Моќта на гудачките инструменти синоќа допираше  до восхитениот слушателски аудиториум што ја исполни црквата „Света Софија“ преку впечатливата интерпретација на квартетот „Филхармонија“.

Гудачкиот состав  „Филхармонија“ во рамките на програмата на фестивалот „Охридско лето“ ги изведе најпознатите квартети на руските композитори Чајковски и Шостакович, а  убавината на музицирањето одекнуваше во исполнетата катедрала. Задоволни од концертот беа и уметниците, но и публиката.

-Поминавме одлично. Самиот амбиент на црквата и самиот фестивал дава такво чувство.Бевме навистина инспирирани и со задоволство свиревме. Имаше магични моменти на сцената кои е невозможно да се доживеат на проби. Мислам дека направивме убава вечер. Чајковски и Шостакович со своите насоки се различни и преубави, вели Ана Кондратенко, прва виолина во квартетот „Филхармонија“.

Иако беа сконцентрирани во музицирањето, сепак, како што вели Кондратенко, пријатната атмосфера и восхитеноста кај публиката ја чувствувале самите уметници за време на изведбата на прекрасните дела.

Имаше многу убава атмосфера. Ја почувствувавме восхитеноста кај публиката.На репертоарот беа најпознатите квартети од руски композитори. Чајковски број 1 со многу познат втори став и Шостакович број бр. 8, опус 110, додава извонредната виолинистка.

Делото на Шостакович не завршува толку бомбастично и еуфорично, но сепак, веќе воспоставениот флуид со публиката и позитивните вибрации што ги пренесоа уметниците беа одличен повод за бурни овации и враќање на бис, по што квартетот Филхармонија, во целата руска програма внесе и македонски шмек изведувајќи ја композицијата „Не си го продавај Кољо чифлигот“.

-Одамна имавме желба да формираме ваков квартет, но немавме услови за тоа. Конечно најдовме место, камерната сала на Македонска филхармонија во новиот објект, со преубава акустика наменета токму за овие состави. Дотогаш во Скопје немавме акустична сцена каде да се претставиме освен во црквата Света Софија во Охрид, вели Кондратенко.

Освен првата виолина, Ана Кондратенко, во овој состав музицираат и виолинистот Бојан Илкоски, виолончелистката Марија Михајловска, како и Бојан Талевски кој свири на виола. Овие млади, но исклучително талентирани уметници во неколкумесечното постоење како гудачки квартет соработувале со  познати диригенти и истакнати камерни уметници.

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето “ вечерва продолжува со концерт за пијано 4 раце  што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.Пред фестивалската публика ќе настапат истакнатите  македонски пијанистки Ана Гацева и Татјана Џорлева со дела Морис Равел, Ерик Сати и Антонин Дворжак.

Пијанистките Гацева и Џорлева настапуваат во камерен состав од 2005 година, кога го одржуваат својот прв целовечерен рецитал на фестивалот „Скопско лето“. Оттогаш, тие во континуитет реализираат многубројни успешни концерти низ земјата. Континуираното заедничко музицирање на овие две пијанистки, професорки на Музичките aкадемии во Скопје и Штип, е секогаш високо оценувано од страна на музичката критика.

Репертоарот на дуетот опфаќа композиции од сите музички стилови и епохи, вклучувајќи и дела од македонски и светски современи композитори. Како солист Ана Гацева се издвојува како една од најактивните и најуспешните во земјава, за што сведочат нејзините високите државни и меѓународни награди. Татјана Џорлева е исто така солист кој реализира бројни концертни настапи, како во земјава, така и на европската сцена. Значајни се нејзините соработки со македонските композитори Димитрије Бужаровски, Гоце Коларовски, Томислав Зографски, Стефан Гајдов, Дамјан Темков кои резултираат со постојана промоција на македонската музика во земјава и надвор од неа. Добитник е на бројни награди и признанија.

Изложба на фотографии „Од уметничкиот пат на Георги Божиков“ беше отворена синоќа во рамките на фестивалот „Охридско лето“.  Во фестивалската дирекција се поместени 15 фотографии од оперските улоги на легендарниот македонски вокален уметник.

-Вечерва ја имаме таа посебна можбност преку изложените 15 фотографии од неговите оперски улоги,  да ја осознаеме и моќта за визуелна трансформација на Георги Божиков .Моќ, која всушност говори  за неговата целосна внесеност и врвна професионалност во креирањето на секој толкуван лик. Вечерва се тука и некои негови  омилени ликови – не само во уметничка, туку и во човечка смисла, секој откривајки една нова димензија од љубовта и посветеноста  на Жоро кон се што е македонско: Цар Самуил од операта на Кирил Македонски, Гоце Делчев од операта ,, Илинден “ на Трајко Прокопиев, како и неговата последна премиерна улога, Болен Дојчин во истоимената опера на Ристо Аврамовски, беше речено синоќа на отворањето на изложбата.

Помеѓу изложените фотографии се и други трансформации на Божиков во улоги  што ги отпеал на сцената на Македонскиот народен театар, но и на оперските сцени во поранешна Југославија и во Европа.

Фестивалот ,,Охридско лето “ кој на најдостоинствен и висококреативен начин ги продолжува традициите на Охрид како духовно средиште на овие простори, а истовремено е и еден од европските и светски културни жаришта,  на посебен начин  бил привлечен за македонските уметници, меѓи кои и Божиков.

-Легендарниот македонски вокален уметник, басот Георги Божиков  несомнено е еден од оние уметници, за кои Охрид и охридскиот фестивал биле посебна инспирација и љубов. За тоа јасно говори фактот што започнувајки од оние први две негови учества во групни концерти со дела од македонски автори, во периодот 1964-1986 или за нешто повеќе од две децении, Георги Божиков настапува на фестивалските сцени шеснаесет пати, беше истакнато на изложбата.

Настапите на извонредниот бас Божиков на „Охридско лето“ како што беше речено, секогаш предизвикувале спонтани изливи на воодушевување  и силни овации и ракоплескања од страна на фестивалската публика.

-Сеуште под сводовите на величенствената  ,,Света Софија“ одзвучуваат кажувањата и спомените за продуховената романтичарска суптилност  на Шуберт и Шуман…. Страсниот занес во делата на Чајковски, Мусоргски и Рахмањинов … Фасцинантното толкување на бројните соло – песни на македонските творци… Навистина незаборавни и неповторливи остануваат  ,,Записите“ на Томислав Зогравски, ,,Смртта на Гоце“ на Трајко Прокопиев ,,Монологот на Дојчин “ на Ристо Аврамовски…. Всушност, нема соло – песна од македонски композитор, создадена до 1986 – или – до неговата прерана смрт, која Жоро ја нема испеано, беше речено  синоќа, на отворањето на изложбата „Од уметничкиот пат на Георги Божиков“.

Првенецот при Операта на Македонскиот народен театар, георги Божиков е роден во Петрич, Република Бугарија, на 15 април1931 година. Неговата несекојдневна музичка дарба и способноста да свири на повеќе инструменти се открива од најраната возраст, што јасно го определува неговиот иден пат на музичар. Дипломира на Конзерваториумот во Софија, по што е дебитира  со голем успех на сцената на софиската Опера.

Пролетта 1963 доаѓа за прв пат во Скопје, кадешто веќе живее неговата сестра Милка Божикова. Понесен од мислата дека неизоставно треба да биде дел од македонската музичка култура, во 1964 станува солист а подоцна и првенец на Операта при  Македонскиот народен театар. До својата ненадејна смрт во 1986 на сцената на матичната опера ги реализира сите басовски партии. Неговиот интерпретативен опус бележи  триесет и четири оперски улоги.

Фестивалот „Охридско лето“  вечерва на љубителите на уметноста ќе им приреди концерт со најпознатите руски квартети од Петар Илич Чајковски и Дмитри Шостакович. Делата од руските композитори на публиката ќе и ги долови гудачкиот „Квартет Филхармонија“ .

Овој музички состав е релативно нов на македонската класична сцена и е формиран од помлади членови на оркестарот на Македонската филхармонија. Со голема поддршка од раководството на институцијата и директорот Виктор Илиевски, „Квартет Филхармонија“ започнува да функционира во октомври 2017 година, а само два месеци подоцна веќе го одржува својот прв концерт.

Ана Кондратенко ја има првата виолина во квартетот.  Своето образование го започнува во родната Русија, а дипломира на Високата музичка школа во Келн, во класата на светски познатиот виолинист Виктор Третјаков. Како солист и концерт-мајстор е доста активна во Македонија, но и во Русија и голем број други земји во Европа, Америка и Азија.

Бојан Илкоски (втора виолина) дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Олег Кондратенко. Често настапува како камерен музичар, поле на кое соработува со светски реномирани артисти. Неговата активна изведувачка дејност го носи и надвор од границите на Македонија.

Бојан Талески свири на виола во овој гудачки квартет. Тој најпрвин започнува да свири виолина, а подоцна се определува за инструментот виола. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Фросина Балова. Чест гостин е на фестивалите во Македонија, но и надвор од неа. Добитник е на награди на неколку натпревари во Македонија и Бугарија.

Дел од овој музички состав е и виолончелистката Марија Михајловска која дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје со највисоката оценка Cum Laude, во класата на проф. Живко Фирфов. Во 2015 година ги завршува и своите магистерски студии на ФМУ во класата на познатиот чешки виолончелист Микал Канка. Учесник е и на повеќе мајсторски курсеви предводени од еминентни музичари.

Во изминатите неколку месеци, гудачкиот „Квартет Македонија“ соработувал со познати диригенти и истакнати уметници во камерното музицирање.

Концертот со најпознатите руски квартети ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Совршена изведба на членовите на акапела секстетот „Д’Квин Сикс“  кои вчеравечер во катедралната црква „Света Софија“  приредија незаборавен концерт за бројната публика.  Со нивното акапела пеење , уникатност и атрактивност како и со постојаната комуникација со публиката предизвикаа воодушевување на лицата кај посетителите. Контратенорите Даниел Бритејн, Тимоти Карлстон, тенорите Николас Маден и Доминик Бланд, баритонот Ендрју Томсон и басот Сајмон Вајтли  велат дека програмата била одбрана за да одговара на сечиј вкус.

-Се претставивме со мешавина од музика, почнувајќи од сакрална, до модерни комбинации или трендови. Тоа е репертоар соодветен за секој слушател. Амбиентот во црквата „Света Софија“ е многу уникатен за секој што ќе го посети овој сакрален храм и е многу  необичен и различен од англиските цркви. Има неверојатна уметност исцртана на ѕидните фрески и тоа е многу импресивно и специјално за нас. Исто така,  и акустиката е многу специфична и одговара за пеењето на нашата  група, вели Бритејн.

 

Музичкиот селектор, Васо Ристов, вели дека концертот предизвикал несекојдневно воодушевување кај љубителите на уметноста.

-Несекојдневен настан, највисоко можно ниво на акапела пеење, интонација, динамика, брилјантност, синхронизираност меѓу гласовите, совршенство на изведбата на целиот состав, одлична програма, воодушевена публика. Како музички селектор сум пресреќен за преубавиот несекојдневен настан во црквата Света Софија, вели Ристов.

Публиката не ги криеше своите впечатоци  за настапот на  уметниците кои редовно се претставуваат пред Кралското семејство во Велика Британија.

-Концертот беше прекрасен. Ова беше старт каков што се очекува за „Охридско лето“. Тоа беше навистина кралски секстет, посебно со самиот репертоар. Беа совршени. Тоа се уметници од светски ранг, со големо искуство, и особено ценам, секогаш кога ќе дојдат уметници од  странство што воспоставуваат  таков контакт со публиката. Тоа не е само почит кон публиката, туку и кон државата во која дошле. Тоа секогаш ми оставало впечаток, а посебно сега, се’ беше  извонредно направено, вели Панда Зографска-Беличанец од фондацијата „Томислав Зографски“ која е редовен посетител на фестивалот „Охридско лето“ од 1965 година.

 

Посебно впечатливо беше гестот на уметниците кои по завршување на концертот ги испратија сите посетители ракувајќи се на влезот од црквата. Публиката воодушевена но и изненадена. Дел од нив коментираа дека се почестени од гестот,  уметниците да се ракуваат  со посетителите на концертот.

-Ова се вистински уметници, ни приредија незаборавни моменти и не’ испочитуваа како вистинска фестивалска публика, беше одговорот на посетителите.

Членовите на секстетот „Д’ Квин Сикс“ се дел од професионалните пејачи, наречени Lay Clerks на капелата „St. George“, кои живеат и работат во дворецот „Виндзор“ во Велика Британија. Поседуваат високи музички стандарди и редовно настапуваат пред Кралското семејство.

Репертоарот што го изведуваат е прилично разновиден, а покрај делата од раната музичка историја, тука спаѓаат и дела од народната музика, како и аранжмани на дела од поп и џез-музиката.

Членовите на овој секстет првпат престојуваат во Охрид и на фестивалот „Охридско лето“, но велат, дошле со позитивни импресии од нивните пријатели кои претходно го посетиле градот.

-Воодушевени сме од  убавините на градот, на прекрасните цркви, а ја видовме и тврдината во стариот дел на Охрид , велат членовите на акапела секстетот „Д’ Квин Сикс“ кои  се запишаа  во фестивалската историја како уникатни и посебно атрактивни уметници.

 

Изложба на фотографии под наслов  „Од уметничкиот пат на Георги Божиков“, Првенец на операта при Македонскиот народен театар ќе биде отворена  денеска во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Фотографската поставка ќе биде поместена во дирекцијата на фестивалот, а ќе биде отворена со почеток во 21 часот.

Георги Божиков (Петрич,1931- Скопје, 1986), бас,  е еден од клучните духовни двигатели на македонската музичка култура,  во  оние триесет и две години, што ги живееше со нас (1964-1986). Независно дали станува збор за некоја од неговите 27 оперски улоги, пеени на сцената на Операта при Македонскиот народен театар – но и на значајни европски сцени, дали станува збор за бројните солистички партии во ораториуми и кантати во стилски распон од барокот до денешнината, за концертно изведените соло-песни – бисери на светската вокална литература, или пак, за бројните изведби и праизведби на дела од македонски композитори, Георги Божиков секогаш остануваше врвно професионален, сеопфатно креативен и сугестивен, неповторливо свој и единствен.

Изложбата на фотографии ,,Од уметничкиот пат на Георги Божиков“ е посветена на 50-годишнината од неговиот прв рецитал на фестивалот „Охридско лето“.



Комплекси, несигурност, суровост на современиот човек кој ја загубил смислата за солидарност и сочувство кон послабите. Оваа реална слика оригинално ја доловија актерите од Народниот театар од Охрид кои вчера во рамките на фестивалот „Охридско лето“ ја одиграа вонвременската театарска претстава „Стаклена Менажерија“ од Тенеси Вилијамс.


Охридските актери Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Адријана Билаловиќ –Тодороска и  Филип Кипровски на сцената доловија емоционално патување низ комплексноста на семејните односи но и болен крик за големата неспособност на човекот да љуби.

 

„Стаклена Менажерија” е едно од најинтересните дела на славниот Тенеси Вилијамс. Тој ја отсликува својата автобиографија во односите помеѓу самите ликови во драмата.

 

Режисерка на оваа театарска претстава е Софија Ристевска- Петрушева која е потписник на над триесет театарски претстави во институционални и независни театри низ Македонија, Бугарија и Србија. Со ансамблот од Охридскиот театар, режисерката има соработувано со претставите „Граница”, „Валкани приказни” и „Европа”, сите три реализирани пред театарот да стане официјална, државна институција. Ристевска-Петрушева е сопственик и уметнички директор на Интимен театар во Битола.

 

Музичката атракција, А капела секстетот „Д’Квин Сикс“,  вечерва ќе приреди незаборавно доживување за публика на „ Охридско лето“.

Овој состав од Виндзор Касл, Велика Британија, ќе одржи концерт во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

„Д’Квин Сикс“ го сочинуваат контратенорите Даниел Бритејн, Тимоти Карлстон, тенорите Николас Маден и Доминик Бланд, како и басот и баритинот Ендрју Томсон и Сајмон Вајтли. Членовите на секстетот „Д’ Квин Сикс“ се дел од професионалните пејачи, наречени Lay Clerks на капелата „St. George“, кои живеат и работат во дворецот „Виндзор“ во Велика Британија. За да се биде член на еден ваков колектив потребни се високи музички стандарди, бидејќи тие се оние кои редовно настапуваат за Кралското семејство. Членовите на „The Queen’s Six“ се извонредни музичари кои што често се среќаваат и во други значајни вокални ансамбли од светот, како „The Sixteen“, „The Tallis Scholars“ и „Tenebrae“.

Репертоарот што го изведуваат е прилично разновиден, а покрај делата од раната музичка историја, тука спаѓаат и дела од народната музика, како и аранжмани на дела од поп и џез-музиката. Досега имаат издадено повеќе компакт-дискови кои се одлично прифатени од страна на слушателите.

Во акустичната црква „Света Софија“ ќе изведат дела од Вилијам Бирд, Томас Морли, Хернандо Франко, Мигуел Даљо и Лана, Филип Мур, Нико Махли, Ирвинг Берлин, како и композиции од други автори. На вечерашниот репертоар се и традиционалони англиски песни, како и познатата песна „ Thriller  од Мајкл Џексон, во аранжман на Тим Карлстон.

По пауза од повеќе години, на свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“ се врати огнометот по кој беше препознатлив најголемиот македонски културен бренд.

Веднаш по завршувањето на незаборавниот концерт на оперските ѕвезди Елена Мошук и Калин Братеску предводени од диригентот Николае Молдовеану, а придружувани од оркестарот на Македонската филхармонија, небото над стариот дел на градот се прелеваше во различни бои.

Во огнометот уживаа не само посетителите на свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“ , туку и граѓаните и туристите во Охрид.




Светските уметници кои синоќа приредија незаборавен концерт на свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“ ,оперската дива Елена Мошук, извонредниот тенор Калин Братеску и маестралниот диригент Николае Молдовеану,  денеска беа во посета на фестивалската дирекција.

Уметниците се заблагодарија за гостопримливиот пречек во Охрид и беспрекорната организација на настанот за свеченото отворање, и посакаа многу успех на фестивалот и во реализацијата на останатите музичко-сценски настани на годинешното 58-мо издание. Во знак на благодарност, тие на директорката на „Охридско лето“ Сузана Вренцовска и подарија оригинална швајцарска чоколада.

Од фестивалот пак, тие добија исклучително квалитетни брендирани вина од познатата Винарија „Тиквеш“,  специјална едиција само за уметниците што настапуваат на „Охридско лето“.

Пред нивното заминување, тим од „Охридско лето“ ги прошета уметниците низ стариот дел од градот каде што ја разгледуваа староградската архитектура и културно-историските објекти, а посебно се интересираа за акустичноста и условите што им ги нуди на уметниците амбиентот на катедралната црква „Света Софија“. Оперската певица Мошук си заминува од Охрид со бисерен ѓердан изработен по познатиот бренд „Филеви“.

Големите уметници,Мошук, Братеску и Молдовеану,  иако светски популарни, сепак покажаа  дека се скромни луѓе и расположени да ја испочитуваат публиката. По завршувањето на концертот се фотографираа и ги примаа честитките од посетителите за нивниот спектакуларен настап.