Учесниците од проектот „Детски свет“ што денеска настапија на сцената Долни Сарај во рамките на фестивалот „Охридско лето“ го вкусија надалеку познатиот охридски ѓеврек од „Жито леб“, компанија за производство на леб и бели печива чии производи се пласираат не само во Македонија, туку и надвор од границите на државата.

Додека ги презентираа креативните активности по повод 12 август, Меѓународниот ден на младите, тие се освежуваа и разладуваа со извонредната вода на една од водечките компании за минерална вода – „Роса“.

Фестивалот „Охридско лето“ заедно со младите од иницијативата „Детски свет“ денеска го одбележаа 12 август – Меѓународниот ден на младите. Преку различни културни содржини креирани од младите,како што се изложба, театар, музика…, целта на проектот е да се приближат високите уметнички вредности до најмладата публика.

Вероника Станоевска е ученичка во средното медицинско училиште „ Панче Караѓозов“ во Скопје. Таа се вклучи во проектот преку нејзината професорка по музичко образование.

– Голема е честа и задоволството што сум дел од овој денешен настан. Денеска е Денот на младите, 12 август. Сметајќи ги младите како една важна социјална група во општеството ценам дека треба на еден фин и пред се’ културен настан да им се одбележи денот. Овој ден првпат се одбележува во Република Македонија токму преку фестивалот „Охридско лето“.

Ана Бушева е ученичка во средното општинско училиште „Јане Сандански“ од Струмица. За денешното доаѓање во Охрид на сцената „Долни Сарај“, вели дека е голем предизвик.

– Нашето училиште ќе се претстави со осум песни односно 45-минутна програма, пред се’ рок-ен рол музика, вели младата струмичанка.

Петар Петрушев и Ангела Наумовска од техничкото училиште „Михајло Пупин“ од Скопје се вклучени во иницијативата „Детски свет“ така што ги снимаат и документираат активностите на проектот.

– На некој начин правиме кус документарен филм со кој понатаму ќе се промовираме. Двајцата се вклучивме преку нашето училиште. Најпрво бевме викнати во Зоолошката градина каде што имавме активности со извидниците и со уште неколку организации. Имавме игри, учествувавме и во радио-емисии, вели Петрушев.

Учениците од „Михајло Пупин“ велат дека учеството во „Детски свет“ им претставува и еден вид практика што ќе ја искористат во текот на нивниот образовен процес.

На фестивалот „Охридско лето“ денеска ќе се одржи Вечер на македонски пијанисти.

Во црквата „Света Софија“ ќе настапат македонскиот виолонист Климент Тодороски во пијано-придружба на Дино Имери. На програмата се дела од К. Сен – Санс, С. Франк како и Свитата од балетот „Ромео и Јулија“ за виолина и пијано од С.Прокофјев.

Виолинистот Костадин Богданоски придружуван од пијанистката Марија Ѓошевска ќе изведе дела од Р.Шуман, Б. Сметана и И.Стравински.

Климент Тодороски е роден во 1984 година во Охрид. Музичкото образование го започнува во Охрид и во Битола, а го продолжува на Националниот музички конзерваториум во Тулуз, Франција во класата на професор Благоја Димчевски сè до 2002 година. Дипломира на ФМУ-Скопје во класата на проф. Олег Кондратенко. Тој е учесник на семинари, концерти и натпревари во Словенија, Русија, Романија, Србија и Франција. Тој е добитник на повеќе државни и интернационални награди, меѓу кои: трета награда на натпреварот „Петар Коњовиќ” во Белград, втора награда на натпреварот „Корнелија Бронзети” во Романија и прва специјална награда на Меѓународниот натпревар „Охридски бисери”. Како солист настапува со Македонската филхармонија, камерниот и симфонискиот оркестар при ФМУ во Скопје и „Охридско лето”, Хераклејски вечери… Учествувал во реализацијата на неколку проекти со еминентниот виолинист Јован Колунџија, Националниот камерен оркестар од Тулуз и симфонискиот оркестар на „Капитоле“.

Во неговите позначајни настапи може да се вбројат и настапите со светски познатиот пијанист Симон Трпчески, на концертната турнеја низ Македонија (2007-2008), Велигденскиот концерт – Скопје (2008), како и настапот во седиштето на Обединетите нации на покана на претседателот Срѓан Керим. Климент Тодороски е солист на концертот со кој диригира светското чудо од дете, диригентот Илич Ривас на фестивалот „Скопско лето“ во 2009 година. Климент Тодороски работи како концерт-мајстор во Македонската опера и балет од 2009 година.

Дино Имери e еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари. Своето образование го стекнува работејќи со проф. Људмила Романова и проф. Борис Романов (во чија класа и дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје со кум лауде), како и со проф. Симон Трпчески, во чија класа магистрира на само 22-годишна возраст, со просек 10 и со почести кум лауде. Во својата досегашна дејност, Имери остварил многубројни настапи во Македонија, но и во странство: Загреб (отворање на циклусот „Пијанофортисимо“), со Стразбуршкиот филхармониски оркестар (француска премиера на Концертот за пијано и оркестар од Дамир Имери), со Софискиот филхармониски оркестар, како и на фестивалите во Хрватска, Франција, Косово, Австрија… Дино Имери е вбројан во 10-те најдобри европски пијанисти според ранг-листата на Третиот европски пијано натпревар одржан во Нормандија, Франција, а еднакво е успешен во својата родна земја. Во 2013 година се здобива со највисокото домашно признание за класична музика – наградата „Виртуози“ во категоријата „Млад музички уметник“. Во 2015 година го добива признанието „Лауреат на фондацијата Томислав Зографски“, доделена од истоимената фондација за промоција на македонските композитори во земјата и во странство. Во 2010 година Дино Имери потпиша двегодишен договор со Европската пијано програма – проект што му ги отвори интернационалните сцени во Франција, Австрија, Полска… Во 2013 година го издава своето прво ДВД-издание со музика од Хајдн, Бетовен, Лист и Брамс, во соработка со оркестарот за снимање филмска музика „Фејмс“. Редовно одржува рецитали, а е активен и во камерната музика настапувајќи со разновидни камерни ансамбли.

Koстадин Богданоски е еден од најреномираните виолинисти на македонската класична сцена. Тој е роден во уметничко семејство, на рана возраст започнува да учи виолина и на само десетгодишна возраст премиерно настапува со оркестарот на Македонската филхармонија. Како млад талент е добитник на повеќе домашни и меѓународни признанија. Богданоски дипломира на 20-годишна возраст на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ како најмлад дипломиран студент во дотогашната историја на Универзитетот. Високото образование го продолжува на Националниот конзерваториум во Тулуз, Франција во класата на проф. Благоја Димчевски, стекнувајќи се со Почесна диплома со златен медал. Во текот на образованието има можност да соработува со значајни професорски имиња како проф. Анатоли Шварцбург од Приватната музичка школа „Мосер“ во Германија, проф. Петру Мунтеану и проф. Дејан Михајлович од Музичката академија во Белград. Професионалната музичка кариера ја започнува во Националниот оркестар „Де Капитол“ во Тулуз, Франција под диригентската палка на познатиот Мишел Пласон. Во 2003 година на 25-годишна возраст станува концерт-мајстор во една од најреномираните оперски куќи Големиот театар „ Лицеу“ во Барселона, Шпанија, а како дел од оркестарот на „Лицеу“ музицира под диригентската палка на светски познати диригенти и има можност да соработува со светски познатите оперски пејачи меѓу кои и Пласидо Доминго, Роландо Вилазон и Едита Груберова. Од 2008 година работи и како професор во Академскиот оркестар во рамките на театарот „Лицеу“. Костадин свири на инструмент изработен од неговиот татко Светозар Богданоски.

Марија Ѓошевска е еден од најистакнатите пијанисти во Република Македонија. Дипломира, магистрира и докторира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на истакнатиот пијанист и педагог проф. Борис Романов. Таа е добитник на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари. Како солист и како камерен музичар настапува на сите реномирани фестивали во Македонија, но и надвор од неа, и тоа во: САД, Англија, Франција, Австрија, Италија, Полска, Чешка, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција итн. Настапува како солист со Македонската филхармонија, а значајни се и концертите со Симфонискиот оркестар во Дубровник, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија и фестивалскиот оркестар на меѓународниот фестивал „Охридско лето”, соработувајќи со повеќе домашни и странски диригенти. Често настапува како камерен музичар и пијано–соработник со истакнати инструменталисти. Ѓошевска е еден од македонските учесници во проектот „Пијано – рефлексија на европската култура” со концерти во пет земји: Франција, Австрија, Полска, Молдавија и Македонија. Во 2011 година одржува целовечерен рецитал на фестивалот „Пијано плаж фестивал“ во Вистреам, Франција. Во април 2016 година се закитува со престижната награда „Виртуози” за најдобар музички изведувач во 2015 година. Марија Ѓошевска е редовен професор на Катедрата по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Концеротот во рамки на Вечерта на македонските виолинисти ќе започне во 20 часот и 30 минути.

На огромно задоволство на љубителите на добрата музика, во црквата Св. Софија во Охрид се случи кабаре концертот на прекрасните Тијана Ѓуричиќ, Ирина Наумовска и Александар Будимир. Оваа неповторлива музичка комбинација ја задоволи и публиката со најистенчен вкус.

-Пресреќна сум и превозбудена вечерва, не само затоа што сум првпат овде, туку затоа што првпат настапувам на еден фестивал за кој што читам само најубави критики, а исто така имам слушано многу од мојот професор Никола Китановски и секако од Ирина Наумовска. Целиот концепт за фестивалот ми беше како една мистична идеја, па многу сум среќна поради многубројната публика и за мене сето тоа е потполно ново и возбудливо, затоа што се случуваше во простор како црквата Св. Софија. Секоја година ја следам вашата програма, за жал физички не сум присутна, но сепак секогаш е импресивно да се погледне какви и кои музичари настапуваат. Оваа година музичкиот избор на селекторот посебно ми се допаѓа, затоа што програмата е многу богата и секоја чест на целиот тим, што успешно успевате да го изведете сето тоа. Го истраживме Охрид и од друга перспектива, природните убавини и сите тие алтернативни плажи, така што веќе и го промовирам на социјалните мрежи тврдејќи дека е балканскиот Тајланд“, изјави Тијана Ѓуричиќ сопран од Србија, пшувањето на концертот.

Според Александар Будимир, Охрид и фестивалот „Охридско лето“ имаат посебна енергија.

– Јас најпрво сакам да им се заблагодарам на сите слушатели, на нашата публика, затоа што беа навистина одлични слушачи. Третпат сум во Охрид, но имам чувство како да сум првпат, затоа што овде владее една специјална, посебна енергија. Драго ми што сум повторно во еден од моите омилени градови. Што се однесува до настапот, се уште сум под адреналин поради феноменалната публика, се надевам дека ќе имаме повторно можност за соработка, голема е честа да се биде учесник на еден ваков голем фестивал, со најголема и најдолга традиција. Ви благодарам многу од срце за преубавото искуство, вели Александар Будимир.

Македонската пијанистка Ирина Наумовска вели дека секоја година ја следи програмата на „Охридксо лето“.
– Секогаш кога се настапува на Охридско лето, чувството е специјално. Не сум сигурна дали може да се објасни со зборови, пред се оваа црква, толку има посебна атмосфера, а и фестивалот има толку долга традиција, такви уметници настапувале и можам да кажам дека за нас е чест и привилегија да настапуваме. Концертот беше навистина убав, пред се тоа публиката го почувствува. Ние навистина долго се спремавме за концертот и со голем ентузијазам и со многу љубов, а се надевам дека така публиката и го доживеа. Програмата на Охридско лето ја следам секоја година, според мене ова е еден од најдобрите европски фестивали воопшто, толку квалитетнии и значајни уметници и толку перфектно организирани, едноставно не може да не сме задоволни, вели Наумовска.

Кабарето „Зборувај тивко “ е обликувано да ги претстави сите фази на творештвото на композиторот Курт Вајл, со посебен акцент на делата настанати пред самото заминување од Германија, делата настанати за време на престојот во Париз и непосредно по доаѓањето во Америка. Транспарентно тематски, стилски и хармонски се забележуваат интертекстуалните преклопувања на сè она што Вајл би го нарекол „живот“ во траење од 60 минути. Вајл е еден од најзначајните композитори на музика за сцена на минатиот век.

Громогласен аплаус, стоечки овации и насмеани лица можеа да се забележaт во црквата „Св. Софија“ по коцертот на францускиот ансамбл „Маскерина“ на француската вечер во склоп на фестивалот „Охридско лето“.

Беше уникатна можност да се слушнат Себастијан Берета, Мари Гијоми и Николас Вати, чиј основен интерес е токму барокната музика. Во овој програмски концепт иако поголем дел од делата се посветени на триото, секој инструмент имаше и солистички настап и свое централно место.

Тимот на фестивалот „Охридско лето“ ја изрази својата благодарност на Кристијан Тимоние, францускиот амбасадор за поддршката од Амбасадата на Франција и Францускиот институт.

– Уживав за време на концертот, но сега после концертот сум навистина многу возбудена и малку уморна. Потребно е многу енергија за да се отсвири целиот концерт, се даваме целосно на публиката. Првпат сум во Охрид и на фестивалот „Охридско лето“, ова е едно извонредно искуство. За мене како Французинка, ова е едно различно искуство, имате различна историја и архитектура, се’ е магично. Времето и луѓето овде многу ми се допаѓаат,за разликаа од нас французите кои сме многу постудени, вели Мари Гијоми од ансамблот Маскерина.

И за уметникот Берета, концеротот помина според очекувањата.

– Навистина сум растреперен по концертот затоа што целата организација за нашиот настап и самиот настап се одвиваа на најдобар можен начин, така како што сакав и очекував. Од се’, најмногу до мене допре тоа што имавме можност да отсвириме барокна музика и тоа во едно свето место, во православна црква, затоа што јас сум Србин и сум православен христијанин. Иако сум израснат во Босна, сега доаѓам првпат во Македонија, исто така и во Охрид, но имам многу пријатели, Македонци. Посебно ја сакам историјата и архитектурата, поради тоа се заљубив во градот Охрид, изобилува со антички, древни градби. Се изненадив кога за време на концертот погледнав во публиката, имаше луѓе од различна возраст, ми се допаѓа духот на македонскиот народ и култура, вели Себастијан Берета.

Според Николас Вати, со зборови не може да се опише чувството кое уметниците од овој ансамбл го доживеале на подиумот во „Света Софија“.

– Реткост е да се настапува во ваква концертна сала.Задоволен сум и исполнет, публиката ме воодушеви. Првпат сум во Македонија и воодушевен сум од Охридското Езеро и од фестивалот, дефинитивно ќе дојдам повторно, вели Николас Вати.

Француската вечер беше една навистина вечер на уживање во звуците на барокна флејта, виола да гамба и теорбо во склоп на музичката програма на 57. издание на фестивалот.

Повеќе културни содржини креирани од најмладите преку иницијативата „Детски свет“ ќе понуди фестивалот „Охридско лето“ по повод 12 август – Меѓународниот ден на младите.

Како што појасни директорката на „Охридско лето“, Сузана Вренцовска, преку ова иницијатива, културата и вистинските уметнички вредности ќе се приближат до најмладата публика.

– Преку јавна презентација со изложба и театарски претстави на младите, пред публиката на сцената „Долни Сарај“ и платото пред црквата „Света Софија“ ќе се презентира значењето на најголемата музичко-сценска манифестација, но исто така ќе се даде поддршка на промотивните активности на најмладите кои преку креативни идеи ќе го развијат интересот за следење на културата. Настаните на кои се промовира креативноста, во голема мера ќе придонесат во збогатувањето на фестивалската програма, а најголем бенефит е создавањето фестивалска публика уште од училишна возраст, изјави Вренцовска додавајќи дека младите како дел од општеството ја градат иднината на државата и затоа, како што рече, е потребно да се отворат вратите на културата.

Според неа, содржините кои се предвидени да се реализираат со проектот „Детски свет“ би можеле да станат традиција во склоп на фестивалот и да привлекуваат секоја година се’ поголем број млади заинтересирани да ја изразат својата креативност.

– Токму затоа оваа проектна иницијатива е долгорочен бенефит како за Фестивалот така и за градот и за државата, рече директорката Вренцовска.

Координаторот на проектот, Дејан Лилиќ“ нагласи дека иницијативата за „Детски свет“ произлегла токму од идеите на младите.

– Првпат на „Охридско лето“ младите презентираат нешто што излегува директно од нив. „Детски свет“ е огромен проект, со многу сегменти, а целосната слика цели кон презентација на бендови, млади солисти, уметници пред пошироката фестивалска публика, рече Лилиќ нагласувајќи дека е избран Охрид за реализција на оваа креативна идеја зашто градот е лулка на писменоста и културата.

„Детски свет“ е проектна иницијатива замислена и организирана од Центарот за креативен развој и „Арт Вивенди“ во соработка со Министерството за култура, „Охридско лето“, Зоолошката градина од Скопје и средните училишта од градот Скопје. Според Лилиќ, проектот ќе биде проширен со вклучување на млади креативци од поширокиот регион.

Јавната презентација на креативниот дух на младите преточен во дела ќе се презентира на сцената „Долни Сарај со почеток во 12 часот.

Ансамблот „Маскерина“ од Франција ќе настапи со почеток во 20 часот и 30 минути. Ќе музицираат Себастијан Берета на барокна флејта, Мари Гијоми на виола да гамба и Николас Ватин на теорбо.

„Маскерина“ е основан од виолинистката Гијоми и лаутистот Никола Ватин минатата година за време на нивните студии во Версај. Ансамблот обединува музичари чиј основен интерес е барокната музика. Како дует или поголем ансамбл, „Маскерина“ се посветени на музичко истражување на репертоарот на европската барокна музика од 17 и 18 век, со посебен акцент на автентичната интерпретација на оригинални инструменти и на интеракција со публиката.

Досегашните концерти овој музички состав го водат во Париз, Версај, Марсеј, Бордо, Женева…. а настапуваат и со други ансамбли како Ревеус и Амичи Ме.

По завршувањето на концертот на „Масерина“, во 22 часот, Кабаре „Зборувај тивко“ ќе донесе дела од композиторот Курт Вајл.

Кабарето „Зборувај тивко“ го сочинуваат сопранистката Тијана Ѓуричиќ од Србија, пијанистката Ирина Наумовска од Македонија и српскиот хармоникаш Александар Будимир. Кабарето е обликувано да ги претстави сите фази на творештвото на Курт Вајл, со посебен акцент на делата настанати пред самото заминување од Германија, делата настанати за време на престојот во Париз и непосредно по доаѓањето во Америка. Транспарентно тематски, стилски и хармонски се забележуваат интертекстуалните преклопувања на сè она што Вајл би го нарекол „живот“ во траење од 60 минути. Вајл е еден од најзначајните композитори на музика за сцена на минатиот век. Тој е роден во Германија, но поголем дел од животот го поминал во САД. Неговиот авторски опус опфаќа бројни мјузикли, опери, оперети, кабареа од кои особено се истакнуваат оние кои се соработка со Бертолд Брехт. Вајл имал потполна контрола над драматуршката структура на своите дела и со тоа ја зголемувал силата и општественото значење на музиката што ја компонирал. Отворените прашања на идеологиите, политиката и моќта на музиката како да го опседнувале секојдневно. Композиторот никогаш не ги заборава своите корени и за разлика од многу други емигранти кои се бореле да го прикријат еврејското потекло, тој бил еден од првите кои обрнува внимание на Холокаустот и неопходноста на подигањето на јавната свест за страдањето на европските Евреи.

Сопранистката Ѓуричиќ е родена во 1983 година во Белград. Одреден период учи соло-пеење со Никола Китановски во Белград, а дипломира на ФИЛУМ во Крагуевац во класата на проф. Радмила Бакочевиќ. Експериментира на полето на звукот и теориски го испитува односот тело-простор-глас. Концертира интензивно (остварува повеќе од 150 самостојни и заеднички концерти) во Србија и регионот, Италија, Франција, Германија и Јапонија. Ѓуричиќ ја претставува српската современа музика премиерно изведувајќи дела на млади автори во 2013 година во Токио и Нагоја. Во заеднички проект со пијанистот Андрија Павловиќ ја претставува Србија на Прашкото квадриенале во јуни 2015 г. Дискографскиот опус го започнува со снимка на делата на Ѓуро Живковиќ „Ај шел контеплејт“ („I shall contemplate“) за сопран и камерен оркестар во 2011 година. Таа е член на Здружението на музички уметници на Србија и професорка на Нова академија во Белград и на Факултетот за технички науки во Нови Сад.

Ирина Наумовска е родена во Скопје (1983). Нижото и средно музичко образование го завршува во Скопје, а дипломира, магистрира и докторира со највисоки оцени на ФМУ во Белград во класата на проф. Јокут Михаиловиќ. Во текот на школувањето соработувала со уметниците: Варди, Накамура, Бероф, Вијардо, Штаркман, Флорес, Нерсесјан и Валдма. Настапувала на концерти и натпревари во Франција, Малезија, Америка, Јапонија, Италија, Грција, Бугарија, Швајцарија, Шведска, Русија, Австрија, Португалија, Шпанија, Чешка, Германија, Мароко, Србија и др. Таа е добитник на 7 меѓународни награди (Мароко, Франција, Италија, Србија, Бугарија) и на 7 први награди на државни натпревари во Македонија. Учествува на фестивали во Италија, Португалија, Австрија, Германија, Јапонија, Македонија („Охридско лето“ и „Скопско лето“). Настапувала со Македонската филхармонија, Швајцарскиот симфониски оркестар „Камерата Швајц“ и со Австрискиот симфониски оркестар. Реализирала аудио и видео-записи во Малезија, Мароко, Македонија, Швајцарија, Австрија, Јапонија и Србија. Во 2014 година Наумовска е член на Меѓународното жири на натпреварот „Охридски бисери“. Ги добила и наградите „Климентина Рафајловска“ и наградата на град Скопје „13 Ноември“. Таа е член на Меѓународната пијано-дуо организација во Токио.

Александар Будимир (Белград, 1989) ги направил првите музички чекори во класата на проф. Љубинка Барбариќ, а за време на академските студии учел во класата на проф. Радомир Томиќ, декан на Музичката академија во Крагуевац. Дипломирал како концертен изведувач-акордеонист во класата на проф. д-р Зоран Ракиќ, кај кого и магистрирал во 2015 година на академијата на Универзитетот во Источно Сараево. Посетувал семинари на светски професори, меѓу кои се истакнува соработката со Владимир Бесфамиљнов (Русија) и Воин Васовиќ (Србија). Го продолжува усовршувањето и на полето на етно-џез жанрот со проф. Драган Васовиќ. Тој е добитник на голем број награди на фастивали и натпревари во регионот и пошироко. Како педагог почнал да работи како професор по хармоника во музичкото училиште „Ватрослав Лисински“ во Белград од 2013 година, а од 2009 година редовно настапува со Тијана Ѓуричиќ, сопран, со која го оформуваат ансамблот „АМОС“.

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ синоќа продолжи со концерт на „Бенџамин пијано трио“ кое на публиката и’ ги долови Клавирското трио во ц-мол од Николај Римски Корсаков и Клавирското трио Опус 50 од Петар Илич Чајковски.

„Бенџамин трио“ го сочинуваат виолинистот Емир Имеров, пијанистот
Ваг Папијан и виолончелистот Александар Кагановски. По концертот, тие изјавија дека се задоволни од нивниот настап и од приемот на публиката.

Македонскиот виолинист Емир Имеров кој е дел од звучните европски ансамбли првпат настапува на „Охридско лето“, но неговите колеги веќе биле на фестивалот.

– Чест ни беше да свириме на овој огромен по своето значење фестивал, како за Република Македонија, така и за целиот музички свет. Се надевам дека публиката многу добро не’ прифати и навистина ни беше задоволство да настапиме пред ваква публика, изјави Имеров.

Ерменскиот пијанист Ваг Папијан влезе во фестивалската хроника пред две години, затворајќи ја музичката програма на 55-то издание на „Охридско лето“ заедно со рускиот виртуоз на виолина –маестро Максим Венгеров.

Украинскиот виолончелист Саша Кагановски пак, настапи на „Охридско лето“ во 2005 година како дел од гудачкото трио заедно со виолинистот Борис Лишвиц и Цви Лишвиц на виола. Тој има снимено и неколку компакт дискови со Македонската филхармонија во Скопје.

Триесеттата вечер на 57-то издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе донесе концерт на „Бенџамин пијано трио“.

Ова трио го сочинуваат Емир Имеров, виолина (Македонија/Германија),
Пијанистот Ваг Папијан (Ерменија/Израел) и виолончелистот Александар Кагановски (Украина/Швајцарија).

Виолинистот Емир Имеров е роден во Скопје. Тој освојува прва награда на натпреварот за виолинисти кога имал само 12 години. Во 1991 година се сели во Германија каде ги продолжува студиите по виолина и дипломира на Академијата во Вурцбург во класата на Г. Жислин. За време на студиите победува на натпреварот кој го носи името на Феликс Менделсон и како награда добива двегодишна стипендија на Баварската висока школа за музика. Како член на квартетот „Виртуозо“ од Санкт Петербург, Имеров активно концертира во САД, Австралија, Русија, Швајцарија и во Германија. Во 1998 година со триото кое го основа Имеров победува на натпреварот за камерна музика во Тулуз и истата година тој освојува втора награда на натпреварот за млади виолинисти во Ташкент. Се усовршува во класата Д. Геде –концерт-мајстор на Виенската филхармонија и посетува мајсторски курсеви кај Захар Брон и Виктор Третјаков. Од 2004 година Емир Имеров е концерт-мајстор на Симфонскиот оркестар на Минхенглајдбах-Крефелд и предава на тамошната музичка академија. Тој е член на ансамблот „Европски солисти“ од Луксембург и постојан гостин-педагог на мајсторски курсеви во Грција, Полска, Германија, Белгија и Хрватска.

Пијанистичката кариера на Ваг Папијан започнува во 1979 година со неговата победа на престижниот натпревар „Виана да Мота“ во Лисабон, по што е поканет да настапува во сите значајни концертни сали во поранешниот Советски сојуз вклучувајќи рецитали во Санкт Петербург и Москва. Дипломира на Московскиот конзерваториум во класта на М. Воскресенски, а диригирање студира со познатиот Иља Мусин. Во 1984 година на покана на Валериј Гергиев, Папијан станува постојан диригент на Ерменската филхармонија, а три години подоцна станува уметнички директор и шеф-диригент на овој оркестар со кој остварува повеќе од 200 концерти. Покрај тоа, тој постојано настапува како пијанист гостувајќи во Базел, Барселона, Женева, Торонто, Отава, Њујорк, како и на турнеи во Јужна Америка и Азија. Диригира со Англискиот камерен оркестар, со Израелскиот камерен оркестар, со Новата јапонска филхармонија, симфониските оркестри во Ерусалим, Москва, Белград, Трондхајм, а на фестивалот „Енеску“ во Романија го предводи познатиот хор на „Виенските момчиња“. Во 2005 година дебитира со Израелската филхармонија. Како дуо партнер на Максим Венгеров снима за ЕМИ класикс и со него настапува на сите континенти. Тој е постојан гостин-диригент на Националната опера на Ерменија и е професор на Академијата за музика „Самуел Рубин“ во Тел Авив.

Виолончелистот Александар Кагановски е роден во Киев, а започнал со часови по музика на петгодишна возраст. Само по неколку години веќе настапувал како солист, а на 16 години победил на националниот натпревар за музика. Студиите ги продолжил на Академијата „Самуел Рубин“ во Тел Авив во класата на проф. Узи Визел и победил на неколку натпревари во Израел. Од 1985 година е постојан член на Израелскиот гудачки квартет. Александар Кагановски настапувал на реномирани фестивали во Австрија, Италија, Швајцарија, Норвешка, Русија, Франција, Тунис, Германија и Луксембург, а со оркестри, покрај во овие земји настапувал и во Белгија, Португалија, Шпанија, САД, Јапонија, Унгарија, Србија, Хрватска и др. Тој настапувал и со многу респектирани диригенти меѓу кои Баршаи, Борејко, Јусупов, Китаенко и др. Одржува мајсторски курсеви во Германија и во Словачка, Франција, Луксембург, Израел итн.

Концертот на „Бенџамин пијано трио“ ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 20 часот и 30 минути. На програмата се композиции од Николај Римски-Корсаков и Петар Илич-Чајковски.

Загрепскиот пијано квинтет синоќа за публиката на фестивалот „Охридско лето“, во црквата „Света Софија“ приреди концерт за паметење.Уметниците од овој состав кои се виртуози на своите инструменти, со своето речиси двочасовно музицирање пренесоа позитивна енергија кај присутните кои пак, со бурни ракоплескања и два „биса“ потврдија дека ужуваат во програмата на чиј репертоар беа дела од Јозеф Лабор и Херман Гец.

Македонскиот контабасистот Илин Диме – Димовски кој е дел од Загрепската филхармонија смета дека желба на секој уметник е да настапи на фестивалот „Охридско лето“ и во црквата „Света Софија“ во која, како што појасни, израснал свирејќи.

-Во овој состав се свири квинтетот „Пастрмка“ на Шуберт“ , но мислевме дека тоа е премногу отсвирено. Овие два композитори се релативно непознати а постромантични. Тие пишувале убава музика но едноставно се изгубила нивната популарност со текот на времето. Инаку се работи за доста квалитетна музика. Има романтични делови, делови на соло, делови на заедничко свирење…

Како „бис“, членовите за Загрепскиот пијано квинтет го повторија третиот став од квинтетот на Херман Гец.

– За ваков состав нема многу дела, а се’ друго е предолго за „бис“и затоа одлучивме да го повториме третиот став од квинтетот на Гец, скерцата, додаде Димовски.

Виолончелистот Никола Јовановиќ смета дека е голема честа да се биде дел од „Охридско лето“, фестивал за чие високо реноме слушал уште од мали ноѕе.

-Впечатоците од синоќешниот концерт се фанстастични. За Охрид ме врзуваат посебни емоции. Толку сум среќен што имав прилика да свирам овде зашто кога бев мал, се знаеше кои фестивали се големи, со традиција и со настапи на звучни уметнички имиња. Сега ми особено мило што и јас сум дел од фестивалот „Охридско лето“, вели Јовановиќ кој е заменик-водач на секцијата на виолончела во Бамберг, Германија.

Концерт-мајстор на квинтетот е Молдавката Алина Губајдулина која веќе 19 години живее во Хрватска и е едел од Загрепската филхармонија. Уметникот Хрвоје Филипс е водач на виола-секцијата во Симфонискиот оркестар во Загреб а Федерико Ловато е познат италијански пијанист.

Како и на претходниот концерт завчера на кој настапи Машкиот манастирски хор „Оптима Пустина“ од Русија, така и синоќа, на концертот на Загрепскиот пијано квинтет, во црквата „Света Софија“ беше исполнето и последното место за публиката, а голем дел од присутните беа странци.