Прекрасна сонетна вечер на „Охридско лето“ приредија двајцата виртуозни уметници, виолинистката Алена Баева и пијанистот Вадим Колоденко.

На лицата на публиката се чувствуваше воодушевување во текот на целиот концерт на младите руски уметници кои ги отсвирија сонатите за пијано од Игнаси Јан Падеревски, Клод Дебиси, Лудвиг ван Бетовен и Оторино Респиџи.

-Дадовме премногу од себе на концертот и се’ уште сме под импресии. Единствено чувствувавме дека постоеше  силна размена на енергии помеѓу нас и публиката. Чувството  да се свири во оваа црква каде што сме првпат беше прекрасно и многу сме возбудени, изјави виолинистката Баева по завршувањето на концертот.

Со силни импресии беше и пијанистот Колоденко кој рече дека за него, настапот на „Охридско лето“ и флуидот со публиката претставувале вистинско уживање.

-Програмата беше исцрпувачка, но морам да напоменам дека некои од сонатите  што се свиреа се едни од нашите најнови реализации и ова беше доказ за дека нашиот обид е успешен. Многу сум среќен што почувствував ваква поврзаност, особено ако се земе предвид дека ова не беше најлесниот вид на музика што може да се слушне. Беше вистинско уживање, рече Колоденко.

Баева и Колоденко првпат заеднички настапиле пред 12 години и досега имаат отсвирено многу програми во дуо.

-За мене е огромна привилегија  да настапувам со музичар од ваков висок ранг. Се сметам за особено среќна личност  што имавме можност  уште додека бевме студенти да настапуваме како дуо, истакна виолинистката Баева.

Со синоќешниот концерт Алена Баева потврди дека е една од најдобрите светски виолинисти на својата генерација, со импресивна кариера каков што беше и нејзиниот настап на 58-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Вадим Колоденко, како еден од најнадарените пијанисти кој исто така остави прекрасен впечаток на вчерашниот концерт, ќе музицира и вечерва на „Охридско лето“. Тој ќе настапи соло, во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Огромна енергија и динамика, врвна актерска игра, Молиер во современ контекст, донесе Театар „Комедија“ од Скопје синоќа на фестивалот „Охридско лето“, премиерно изведувајќи ја театарската претстава „Мизантроп“.

Сцената во центарот за култура „Григор Прличев“ каде што се одигра премиерата блескаше со одлична сценографија, кореографија и костимографија.

„Мизантроп“  го наполни гледалиштето, а за оваа премиерна изведба, се бараше карта повеќе.

 

Младите од “Охридско лето„ денес делеа рекламни флаери за настаните на фестивалот.

 

Флаери и брошури се делеа во строгиот центар на градот, поточно низ охридската чаршија.

 

И посетителите на кафетеријата „Аквариус“ кој е верен пријател на „Охридско лето“, добија рекламен материјал за настаните што годинава се одржуваат на 58-то издание на „Охридско лето“.

 

 

Инаку, фестивалот „Охридско лето“ има поставено и билборди на повеќе локации во центарот на Скопје, како и еден билборд наспроти зградата на телефонскиот оператор „Македонски Телеком“ во Охрид.

dav

Со композиции од Фредерик Шопен и Петар Илич Чајковски, „Охридско лето“ синоќа во црквата „Света Софија“  донесе концерт на маестралниот канадски пијанист Еуген Скороводников.

Скороводникот, иако звучно пијанистичко име, сепак, скромен кога треба да зборува за себеси, вели дека концертот поминал во одлична атмосфера, а најмногу од се’, впечаток му оставила публиката.

 

-Концертот помина во одлична атмосфера. Ние како изведувачи секогаш мислиме дека  можеме подобро. Но најмногу од се’, ми се допадна публиката. Таа беше мошне приемчива, чувствителна и со големо внимание  го проследи концертот.  Беше многу тивко, така што се чувствував  поврзано со неа, а тоа е особено важно зашто музиката е всушност комуникација, изјави пијанистот Скороводников.

Делата од познатите композитори што ги изведе тој, совршено се вклопија со акустиката во сакралниот објект, катедралата „Света Софија“.

-Токму поради тоа, на мојот настап не морав да користам дополнителни ефекти бидејќи самата црква помогна во изведувањето. Кога сте во оваа црква, стара илјада години,  имате посебно чувство  инспирација, истакна Сковородников, кој, како што рече, отсекогаш знаел за постоењето и високото реноме на фестивалот „Охридско лето“.

И селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Васо Ристов, оцени дека концертот со големиот пијанист Еуген Сковородников помина така како што наликува на еден голем виртуоз на пијаното.

-Предолгите аплаузи од страна на публиката само ја докажаа умешноста, на големиот виртуоз на својот инструмент, пијаното, со беспрекорна музикалност особено во делата на Шопен.  За прекрасното музицирање  со одлични динамични нијанси,  од страна на публиката, маестро Еуген беше враќан трипати на „бис“. Со тоа се потврдува  квалитетот на вчерашниот концерт на „Охридско лето“, но и на самиот уметник, вели музичкиот селектор Ристов.

Критиката го опишува Еуген Скороводников како изведувач со „извонредна изведувачка техника“, „неспоредлива елеганција и волшебна моќ“, „совршено мајсторство во свирењето и истенчено чувство за стил“.

Реклама за годинешното 58-мо по ред издание на фестивалот „Охридско лето“ осамна на повеќе билборди на различни локации во центарот на Скопје.

Билборд  на фестивалот „Охридско лето“  е поставен и во строгиот центар на Охрид, веднаш наспроти зградата на водечкиот национален телекомуникациски оператор „Македонски телеком“.

dav

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва со почеток во 21 часот во црквата „Света Софија“  ќе донесе концерт на канадскиот пијанист Еуген Сковородников.

Сковородников на љубителите на уметноста во акустичниот амбиент на охридската катедрала ќе им долови дела од Фредерик Шопен и Петар Илич Чајковски.

Критиката го опишува како изведувач со „извонредна изведувачка техника“, „неспоредлива елеганција и волшебна моќ“, „совршено мајсторство во свирењето и истенчено чувство за стил“. Еуген Сковородников додипломските студии ги завршил во 1981 година на Државниот универзитет за уметности во Харков, Украина, а постдипломските на Конзерваториумот во Санкт Петерсбург. По завршувањето, тој останува да работи во оваа институција сè до 1990 година, кога ја напушта земјата.

Во 2006 година, Еуген Сковородников за своите достигнувања во образовната и изведувачката практика бил награден со Почесен докторат на полето на музичките уметности од  Државниот универзитет за уметности во Харков. Во текот на својата кариера настапувал на некои од најпрестижните концертни сцени во Русија, Канада, Италија, Кина, Израел, Украина, САД. Покрај солистичката дејност, Сковородников настапува и како камерен изведувач, соработувајќи притоа со голем број познати музичари. Често може да се сретне како член на жирито на интернационалните пијано натпревари во Италија и Германија, а познати се и неговите мајсторски курсеви што ги одржува на интернационалните фестивали во повеќе земји.

 

Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува денеска со премиера на театарската претстава „Мизантроп“ од Молиер, во режија на младата црногорска режисерка Ана Вукотиќ, а во продукција на Театар Комедија од Скопје.

Оваа сериозна комедија е поглед во човековата душа на современиците од периодот кога била пишувана во 17 век, но e и магнетна резонанца на нашето време. Директорот на Театар Комедија, Сашо Ристовски, вели дека актерите и целокупната екипа којашто работи на оваа претстава е максимално подготвена за вечерашната премиера на фестивалот „Охридско лето“.

-Многу ми е драго што сме на „Охридско лето“ со претставата „Мизантроп“ и уште повеќе се радувам што екипата на соработници во претставата се луѓе однадвор. Меѓународна соработка на чело со режисерката Ана Вукотиќ. Подготвени се сите и морам да кажам дека дадоа многу труд. Уверен сум дека публиката ќе биде многу шокирана бидејќи очекуваат лесна комедија, но не, станува збор за љубовта на човекомрзецот или омразата на човекољубецот. Каде е љубовта, каде е омразата. Впрочем, ја имаме смеата, но горчлива. Дури и така горчлива и болна смеа, нас како луѓе може да не спаси, вели директорот Ристовски.

Според режисерката Вукотиќ претставата обработува тема со далеку поширок контекст што не ја засега само Македонија, туку поточно, се работи за современ Молиер, промислен во контекст на современиот човек кој е инспириран од поука.

-Тое е една приказна што ја докажува севременоста на писателот. Она што најмогу ме засегаше во претставата бее позицијата на интелектуалецот во денешницата, во време на лицемерие, тој парадокс кога се зборува за вистината која никогаш не е докажана, изјави режисерката Вукотиќ.

Како што беше појаснето на денешната прес-конференција по повод вечерашната премиера на „Мизантроп“,  претставата е вклопена во специфична режисерска поставка со сите елементи, сценографија, музика, костимографија, внимателно вградени за целосно визуелно доживување.

Соња Вукичевиќ, кореографот на претставата, задоволна од соработката со екипата на Театар Комедија, вели дека „Мизантроп“ се подготвувала  во прекрасна работна атмосфера.

-Работам со театарски куќи од сите држави на поранешната државна заедница, па и пошироко. Она што морам да го истакнам е дека Македонците, но тука треба да ги пофалам и Унгарците, се извонредни во нивната експресивност во движењето. Во една прекрасна работна атмосфера го создадовме ова дело, што во уште поубава атмосфера го довршуваме овде во Охрид, рече Вукиќевиќ.

Во однос на сценографијата за претставата, како што беше речено на денешната прес-конференција,  станува збор за уметничка инсталација, на која во случајот се придодадени актери, во обид да се создаде нешто трето, нешто уште поубаво и повозвишено.

-Специфичното во сценографијата е кружната атлетска патека на сцената, со постојано движење и вртење во круг кое е доминантно, и особено карактеристично за ова современие во кое живееме и во овој случај на „Мизантроп“ придава уште поголема смисла, истакна сценографката Јелена Томашевиќ.

Во  театарската претстава „Мизантроп“ играат десет актери од Театар Комедија. Улогата на Алсест во „Мизантроп“ ја игра Атанас Атанасовски, Флинт го толкува Александар Михајловски, а Орнот е Столе Мицов. Мирјана П. Ристов ја игра улогата на Селимена, Магдалена Ризова-Черних на Елијанта, а Жаклина Петровска – Милјановска во оваа претстава е Ариноја. Улогата на Акаст ја игра актерот Илија Илиоски, Клитандр е Жарко Димоски, Баск е Виктор Арсов, а Ди Боа го глуми Ердоан Максут.

Драматург на претставата е Дарко Јан Спасов, костимографијата ја направи Лина Лековиќ, а композитор на музиката е Александар Радуновиќ –Попај.

Селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Александар Поповски на прес-конференцијата најави дека  напорите на фестивалската управа се во идните фестивалски изданија да бидат застапени повеќе премиерни изведби, со претстави планирани и работени специјално за фестивалот „Охридско лето“.

-Ќе се обидам на следното „Охридско лето“ да има повеќе премиери. Планот е да се направи договор со сите театарски куќи во Македонија, као што беше порано обичај, одредени претстави токму да бидат премиерно прикажани на „Охридско лето“, рече селекторот Поповски.

Премиерата на театарската претстава „Мизантроп“ ќе биде изведена на големата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.

 

Галерија:

Незаборавен концерт во прекрасен амбиент и проследен со бурни овации од страна на публиката донесе синоќа традиционалната Полска вечер на фестивалот „Охридско лето“.

Со барокна музика од композиторите Гжегож Гервази Горчицки и Станислав Силвестер Шажињски,   во црквата „Света Софија“ настапи Вроцлавскиот барокен ансамбл предводен од диригентот Анджеј Косендиак. Публиката ужуваше во интерпретациите на  сопранот Алдона Бартник, контратенорот Пјотр Ликовски, тенорот Бенјамин Глаубиц  и бас/баритонот Јержи Бутрин.

-Програмата за композициите е напишана  од писатели и композитори од катедралната црква во Краков којашто претставува духовен центар на тој вид музика.  Многу се радувам што како диригент  ја имав приликата  да настапам и овде и да го водам концертот. Секако, тоа го направивме на задоволство на публиката и со нашиот репертоар. Восхитен сум од акустичниот амбиент што ни го овозможи  овој сакрален објект. Едноставно, се радуваме што сме во Охрид, изјави по синоќешниот концерт, маестро Косендијак.

Сопранистката Алдона Бартник, како и нејзините колеги уметници,  исто така восхитена од амбиентот и акустичноста на црквата „Света Софија“.

-Сите членови на ансамблот  имавме прилика да уживаме во концерот. Имавме можност  и задоволство да ја промовираме полската барокна музика во Македонија. Многу е убаво  кога по концертот добивате бурни аплаузи и овации затоа што тоа е знак дека публиката е задоволна од нашето музицирање, вели младата полска сопранистка.

Полската вечер на фестивалот „Охридско лето“ е традиционална, и концертите што се одржуваат во нејзини рамки се вистинско изненадување за фестивалската публика.

-Полската вечер што се одржа синоќа беше една од најквалитетните што сме ги имале досега на фестивалот. Повторно донесовме нешто  ново за да ја претставиме полската култура и уметност. Така ќе продолжиме и натаму. „Охридско лето“ ја има  поддршката на Почесниот конзулат на Полска во Македонија и на Еуростандард банка, истакна почесниот конзул на Република Полска во Македонија, Коста Костовски.

Вроцлавскиот барокен ансамбл е основан од диригентот Анджеј Косендиак. Ансамблот е постојано активен и соработува со музичари од Вроцлавскиот барокен оркестар, како и со голем број други изведувачи од Полска и Европа. На нивниот репертоар, пред сè,  е барокната музика со особен акцент на онаа од полските композитори. Покрај камерните дела, ансамблот често изведува и ораториуми и кантати. Досега се претставил на најголемите фестивали во Полска, има издадено неколку компакт-дискови, од кои значајни се оние со музика на полскиот композитор Гжегож Гервази Горчицки.

Во рамките на традиционалната Полска вечер на фестивалот „Охридско лето“ денеска во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот  ќе настапи Вроцлавскиот барокен ансамбл со дела од Гжегож Гервази Горчицки и Станислав Силвестер Шажињски 

Диригент на вечерта е маестро Анджеј Косендиак, а како солисти ќе се претстават сопранот Алдона Бартник, контратенорот Пјотр Ликовски, тенорот Бенјамин Глаубиц  и бас/баритонот Јержи Бутрин.

Вроцлавскиот барокен ансамбл е основан од Анджеј Косендиак, кој во исто време e  и уметнички директор и диригент на овој состав. Ансамблот е постојано активен и соработува со музичари од Вроцлавскиот барокен оркестар, како и со голем број други изведувачи од Полска и Европа. На нивниот репертоар, пред сè,  е барокната музика со особен акцент на онаа од полските композитори. Покрај камерните дела, ансамблот често изведува и ораториуми и кантати. Досега се претставил на најголемите фестивали во Полска, има издадено неколку компакт-дискови, од кои значајни се оние со музика на полскиот композитор Гжегож Гервази Горчицки.

Како директор на Националниот форум за музика „Витолд Лутославски“, диригент и професор, Анджеј Косендиак се смета за еден од најактивните музичари и промотори во Полска. Покрај останатите ангажмани, значајно е неговото директорско место во Вроцлавската филхармонија и на интернационалниот фестивал „Wratislavia Cantans“. Тој е и основач на хорот и машкиот детски хор на Националниот форум за музика, како и на Вроцлавскиот барокен оркестар.

Во црквата „Света Софија“ во Охрид,  синоќа се одржа уште еден празник на уметноста што ќе се вброи во фестивалската историја на „Охридско лето“.  Извонредните македонски пијанистки Ана Гацева и Татјана Џорлева и приредија на публиката незаборавен концерт со дела за четири раце на пијано од Дворжак, Равел и Сати.

Мислам дека имавме убава вечер според  реакциите на публиката. Ја чувствувавме нивната извонредна енергија којашто од дело во дело нè поддржуваше и се чувствуваше тој флуид. Аплаузите на крај, бисовите и на некој начин вознесеноста, ја потврдува мојата мисла, но и мислата на мојата колешка, вели уметницата Ана Гацева.

Таа не настапува првпат на Охридско лето, и како што додава, секое нејзино музицирање во Света Софија, е посебна инспирација.

– Не е едноставно да се вброите меѓу уметниците на Охридско лето. Тоа треба да се заслужи, треба да се одработи и да се музицира на највисоко можно ниво. Затоа и поттикот е многу голем-да стоите рамо до рамо со сите овие уметници кои годинава се најдоа на програмата на Охридско лето. Мислам дека до крајот на фестивалот ќе имаме врвна програма благодарение на селекторите и на фестивалската дирекција, вели пијанистката Гацева.

За разликата помеѓу соло настапите и камерното музицирање таа смета дека е многу голема.

– За да се адаптира музичарот во симбиоза со друг уметник, треба да размислува поинаку. Да го заборави своето јас и во името на уметноста да се спои во нешто повисоко и поубаво. Тоа е камерното музицирање, смета Гацева.

Двете пијанистки потекнуваат од една пијаниатичка школа а тоа се чувствуваше и синоќа, во  звукот и во третманот на пијаното.

Маестралните Татјана Џорлева и Ана Гацева на вчерашниот концерт настапија со дела за четири раце на пијано од Дворжак, Равел и Сати, програма која што е доволно сериозна како што наликува на фестивалот Охридско лето, но и еднакво атрактивна за да ја привлече публиката, оние коишто се професионални, но и тие што беа во црквата „Света Софија заради уметничко задоволство.