Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ завршен концерт одржаа учесниците на Меѓународниот семинар по пијано и виола, виолина и камерна музика.

Овој семинар под уметничко раководство постои од 2009 година и во првите три години од постоењето се одржуваше на Истра во Хрватска. Од 2013 година се одржува во Охрид, а завршниот концерт е дел од програмата на „Охридско лето“.

На годинешниот десетдневен семинар учествуваа 15 млади музичари од Австрија, Словенија, Хрватска и Русија, од кои тројца пијанисти, а останатите виолинисти.

-Семинарот годинава првпат се одржува со клавир. До минатата година имавме само виолина со камерна музика. Имавме интензивни десет дена работа и многу нови идеи, што всушност е и целта на семинарот. Токму затоа ми е мило што продолжуваме во истиот дух и имаме голема заинтересираност и за самиот семинар, и за Охрид. Учесниците поминуваат и по 5 илјади километри за да бидат учесници. Верувам дека така ќе биде и во иднина зашто Охрид е дел од точката за примамливост, вели уметничкиот раководител на семинарот, познатиот виолинист Емилио Перцан.

На завршниот концерт од Меѓународниот семинар, традиционално, учествуваат најуспешните ученици. Една од нив е младата виолинистка Ања Шерветс од Словенија.

-На семинарот во Охрид доаѓам трета година. Овојпат пред публиката на „Охридско лето“ се претставив со дело од Вагнер.Многу сум задоволна од она што го стекнавме, а посебно ми се допаѓа амбиентот на црквата „Света Софија“, вели Шерветс.

Нејзината колешка и сонародничка Ања Шуштариќ е исто така задоволна од учеството на семинарот, но и од завршниот концерт што се одржа во рамки на фестивалот „Охридско лето“.

– Првпат настапувам на „Охридско лето“, но Охрид сум го посетила двапати и се’ ми се допаѓа. На завршниот концерт со мојата виолина се претставив со музика на Дебиси, вели Шуштариќ.

Меѓународниот семинар по пијано и виолина, виола и камерна музика го организира Музичката младина на Македонија, а со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Воодушевена од приемот на публиката на „Охридско лето“ на нејзиниот концерт што се одржа синоќа во црквата „Света Софија“, врвната пијанистка Лилја Зилберштајн изјави дека повторно би се вратила во Охрид и на фестивалот.

– Воодушевена сум од црквата „Света Софија“. Импресирана сум од архитектурата и сликите. Не е важно колку салата е голема или мала, важна е само атмосферата, вели пијанистката.

Во рамки на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ таа настапи со дела Шуберт и Лист.

За Лилја Зилберштајн интернационалните успеси започнуваат во 1987 година кога победува на интернационалниот натпревар „Бузони“ во Болцано. Нејзината победа претставува вистинска сензација, а поминуваат пет години пред оваа награда повторно да му биде доделена на некој пијанист.

Врвната пијанисткаЗилбрштјн зад себе има богата и успешна кариера. Родена во Москва, музиката ја однела во Хамбург каде поминала 25 години од својот живот, , а сега живее и работи во Австрија. По нејзините стапки чекорат и нејзините двајца синови.

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ денеска ќе се одржи завршен концерт од Меѓународниот семинар по пијано и виолина, виола и камерна музика.

Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика, под уметничко раководство на виолинистот Емилио Перцан, постои од 2009 година. Првите три години се одржува на Истра, Хрватска, a од 2013 година се одржува во Охрид во организација на Музичката младина на Македонија, а со поддршка на Министерството за култура на Р. Македонија. Семинарот го посетуваат млади виолинисти од Русија, Германија, Австрија, Хрватска, Грција, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина и Македонија.

Традиционално се организираат и завршни концерти на најуспешните учесници, па така и годинава тие ќе се претстават со концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Пијанистката Тамила Гулиева дипломира и магистрира со почести на Музичката академија во Баку (Азербејџан), а продолжува да се усовршува на Универзитетот „Фолкванг“ во Есен, каде од 2007 година е ангажирана и како предавач. Гулиева е добитничка на повеќе награди, меѓу кои прва награда на Фестивалот за млади пијанисти и награда за Најдобар пијано-соработник во 1999 година. Како солист настапува рецитално и со симфониски и камерни оркестри, а е официјален пијано-соработник на мајсторските курсеви на Мстислав Ростропович, Табеа Цимерман, квартетот „Форе“ и др.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 17 часот.

Концерт на виолончело и пијано ќе се одржи вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 20 часот и 30 минути во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Ќе настапат виолончелистот Александар Рам и пијанистката Ана Одинцова кои ќе ги отсвират Сонтата за виолончело и пијано од Ц.Франк, Свитата за соло виолончело од Г.Касадо и Сонатата за виолончело и пијано од Б.Бритен.

Александар Рам е еден од најнадарените и најбараните виолончелисти на неговата генерација. Неговиот стил е комбинација на виртуозност, длабока проникливост во авторската мисла, емотивен набој, јасна артикулација и индивидуалност.

Рам е носител на сребрен медаљ на Интернационалниот натпревар „Чајковски“ (Москва, 2015 година), како и на бројни награди на други музички натпревари како Третиот интернационален натпревар во Пекинг, Првиот национален натпревар во Москва (2010) и до денешен ден е единствениот руски виолончелист кој стасал до финалето и бил лауреат на престижниот натпревар за виолончелисти „Пауло“ во Хелсинки (2013).

Роден е во 1988 година во Владивосток. Александар Рам дипломира и магистрира на Московскиот конзерваториум во класата на Наталија Шаховскаја, по што продолжува да студира на Високата школа за музика „Ханс Ејслер“ во Берлин под менторство на Франс Хелмерсон.

Александар Рам настапувал во бројни градови во Русија, Англија, Германија, Литванија, Шведска, Австрија, Финска, Јужна Африка, Јапонија, Франција и Бугарија, во едни од најубавите концертни сали во светот. Тој соработува со значајни диригенти на денешницата, како Владимир Спиваков, Валериј Гергиев, Владимир Јуровски, Михаил Јуровски, Александар Сладковски и Валериј Полјански. Оваа сезона ќе настапи во Филхармонијата во Париз, ќе дебитира во Кадоган хол во Лондон со Валериј Гергиев и ќе го изведе Вториот концерт од Шостакович во Белград под диригентската палка на Михаил Јуровски.

Ана Одинцова е родена во 1990 година во Москва, а дипломира на Московскиот конзерваториум „П. И. Чајковски“ во класата на Наталија Трул во 2014 година. Носител е на повеќе награди и признанија, како Втора награда на Германскиот натпревар за пијано во Ерланген и награди на натпревари за млади пијанисти во Вилнус и Москва. Во 2012 година заедно со виолончелистот Александар Рам победува на натпреварот за камерно дуо во Шведска, а во 2015 година е наградена како најдобар пијано-соработник на натпреварот „Чајковски“ во Москва. Како солист, претставник на Куќата на музиката во Санкт Петербург, има настапувано низ Русија, Шведска, Австрија, Шпанија, Италија, Финска, Франција и Бугарија. Настапите со оркестар вклучуваат соработки со Естонскиот симфониски оркестар, Литванскиот симфониски оркестар, Филхармонијата во Самара и Московскиот камерен оркестар.

Документарната претстава за најстарата нација на светот, „Јами Дистрикт“ одиграна по 19-пат, но првпат во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

По својата форма, претставата е фрагментирана и постмодерна, а голема важност во неа има и видео-додатокот, со кој се надополнува чувството за вистински документарец. Во видеото можат да се забележат познати политичари, лажни изданија на национален дневник и други емисии. Во претставата играа: Исидора Симијоновиќ, Нина Нешковиќ и Јелена Граовац, на сцената заедно со нив е и музичката група „Врум“, а претставата е работена според текстот на Милена Богавац, а во режија на Кокан Младеновиќ.

– Немав некои очекувања од публиката. Овде имаш размена на емоции, и задоволна сум. Денес сум првпат во Охрид, се надевам дека ќе имам време подобро да го запознаеме овој град. Денес 19-т пат ја играме оваа претстава на просторите на поранешна Југославија. Претставата ја подготвувавме доста интензивно, поради тоа што целата претстава е брза, ние ја правевме како што ја чувствувавме. На сцена сме час и триесет минути, потребно е многу енергија и адреналин, вели актерката Јелена Граовац.

Според авторот и продуцентот на музиката, Марко Грубиќ, за четири месеци, ова е 19-та изведба на претставата, а по Охридско лето“, како што вели, следи летна пауза и нова игра на сцената од септември.

-Во Охрид сум првпат, но лани настапувавме со истиот авторски тим на МОТ во Скопје и се надевам дека и догодина ќе настапиме со нешто ново на Охридско лето. Подготовката за оваа претстава беше доста долга, ние сме веќе проверена екипа, не ни е прва сорботка, но сепак ни требаше време да ја развиеме оваа теза“, вели Грубиќ.

Одлично спакуваната театарска игра „Јами Дистрикт – Најстарата нација во светот“ беше проследена од огромна публика која ги награди актерите со бурни ракоплескања.

Со решение на министерот за култура Роберт Алаѓозоски, сменет е претседателот на ОУ на Меѓународниот музичко сценски фестивал “Охридско лето”, Зоран Вељаноски – Летра и членот на Одборот, Тошо Чочороски.
За нов член, воедно и претседател на УО именувана е Оливија Пирузева- Јанева, просветен работник од Охрид, инаку член на Советот на општина Охрид.
Вториот, нов член на УО е Маре Ристеска, педагошки работник од Охрид.
Од редот на вработените во установата преставници се Катарина Митреска и Субија Изеироски. Во УО останува членот кој е на предлог на Локалната, Љупчо Кеверески.

Театарската претстава „Ничија земја“ во изведба на Македонски народен театар што ќе го затвори годинешното 57-мо издание на фестивалот „Охридско лето“, наместо во предворјето на црквата „Света Софија“, ќе се одигра на просторот од некогашната воена касарна во Охрид.

Сцената е автентична со приказната во претставата бидејќи темата е војна. Самиот простор кај некогашнта касарна што и’ служел на армијата ќе даде дополнителна симболика на случувањата.

„Ничија земја“ е слика на апсурдот на балканските народи и нивните ирационални интеракции како во мирнодопски, така и во воени услови. Драмската ситуација-војна во која се развива оваа црна комедија е метафора на нашата перманентна духовна, но и фактичка состојба на „војна и омраза“ до „братските“ соседни народи, но и внатрешно меѓу луѓето.

Директорката на Националната установа „Охридско лето“ Сузана Вренцовска смета дека фестивалот треба да се отвора кон нови сцени зашто самиот град го нуди тоа.

– Ова е одлична можност да се отвори фестивалот „Охридско лето“ како сцена. Охрид е град каде што буквално секое катче, секој агол може да се претвори во сцена, вели Вренцовска.

Свеченото затворање на оваа најголема музичко-сценска манифестација во Македонија и во регионот ќе се случи на 20-ти август.

Феноменален концерт со избрани дела од познати композитори приредија на фестивалот „Охридско лето“ македонските виолинисти Костадин Богданоски и Климент Тодороски придружувани од пијанистите Марија Ѓоршевска и Дино Имери.

Во преполната црква „Света Софија“ каде имаше бројни странски посетители одекнуваше убава и избалансирана програма од разни епохи и разни стилови.

– Мислам дека беше програма која не е непозната и има одлична динамика.
Соната еден од Шуман е вистински десерт за слушателот бидејќи бара еден многу префинет стил, една леснотија во свирењето. Имавме композиција „Од татковината“ која мене на некој начин емотивно ме поврзува дури и самиот наслов, без разлика што е од чешки автор, сепак има нешто славјанско во неа.

Богданоски-Ѓошевска го завршија концертот со прекрасно дивертименто од Стравински коешто е како една сликовница за животот на авторот од неговите денови во Русија па до неговите денови во Америка.

– Тие фолклорни руски мелодии коишто можат да се забележат во дивертименто, понатаму следи швајцарскиот танец, па еден импресионизам кој е присутен во неговата музика, па до крај имаше и примеси на џез и свинг како Гершвин.

Преку синоќешниот концерт на „Охридско лето“, Богданоски настапува пред македонската публика првпат по десеттина години.

Македонскиот виолинист Климент Тодороски кој е роден охриѓанец, пак, не настапува првпат на „Охридско лето“. Тој беше дел од фестивалот заедно со Македонската филхармонија

Во рамки на драмската програма на „Охридско лето“ вечерва ќе се одигра театарска претстава „Јами Дистрикт – најстарата нација на светот“ од Милена Богавац, а во режија на Кокан Младеновиќ.

Ова дело на фесивалот го носат Тиватски центар за култура „Битеф театар“ – Белград, Тинк Танк Студио – Нови Сад и Фестивалот „Маск“ од Сегедин.

Во форма на лажен документарец, претставата се базира на измислен, но можен настан. Дејството се одвива во селото Јемен, на тромеѓето меѓу Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина каде научниците ја откриле најстарaта палеолитска населба во историјата на човештвото.Откритието е значајно бидејќи ги поместува научните сознанија за почетоците и развитокот на човечкиот вид стотици илјади години наназад.

Ова револуционерно откритие е од значење за целото човештво, но за него особено се интересираат Србите, Хрватите и Бошњаците бидејќи праисторискиот Јамен се наоѓа на територијата на сите три држави. Бидејќи секоја држава сака да го присоедини, започнуваат низа апсурдни теории за тоа кој народ е постар и на кого му припаѓа ова место. Теориите ги водат трите нации во војна, а во војната се вклучуваат и сите светски сили. Праисторискиот Јамен е уништен, а бројот на жртвите е поголем од 15000. Нација е последниот азил, но за неуспешни луѓе.

Кокан Младеновиќ е роден во 1970 год. во Ниш, Р.Србија Дипломирал на актерската висока школа во Ниш, во класата на Мима Вуковиќ Куриќ. Дипломирал на одделот за театар и радиорежија на Факултетот за драмски уметности во Белград во 1993 год., во класата на Мирослав Беровиќ и Никола Јевтиќ. Работел како уметнички директор во театарот „Дадов“, уметнички директор во Народниот театар во Сомбор, драмски директор на Народниот театар во Белград и директор на театарот „Ателје 212“ во Белград. За своето творештво ја примил наградата „Бојан Ступца“, како и други значајни награди на фестивали во Србија и Црна Гора.

Милена Богавац е автор, драматург, драмски режисер, поет и културен работник. Родена е во 1982 год. во Белград каде што дипломирала на одделот за драма при Факултетот за драмски уметности. Напишала околу 15 театарски претстави кои биле изведувани во бројни театри надвор од Србија. Ја добила наградата за драмско дело „Борислав Михајловиќ – Михиз“, наградата за извонреден успех на полето на уметноста „Јосип Кулунџиќ“, како и многу други награди.

Улогите ги играат Исидора Симијоновиќ, Нина Нешковиќ и Јелена Граовац. Музиката е на Марко Грубиќ, а костимографијата на Ивана Несторовиќ.

Претставата ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.

„Охридско лето“ вечерва ќе донесе концерт на пијано. Во црквата „Света Софија“ ќе настапи руско-австриската пијанистка Лилја Зилберштајн.
На програмата се дела од Шуберт и Лист.

За Лилја Зилберштајн интернационалните успеси започнуваат во 1987 година кога победува на интернационалниот натпревар „Бузони“ во Болцано. Нејзината победа претставува вистинска сензација, а поминуваат пет години пред оваа награда повторно да му биде доделена на некој пијанист.

Концертните турнеи ја водат насекаде низ светот, и тоа низ повеќето европски земји, во Мексико, Јапонија, Кореја, Канада и Бразил. Зилберштајн го започнува музичкото образование на пет годишна возраст, а по 12 години поминати во класата на Ада Трауб во специјализираното музичко училиште „Гнесин“, таа станува дел од класата на Александар Сатц во Институтот „Гнесин“ во Москва, каде дипломира во 1988 година. Во 1991 година дебитира со Берлинската филхармонија, под диригентската палка на Клаудио Абадо со кој често ќе соработува низ годините.

Настапува со некои од најзначајните светски оркестри како симфонискиот оркестар во Чикаго, оркестарот на Миланската „Скала“, симфонискиот оркестар „Чајковски“ во Москва, Лондонскиот симфониски оркестар, како и Кралската филхармонија, оркестарот на државната капела во Дрезден и многу други. Соработувала со светски познатите диригенти Џон Акселрод, Пааво Берглунд, Семјон Бичков, Густаво Дудамел, Кристоф Ешенбах, Леополд Хагер, Дмитри Китајенко, Марчело Виоти и Ентони Вит. Во август 1998 год. и е доделена наградата од страна на Музичката академија „Чигиана“ во Сиена, признание со кое пред неа се закитиле Гидон Кремер, Ан- Софи Мутер и Кристијан Цимерман.

Лилја Зилберштајн снимила 8 ЦД-а за „Дојче Грамофон“ на кои се поместени рецитали и концерти за пијано и оркестар. Неодамна таа издаде уште неколку ЦД-а меѓу кои и она со сонатата за две пијана од Јоханес Брамс каде свири заедно со Марта Аргерич, со која често соработува. Оваа година настапите ја водат во концертните сали во Кина и Тајван, во САД и Јужна Америка, а повторно ќе настапи на Велигденскиот фестивал во Салцбург и во Виенскиот „Музикферајн“.

Ова извонредна пијанистка често е член на жири-комисиите на повеќе значајни натпревари за пијано. Голем дел од нејзиното време е посветено на едукација на млади музичари, а од 2015 година е професор на Универзитетот за музика Виена, наследувајќи ги класите на Паул Бадура Скода и Олег Мајсенберг.