и рецитира со нас. Овде, публиката не го разбира романскиот јазик, но затоа таа „тргна“ кога тргна и музиката и ритамот. Иако имавме многу текст на романски, сепак мислам дека публиката разбираше по нешто, изјави Маринеску.

Актерката Ајлин Кадир на сцената долови нишки од букурешките романси, пренесени на нејзин автентичен и мистериозен начин.

– Местото каде што настапивме е најсоодветно за ова концертно-шоу. Многу е поразлично шоуто кога го играме во нашиот театар. Едноставно атмосферата овде е прекрасна заради архитектурата и самата местоположба на црквата. Иако проектот го играме веќе две години, настапот во Охрид беше поразличен. Инаку сум првпат во Охрид и на „Охридско лето“, но слушнав за градот и фестивалот минатата година од моите пријатели од „Арт Оркестра“. Ми раскажуваа многу убави нешта за Охрид во кои сега и самата се уверив, рече Кадир.

На синоќешното концертно-шоу, актерите Едуард Адам и Лари Гиоргеску раскажуваа приказни за животот и уметноста, но не со зборови, туку со пантомима, импровизација и интересна кореографија.

– Местото каде што настапивме, црквата „Света Софија“ ни даде силна енергија, но и нешто ново во нашата игра. Многу ми е жал што немаме многу време да останеме и да бидеме дел од публиката на фестивалот, па да размениме и мислења со колегите од различни земји, рече Адам.

Музичко изненадување на концертното шоу „Меџик Нешнл“ на Националниот театар „И.Л. Карагиале“ од Букурешт беа и најмладите членови кои придружени од дузина инструменти на сцената го доловија највеселиот и најритмичкиот дел од концертот.

На репертоарот на годинешното 57- мо издание на фестивалот „Охридско лето“ денеска е театарската претстава – концертно шоу „ Меџик Нешнл“ во изведба на Националниот театар „И.Л. Карагиале“ од Букурешт, Романија.

Националниот театар се смее, пее и танцува во едно театарско шоу, и е уште една прилика да се осврнеме на радоста на една вечно нова и носталгична музика. Со ретро провејување, но во современ ритам, концерт-шоуто ќе донесе познати актери, без маска, само со музика.

Ќе биде откриена една Едит Пјаф, мајсторски испеана од страна на Анка Сигартау, публиката ќе се сретне со Тања Попа во страсни фрагменти од обемниот руски репертоар, а нишки од борбениот Букурешт ќе одекнат од романсите, мистериозно пренесени од Ајлин Кадар. Mедееа Маринеску и Мариус Маноле предлагаат една уметничка одисеја, која ќе нè оддели од здодевното секојдневие и ќе нè понесе во светот на музиката која го топли срцето и прошепотените зборови. Иштван Теглас, Едуард Адам и Лари Гиоргеску ќе раскажуваат приказни за животот и уметноста, кои не можат да се опишат со зборови: пантомима, импровизација и кореографија. Најмладите учесници, Емилијан Mарнеа, Петре Aнкута и Флорин Калбајос ќе ве изненадат со најкусиот, највеселиот и најритмичкиот концерт, придружени од дузина инструменти.

Домаќин на вечерта е Јон Карамитру, кој во негова режија ветува едно поинакво музичко изненадување.

Јон Карамитру е роден на 9 март 1942 год. во Букурешт.Тој е романски актер, режисер и политичка фигура. Бил министер за култура во периодот од 1996 до 2000 година. Дипломирал на Институтот за театарска и филмска уметност „И.Л. Карагиале“ во 1964 година. Неговото име се појавува во повеќе од 30 филмови, почнувајќи од 1964 година, па сè до 2004 година. Негови најпознати улоги се во филмовите: „Утрата на доброто момче“ (1966), „Залената трева на домот“ (1978), „Стефан Лучијан“ (1981), и „Средношколци“ (1985-1987), како и многу помали улоги во странски филмови.

Директор е на Националниот театар „И.Л Карагиале“ во Букурешт од јуни 2005 година. Претседател е на УНИТЕР – Унија на романски театри – од 1990 година. Од 1990 до 1993 година работи како директор на театарот „Лучија Стурѕа Буландра“ во Букурешт. Номиниран е и наградуван за повеќе негови остварувања и улоги.

Претставата и концертно шоу „Меџик нешнл“ ќе се одигра во предворјето на црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Рубен Далибалтајан, победникот на десет меѓународни натпревари во Ерменија, Кина, Хрватска и Италија, синоќа со својата маестрална изведба на пијано ја воодушеви публиката на фестивалот „Охридско лето“.

Ерменскиот пијанист во магична атмосфера во црквата „Света Софија“ ги отсвири делата од Шопен, Дебиси и Лист.

– Многу сум задоволен, публиката беше внимателна, а и топла. По настапот бев уморен и исцрпен, всушност како и после секој настап, човек се истрошува, се дава себеси на публиката, а тоа е и суштината на оваа професија, изјави Далибалтајан.

Според него, акустиката на просторот каде што се свири е многу важна за севкупниот печаток за еден уметник.

– Црквата „Света Софија“ ја има најубавата акустика од сите места каде што сум настапувал досега и тоа е многу важно за севкупниот впечаток за мојот настап и концертот. Модерните сали често знаат да бидат неакустични, но затоа оваа црква е одлична. Охрид пред се’ е град кој има душа и навистина немам ниту една негативна забелешка, се е во суперлатив и позитив. Во себе носам само позитивни импресии од оваа соработка со фестивалот „Охридско лето“, додаде Рубен Далибалтајан по завршувањето на концертот.

Ерменскиот пијанист рече дека по концертот на фестивалот „Охридско лето“ заминува и со импресии од Охрид, како град каде настапил првпат.

– Првпат сум во Охрид. Неколку дена сум овде и морам да кажам дека веќе сум заљубен во овој град. Времето и климата се идеални, тка што со задоволство би дошол повторно во Охрид, и тоа во скоро време, кажа Далибалтајан.

Инаку овој суптилен пијанист чии изведби секогаш носат нешто ново и позитивно, зад себе има многу успешни проекти , меѓу кои е и основањето на школа за пијано во Макарска во 2005 година, заедно со својата сопруга Јулија Габајдулина. При неговиот престој во Охрид потврди дека ќе продолжи да твори и да ја воодушевува публиката пред која ќе настапува, а како што рече, ќе продолжи да создава и нови млади пијанисти.

Величествен 57 Роденден на “Охридско Лето” во елитниот Хотел “Лаки”, низ Фотографиите на Стојан Стојановски

Во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, во црквата „Света Софија“ вечерва со почеток во 20 часот и 30 минути ќе се одржи концерт на ерменскиот пијанист Рубен Далибалтајан. На репертоарот се дела од Шопен, Дебиси и Лист.

Рубен Далибалтајан е роден во Јереван (Ерменија) каде го завршува основното музичко образование во класата на Анахит Шахбазјана, а потоа се сели во Москва каде продолжува да се едуцира во престижната академија за музика „Гнесин“ под менторство на проф. Артур Бернгхардт. Магистрира на Државниот конзерваториум во Москва во класата на Валериј Кастелски, а врз неговиот професионален и уметнички развој силно влијаат исклучителните уметници Борис Берлин, Лазар Берман и Алексис Вајсенберг.

Далибалтајан е победник на десет меѓународни натпревари во Ерменија, Кина, Хрватска и Италија. Уште како млад, Рубен Далибалтајан се позиционира на светската музичка сцена, а критиката го оценува како „суптилен пијанист чии изведби секогаш носат нешто ново и интересно“. Настапите го водат Далибалтајан во повеќе земји во Европа, Азија и Америка како рецитален уметник, солист со оркестар или како член на камерни ансамбли – дуо со неговата сопруга Јулија Губајдулина или со триото „Амадеус“. Неговиот репертоар се протега од барок до современи автори со посебен акцент на романтичниот период во музиката. Во 2000 година Рубен Далибалтајан почнува да предава на Музичката академија во Сараево, а во 2005 година станува професор и на Академијата за музика во Загреб. Од оваа година е гостин-предавач на Музичката академија во Лихтенштајн. Како дел од неговата педагошка работа одржува мајсторски курсеви и семинари, а често е член на жири-комисии на меѓународни натпревари. Еден од неговите значајни проекти е основањето на школата за пијано во Макарска во 2005 година заедно со Јулија Губајдулина.

Драмската програма на 57-то издание на фестивалот „Охридско лето“ синоќа на сцената „Долни Сарај“ донесе премиера на театарската претстава „Сон на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир, режирана од Џон Блондел, а во изведба на Битолскиот народен театар.

Пречекани од многубројната публика, а испратени со громогласен аплауз, актерите и целиот тим на Битолскиот народен театар изјавија огромна благодарност до „Охридско лето “ што им овозможи премиера на нивниот проект подготвуван во текот на изминатите месеци.

Според нив, , режисерот преку оваа претстава уште еднаш не’ учи што значи да се биде човек, каде да се најде радост и како да се справиме со загубата.

– Срцето ми е полно што охридската публика одлично ја „прими“ претставата.Просторот исто така е феноменален. Многу е различно да се игра на ваква сцена, во споредба со театарската класична сцена. Од секаде се слушаат различни звуци и тоа е она што ти дава дополнителна мотивација за да играш и дадеш нешто повеќе. Ова е моја прва соработка со режисерот и претставува едно убаво искуство за мене. Поминавме низ еден процес на самоистражување. Во претставата има вметнато неколку музички елементи, дел од познати песни на групата „Блонди“, што е доста автентично. Улогата што јас ја толкувам, самовилата Титанија е една силна жена, кралица на самовилите, жена на Оберон и поради сето ова, целиот проект и самата улога ја сметав за еден предизвик, вели Катерина Аневска, актерка од Битолскиот народен театар.

За актерот Петар Спировски, посебно е чувството да се глуми на сценските простори на фестивалот „Охридско лето“.

– „ Охридско лето“ секогаш се покажува во најдобро светло, како и ние, Битолскиот народен театар, и поради тоа секогаш имаме успешна соработка. Посебно е чувството да се игра претстава на овие простори, Долни Сарај, црквата „Света Софија“, Античкиот театар и слично. Ова е мојот трет проект со Џон Блондел, режисерот на оваа претстава. Предизвикот да се работи Шекспир е навистина огромен, посебно улогата која што јас ја имам Зевзек или во други преводи Задрогаз. Предизвик од секогаш ми беше да ја играм токму оваа улога и јас уживав во неа. Ова е на некој начин исполнување на дел од моите соништа, вели актерот Спировски.

Според режисерот на претставата, Џон Блондел и директорот на Народниот театар од Битола, Иван Јерчиќ, реакциите на публиката за оваа театарска изведба беа крајно позитивни.

И за овој драмски проект на фестивалот „Охридско лето“, како и за мега-спектаклот „Вивалдијано“ што се одржа завчера на Антички театар, се бараше карта повеќе.

Националната установа „Охридско лето“ од денеска повторно го стави во функција прес-центарот, место што ќе им биде на располагање на новинарите кои во своите редакции ја креираат фестивалската хроника на ова 57-мо издание.

Прес-центарот официјално беше отворен со денешната прес-конференција по повод премиерата на театарската претстава „Сонот на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел, а во изведба на Народниот театар од Битола.

До крајот на годинешното „Охридско лето“ остануваат уште триесеттина настани. Според директорката на фестивалот, Сузана Вренцовска, досегашните настани беа празник на уметноста, а беа посетени од бројна публика.