Со свечен коктел во најелитниот хотел на охридската ривиера, хотелот „Лаки“ синоќа беше одбележан 57-от роденден на најголемата музичко-сценска манифестација во Македонија и регионот, фестивалот „Охридско лето“.

Роденденските свеќи на тортата ги дувнаа директорката на оваа национална установа, Сузана Вренцовска, заедно со музичкиот и драмскиот селектор, како и останатите вработени во „Охридско лето“.

-Приоритет во овој момент е реализацијата на програмата. „Охридско лето“ има тим кој знае да се справи со сите предизвици. За нас најважно е да се гради брендот на институцијата, домаќинското работење и почитувањето на традицијата. Тоа ни дава поттик да продолжиме да ја градиме вредноста на ова светско собиралиште на врвни уметници, вели директорката Вренцовска, нагласувајќи дека повеќе од половина век, фестивалот како најголема музичко- сценска манифестација зад себе испишува богата историја со славни имиња од светската музичка елита и врвните театарски креации.

.

Во пријатниот амбиент на екслузивниот хотел „Лаки“ присуствуваа голем пријатели и помагатели на фестивалот, како и соработници.

Уникатно и неповторливо доживување приреди фестивалот „Охридско лето“ по повод својот 57-ми роденден. Публиката на Антички театар беше воодушевена од досега невидениот мега музичко-сценски спектакл „Вивалдијано“ .

Безвремениот музички проект составен од реномирани музичари од различни стилови донесувајќи мешавина од современа музика изградена на темелите на барокот, ги разбуди сите сетила на посетителите. Тие уживаа во тридимензионалното патување низ музиката со настап на врвни уметници од Прашката филхармонија и од целиот свет, зачинето со уникатен сценски настап меѓу две видео-презентации.

Фестивалската публика синоќа уживаше во спојот на неповторливите креации на Вивалди со рок-енергија.

Најавите дека првпат на Антички театар се носи најголемен визуелен настан со ретко видена аудио и видео опрема го наполни гледалиштето до последно место. Оние кои не успеаја да обезбедат влезница, го проследија шоуто околу овој локалитет.

.

.

Народниот театар од Битола вечерва на фестивалот „Охридско лето“ премиерно ќе ја одигра театарската претставата „Сон на летната ноќ“ на текст од Вилијам Шекспир, а во режија на Џон Блондел.
Како што појасни драмскиот селектор на „Охридско лето“, Зоран Љутков, оваа претстава е една од двете премиери предвидени за годинешното фестивалско издание.

-Ова е претстава што ги доловува каракеристиките на авторот Шекспир и уште еднаш не’ учи што значи да се биде човек, каде да се најде радост и како да се справиме со загубата. Ова не е прва соработка на американскиот режисер со Народниот театар од Битола, тие зад себе имаат низа успешни проекти и долгогодишна соработка. Во претставата на Блондел играат моите веќе докажани колеги од Народниот театар во Битола: Петар Горко, Илина Чоревска, Никола Пројчевски,Марјан Ѓорѓиевски, Викторија Степановска-Јанкуловска, Маја Андоновска-Илиjевски, Слободан Степановски, Александар Стефановски,Огнен Дранговски, Катерина Аневска, Петар Спировски, Соња Михајлова, Јулијана Мирчевска, Валентина Грамосли, Менка Бојаџиева, Јулијана Стефановска, Елена Моше.Драматург на претставата е Билјана Крајчевска, а костимите кои ќе ги погледнеме вечерва се дело на Благој Мицевски, сценограф е Валентин Светозарев, а за музиката е одговорен Александар Димовски, изјави Љутков на денешната прес-конференција.

Директорот на Народниот театар од Битола Иван Јерчиќ нагласи дека овој театар е долги години присутен на фестивалот „Охридско лето“ со свои премиери, а режисерот Џон Блондел е нивни голем соработник и пријател.

-„Сон на летната ноќ“ е нашата трета премиера за годинава финансирана од страна на Министерството за култура на Република Македонија. Имаме уште една премиера до крајот на годината со финансиска поддршка од ресорното министерство, а направивме и три – четири претстави со сопствени средства, така што мислам дека 2017-та ќе ја заокружиме како мошне плодна година со осум премиери, рече Јерчиќ.

Режисерот на театарската претстава „Сон на летната ноќ“, Џон Блондел изјави дека е огромна честа што повторно се враќа на фестивалот „Охридско лето“ и оти во овој проект учествуваат многу способни актери.Текстот на Шекспир, според него, е посебен сам по себе, зборува за тоа што е љубовта, кога ја пронаоѓаме, губиме, повторно ја наоѓаме, што се ни се случува во сиот тој процес на лично менување.

-Следбеник сум на работата на големиот англиски режисер Питер Брук. Така што кога седнавме со актерите да ја осмислиме претставата, реков дека немам воопшто никаков концепт, а и сеуште го немам. Концептот е она што произлезе од нашата работа, своевидна креација на солуции. Секогаш се обидувам да направам спој помеѓу луѓето, личностите, поединецот, човечното во него со текстот, за на тој начин да ја избегнам замката на наметнатост, лична претенциозност, влијание, кажа Блондел.
Актерот Петар Спировски кој ја игра улогата на Зевзек, вели дека имал желба овој лик да го одигра на сцената уште од студентските денови.

-Можам да се пофалам дека ова е мој трети проект со Блондел така што веќе соработуваме и како пријатели.Целиот процес помина со една огромна леснотија. Како актери секогаш си зацртуваме неколку улоги кои би сакале да ги одиграме во животот, и еве, ова е една од улогите кои сум ги зацртал уште од студентските години кога го работевме Шекспир, истакна Спировски.

Улогата на Титанија во претставата ја игра актерката Катерина Аневска според која, соработката со режисерот Блондел е огромно искуство.

– Ова е моја прва соработка со режисерот Џон Блондел и посебно ми е драго што поминав низ еден процес на себеоткривање и се соочив со многу предизвици. Ова е мое омилено дело од Шекспир и дефинитивно претставува извор на мотивација за многу режисери и уметници од целиот свет. Интересно беше тоа што во преставата вметнавме и неколку сонга од познатиот бенд „Блонди“ и беше вистински предизвик за мене, целиот тој музички предизвик да го спојам со ликот на Титанија која е портрет на една моќна жена која е кралица на самовилите, рече Аневска.

За поставката со режисерот Блондел, драматургот на „Сон на летната ноќ“ Билјана Крајческа рече дека претставува спој на две различни култури, како тие да се вметнат во актерскиот израз со оглед на различноста во размислувањето, хуморот.

-Делото отвара многу животни прашања и проблеми, од власта до љубовта. На крајот стигнавме до наша заедничка приказна која говори за тоа што значи нешто да добиваш, кога нешто ќе изгубиш, кога луѓето добиваат глас, љубов, моќ….Тука се вметнати дел од нашите лични приказни, што ќе ги претставиме во двочасовна игра, рече Крајчевска.

Шекспировата драма „Сон на летната ноќ“ чиј превод го направи Драги Михајловски, ќе се одигра на сцената Долни Сарај со почеток во 21 часот.

Со музичко-сценскиот спектакл „Вивалдијано“ вечерва на Античкиот театар ќе биде одбележан 57-от роденден на фестивалот „Охридско лето“.

Овој мултимедијален мега проект преставува вонвременски спој на уметничка изведба на 16 истакнати музичари од различни стилови. Тие ќе изведуваат класични дела на Вивалди базирани врз барокот.

Како што најави директорката на фестивалот „Охридско лето“ Сузана Вренцовска, станува збор за досега досега невидена аудио и видео опрема што ќе биде поставена на сцената на Античкиот театар,и воопшто, на фестивалот „Охридско лето“. Според неа, приоритет на оваа институција е домаќинското работење, почитувањето на фестивалската традиција, но и носењето проекти кои ќе остават силен печат врз публиката.

 

 

– Приоритет во овој момент е реализацијата на програмата.  „Охридско лето“ има тим кој знае да се справи со сите предизвици. За нас најважно е да се гради брендот на институцијата, домаќинското работење и почитувањето на традицијата. Тоа ни дава потик да продолжиме да ја градиме вредноста на ова  светско собиралиште на врвни уметници.
Голема е возбудата, но и обврската да се организираат 57-те настани на годинешново издание кое благодарение на новите селектори, музичкиот Ѓорѓи Цуцковски и селекторот за драма, Зоран Љутков, изобилува со врвна уметност и атрактивни нови содржини. Почнувајќи со свеченото отворање на фестивалот,со Џез квартетот Форплеј, па се до денес реализиравме 33 настани, изјави директорката Вренцовска. 
.
.
Според селекторот на музичката програма Ѓорѓи Цуцковски во основата на проектот „Вивалдиано“ се композициите на извонредниот италијански композитор Антонио Вивалди, но, како што нагласи,  претставен на нов возбудлив начин преку вешто спојување на касичната музика со модерни елементи.
– Токму на овој посебен ден за нас, на роденденот на фестивалот имаме атрактивна понуда за поширок спектар на љубители на музикаата. Вечерва на древниот магичен Антички театар, овде во Охрид, ќе имаме уникатна можност премиерно да го погледнеме Светскиот мултимедијален мега проект „Вивалдијано“ во Македонија. Визуелните 3Д ефекти и светлосното шоу дополнително придонесуваат за севкупното чувство на возбуда, рече Цуцковски.
.
.
Јакуб Швејда, организаторот на турнејата на „Вивалдијано“ истакна дека Античкиот театар е можеби најдоброто место за старт на проектот.
.
.
-Фестивалската публика вечерва ќе има можност да види спој на неповторливите креации на Вивалди со рок-енергија…На посетителите ќе им понудиме тридимензионално патување низ музиката, со настап на врвни уметници од Прашката филхармонија и од целиот свет, зачинето со уникатен сценски настап меѓу две видео-презентации, изјави Швејда.
.
На денешната прес-конференција, традиционално, беше пресечена роденденската торта за 57-то „Охридско лето“. Роденденот се одбележува на четврти август зашто на тој ден пред 57 години  во црквата „Света Софија“ , оперската дива Ана Липша Тофовиќ го одржа првиот концерт пред фестивалската публика.
.
.
.
Директорката Вренцовска потсети дека многу луѓе, на фестивалската сцена оставиле свој белег и се заслужни за успесите на оваа најреномирана музичко-сценска манифестација во регионот.
– Охридско лето носи околу 1000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари… од сите земји во светот. Над 20 000 посетители, љубители на уметноста, од целиот свет доаѓаат да уживаат на врвните музички и театарски настани..  Тоа е доволен показател дека нудиме квалитет во градењето на успешните фестивалски изданија.Четврти август, денот кога започна „Охридско лето“ изминатите години стана симбол за неповторлив настан, додаде Вренцовска.
.
Фестивалот „Охридско лето“ од 1994 година е редовен член на Европската асоцијација на фестивалите. Финансиски е поддржан од Министерството за култура, а се одржува под покровителство на претседателот на државата.
.

Македонското музичко трио „Аура“ синоќа во црквата „Света Софија“ во Охрид  настапи пред публиката на фестивалот „Охридско лето“

 

 

Триото„Аура“ го сочинуваат тројца истакнати музички уметници  флејтистот Страшо Темков, пијанистката Ана Гацева и фаготистот  Марјан Милошевски кои велат дека „Охридско лето“, особено во црквата „Света Софија“ е настан којшто го очекуваат секогаш со нетрпение.

 

 

– Мислам дека синоќа направивме прекрасен концерт. Не можам да бидам скромен, а да не кажам дека и ние како три дека не сме задоволни од нашата интерпретација. Имаше убава атмосфера во „Света Софија“ . Публиката одлично реагираше на она што ние го подготвивме како програма. Си заминуваме со полни души и ќе го чекаме следниот момент кога повторно ќе свириме на „Охридско лето“ и во прекрасната „Света Софија“, вели  флејтистот Темков.

 

 

Тој и неговите колеги од триото,  работат и како професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Имаат реализирано многубројни рецитали како солисти и камерни музичари во САД, Франција, Германија, Австрија, Англија, но и на азискиот континент и во Африка. Критиката ги нарекува овие уметници „мајстори на својот инструмент“

 

 

Триото „Аура“ има долгогодишна и богата концертна активност изведувајќи дела од сите музички епохи и стилови, а често промовира и премиерни дела од македонски композитори, напишани специјално за овој состав.

 

 

Дувачкиот квинтет на Црна Гора синоќа одржа концерт во црквата „Света Софија“ во Охрид, во  рамките на музичката програма на 57-то издание на фестивалот „Охридско лето“ .

 

 

Ана Абрамовиќ, уметница која свири на хорна во овој музички состав вели дека отсекогаш сонувала да настапи на овој реномиран фестивал на чии сцени продефилирале многу звучни имиња од светот на музиката.

– „Охридско лето“ за мене е еден традиционален фестивал со огромно значење  за кој јас само слушав како студентка, но и претходно.  Тука настапуваа и мои професори кои се многу влијателни во светот на музиката и кои сум ги ценела и тогаш, но и сега. Им се восхитував кога доаѓаа на „Охридско лето“  и затоа сега сум пресреќна што сум на фестивалот и во Охрид .Сонував да настапам на „Охридско лето“,  и еве, денеска ми се оствари и сонот од младоста, изјави Абрамовиќ.

 

 

Обоистката Надица Ристиќ – Симовиќ која е од Македонија а е омажена во Црна Гора, освен вечерашниот, бележи повеќе настапи пред публиката на „Охридско лето“.

– За концертот на „Охридско лето“ подготвивме неколку бисери од нашиот репертоар.  Тоа се „Дувачкиот квинтет“ од Нилсен, потоа „Шесте багатели за дувачки квинтет“ од  Цанев, како и „Багателите“ од Лигети. Охридската публика е секогаш расположена за пријатна музика , за нови лица, а и за некои веќе видени. Сум учествувала во повеќе проекти на „Охридско лето“ и секогаш со задоволство се враќам во Охрид, и работно, но и приватно, вели Ристиќ – Симовиќ.

Освен овие две уметници, црногорскиот дувачки квинтет го сочинуваат Антонио Насевски на фагот, кларинетистот Петар Гариќ, како и флејтистката Марија Ѓурѓевиќ – Илиќ. Тие настапуваат на сцените во Црна Гора, но и надвор од границите на земјата.

 

 

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“, во Центарот за култура „Григор Прличев“ синоќа беше премиерно прикажан документарно-играниот филм посветен на традиционалниот охридски бисер.

 

Преку овој заеднички и уникатен проект на семејствата Филеви и Талеви и на браќата Кумеви, по 89 години се открива тајниот рецепт за изработка на бисерот,  уникатниот и надалеку познат украс. Филмот го опфаќа периодот од 1924 до 1930 година, кога познатиот руски емигрант Јован Субановиќ ја открива, односно ја продава тајната состојка за изработка на бисерот на семејството Филеви.

 

 

Преку мистериозната приказна за вистинскиот охридски бисер кој претставува охридски и македонски бренд, филмот не’ враќа назад кон нашите корени, низ историјата.
– Растејќи во овој прекрасен град, директно бев инволвиран во работата на овие две семејства, гледав што и како работат тие, но тогаш не бев доволно свесен за вредноста на охридскиот бисер. Тоа е всушност нашиот македонски, охридски бренд, бренд за којшто светот би требало да знае. Поради тоа му благодарам на фестивалот „Охридско лето“ што ни  овозможи премиерата на овој филм да се случи токму овде во склопот на овој реномиран фестивал, на овој празник, Илинден,  и токму во градот Охрид. Ние и понатаму работиме на овој проект, го подготвуваме за други фестивали како во земјава, така и надвор од нашите граници. Ова го работевме за душа, ова е приказна што допира до сите нас, и затоа им благодарам на семејствата Талеви и Филеви за можноста да се сними и овековечи нешто што треба да трае со генерации, вели режисерот на овој проект, Никола Кумев.

 

 

Со овој краткометражен филм, уште еднаш се прикажува и уникатноста, автентичноста и природната убавина на Охрид.

 

– Во ова дело видовме моменти каде што се опфатени сите генерации на семејствата и визуелно се решивме да ја прикажеме сериозната историја на градот Охрид и преку заедничка кохезија културно да ја афирмираме нашата земја и нашиот град . Бисерите на нашите семејства ги има насекаде и чест ми е што заедно со културната манифестација „Охридско лето“ имавме можност да го промовираме и афирмираме целиот овој проект, историјата на нашите две семејства.  Во иднина, проектот планираме да го развиеме и да создадеме игран филм, а ни претстојат и некои холивудски соработки, вели Михајло Филев.

 

Оригиналниот охридски бисер ги краси грлата на голем број крунисани и некрунисани дами.

 

 

 

– Најсреќен сум што немаше ниту еден негативен коментар од страна на публиката, затоа што таа е најдобар критичар. Значењето на „Охридско лето“ е на многу високо ниво и токму поради тоа сметам дека му дава уште поголема вредност како на како на филмот, така и на нашата традиција во изработување бисери, вели Ване Талев.

 

Минатата година во Охрид беше промовирана монографијата „Охридскиот бисер во фамилиите Филеви и Талеви“. Автори на книгата се Никола Митровиќ -Бабе, доктор по историски науки и Оливера Мишева, етнолог. Иницијативата за овој  книжевен запис беше на Михајло Филев, еден од чуварите на оригиналниот охридски бисер.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Во рамките на подиумот на млади пијанисти на фестивалот „Охридско лето“ синоќа во црквата „Света Софија“ настапи српската пијанистка Сандра Јакоповиќ . На репертоарот беа дела од Бетовен и Чопин.

 

– Ја сакам македонската публика. Таа ми е една од омилените во светот. Владее  весело расположение кое секогаш ме охрабрува и сакам да разменувам емоции со оваа публика, вели младата пијанистка Јакоповиќ.

 

 

 

Јакоповиќ е родена во 1989 година на Кипар. Започнува да свири пијано на петгодишна возраст. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Белград а неодамна ја заврши и нејзината специјализација на Универзитетот „Школа Канторум“ во Париз.

– Би сакала да се занимавам со професура и да свирам камерна музика, додава таа.

 

 

Сандра Јакоповиќ освојува бројни награди и признанија од кои едно од најзначајните е „Гран При“ на натпревар во Женева кога имала само десет години.

 

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе донесе два настани во катедралната црква „Света Софија“ .

Познатите сопранистки, сестрите-близначки Билјана Стафансон и Љилјана Јовановиќ  во пијано-придружба на познатиот уметник Марија Вршкова, со почеток во 20 часот и 30 минути ќе одржат концерт во рамки на Шведската вечер на фестивалот.

Близначките Стафансон и Јовановиќ се колоратурни сопрани кои публиката ги памети како „чудо од деца“ од времето кога на 9-годишна возраст на телевизија го исполниле дуетот  од Моцартовата „Волшебна флејта“. Двете честопати настапуваат заедно на европските сцени пеејќи на повеќе јазици. Нивниот богат концертен и оперски репертоар содржи дела од Белини, Шопен, Доницети, Моцарт и Верди, како и дела од нордиски и други композитори. Нивните изведби се високо оценети од страна на критиката, особено нивната брилјантна интерпретација, музикалност и извонреден висок регистар.

 

 

По завршувањето на концертот на сопранистките, во 22 часот, како дел од музичката програма на „Охридско лето “ ќе настапи Сандра Јакоповиќ од Србија.

 

 

Јакоповиќ е родена на Кипар, а започнува да свири пијано на 5-годишна возраст. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Белград. Освојува бројни награди и признанија од кои едно од најзначајните е „Гран При“ на натпревар во Женева кога имала само 10 години.

 

Во рамките на 57-то издание на фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе се прикажува документарно-играниот филм „Бисер“, посветен на традиционалниот охридски бисер што ги краси грлата на крунисаните и некрунисаните дами во целиот свет.

Филмот е во продукција на „Браќа Кумев“, а е финансиран од семејствата Филеви и Талеви кои го имаат рецептот за изработка на охридскиот бисер и го пренесуваат на своите потомци.

– Приказната за настанувањето на охридскиот бисер  е многу интересна. Иако сите ние сме слушале разни верзии за настанувањето на охридскиот бисер, вистинската верзија ја дознав од Михајло Филев пред две години. Оттаму дојде и идејата за реализација на ваков проект. Сакав таа тајна што веќе 90 години  се провлекува меѓу охриѓани, да ја споделам со публиката и да режирам нешто што ќе им остане на поколенијата, вели режисерот на филмот, Никола Кумев.

 

 

Документарно-играниот филм „Бисер“ го обработува периодот од 1924 до 1930 година кога познатиот руски емигрант, белогардеецот Јован Субанович им ја пренел тајната на правењето оригинален бисер, на предците на семејствата Филеви и Талеви.

Во играниот филм учествуваат актерите Владо Јовановски, Љупчо Тодоровски –Упа, Стрезо Стаматовски и други

Проекцијата ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“, со почеток во 19 часот.