Незаборавна вечер за публиката на фестивалот „Охридско лето“ приредија оперските пејачи Реј Ченез од САД, Фани Антонелу од Грција и македонскиот уметник Игор Дурловски кои настапија синоќа во црквата „Света Софија“,  во придружба на грчкиот бароктен оркестар „Армониа Атенеа“ .

 

Македонскиот оперски пејач Игор Дурловски се претстави како контратенор со познтата арија „Verdi prati “ од операта „Алчина“ на Георг Фридрих Хендл.

– За синоќешниот концерт можам да кажам дека се работи за одличен ансамбл. Извонредни беа и колегите- солисти, вели Дуровски.
 
За одбележување е што тој не толку често настапува како контратенор во Македонија.
 
-На сцените надвор сум настапувал, но сега ми  е вторпат како пеам контратенорски арии во Македонија и ми е посебно драго што на ваков начин се претставив пред македонската публика, но и публиката којашто доаѓа од страна, додава Дурловски.
Според него, задоволството од синоќешниот настап е уште поголемо поради акустиката што ја поседува катедралната црква „Света Софија“ која  една од традиционалните сцени за музичките уменици на фестивалот „Охридско лето“.
 
– Секогаш кога настапувам на „Охридско лето“, како за секој уметник, не само македонски, туку  и странските,  е големо задоволство.Посебно ми е драго што настапив во црквата „Света Софија“ . Ми буди убави спомени затоа што моите први настапи беа  токму во „Света Софија“ ,  а  јас секогаш се навраќам на убавите спомени. Во моите петнаесетина-дваесет години колку што настапувам пред домашната публика, но и во Европа, сум бил еден од привилегираните и многу често сум настапувал на повеќето сцени на „Охридско лето“, вели познатиот оперски пејач Игор Дурловски.
 –
Диригент на концертот беше Џорџ Петроу кој е и уметнички раководител на оркестарот „Армониа Атенеа“ со кој редовно одржува концерти, патува на турнеи, а снима и бројни материјали. „Армониа Атенеа“ е основан во 1991 година од страна на здружението „Пријатели на музиката“ во Атина и е еден од најактивните европски ансамбли со значајно присуство на меѓународната сцена.
 –
 –
 –
 –
  –

 

На музичкиот репертоар на 57-то издание на фестивалот „Охридско лето“ вечерва е настапот на барокниот оркестар од Грција „Армониа Атенеа“

Диригент на концертот што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 20 часот и 30 минути е Џорџ Петроу, а солисти на вечерта ќе бидат американскиот контратенор Реј Ченез, грчката сопранистка Мирсини Маргарити, како и македонскиот контратенор Игор Дурловски.  
 
Оркестарот „Армониа Атенеа е основан во 1991 година од страна на здружението „Пријатели на музиката во Атина и е еден од најактивните европски ансамбли со значајно присуство на меѓународната сцена.

Камерниот оркестар на МММ ќе го носи името на диригентот Ѓумар

Според претседателот на Музичката младина на Македонија, Александар Герасимовски,  редовните настапи во Охрид се резултат на одличниот имиџ на „Охридско лето“, но и на акустиката и просторот во црквата „Света Софија“.

 

 

– Концептот ни е младите да ги поврземе низ дружење, свирење добра програма, но и да уживаат во убавините на Охрид. Практично ова е еден од ретките проекти кој битисува 31 година на просторите на Југоисточна Европа, а мислам и малку пошироко. Составот, нормално, секојпат се менува. Има флуктуација на млади луѓе. Некои свират пет-шест години со оркестарот, а потоа завршуваат факултет или ја продолжуваат својата професионална кариера , а ние се трудиме постојано да има нови луѓе коишто ќе уживаат во сето тоа, вели Герасимовски.

 

Младите музичари  под диригентската палка на Италијанецот Џанлука Мартиненги синоќа изведоа дела од Б. Бритен, Р.Шедрин, Г.Ф.Хендл, В.А.Моцарт и А.Шнитке.

За долгогодишните настапи на „Охридско лето“, Герасимовски вели дека се резултат на одличната соработка со фестивалот.
 
– Соработката со фестивалот „Охридско лето“ од секогаш била мошне коректна. Никогаш сме немале проблеми. Се надевам дека овој оркестар никогаш нема да замре и дека оваа единствена фестивалска традиција во светот  ќе продолжи и во иднина, смета претседателот на Музичката младина на Македонија, Александар Герасимовски.
 
Од годинава, оркестарот ќе го носи името на прерано починатиот уметнички раковидител на овој музички состав, диригентот Саша Николовски – Ѓумар.
 
– Мислам дека Саша Николовски – Ѓумар  го заслужи сето тоа работејќи повеќе од 17 години со оркестарот , креирајќи програма, диригирајќи и дружејќи се со сите нас, додава Герасимовски.
 
Камерниот оркестар  на Музичката младина на Македонија  постои повеќе од 30 години. Тој е основан како прв сегмент од Летниот музички камп на Музичката младина во 1986 година во Охрид. Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на Југоисточна Европа. Во досегашното негово опстојување учествувале повеќе од 300  млади  музичари, најчесто студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје но и млади музичари од други земји. Со своето музицирање во целиот  овој период, оркестарот  и’се наметна на музичката јавност не само како неопходност,  туку и како изведувачки состав со високо професионални квалитети.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Националната установа „Охридско лето“ упатува благодарност до Организацијата  за турска култура во чии рамки работи Младинскиот камерен оркестар „Турксој“  кој синоќа настапи на фестивалската сцена.
 
Признанието е само едно од низата кои ги красат витрините на дирекцијата на „Охридско лето“,  кое во своето 57-годишно постоење работи на промоција на културата и ги носи најзвучните, но и најквалитетните уметници од сите земјени меридијани.
 
-Продолжуваме да ја градиме успешната фестивалска приказна и веднаш по завршувањето на годинешното фестивалско издание ќе започнеме со подготовките за следното, велат од менаџментот на Националната установа „Охридско лето“. 

Камерениот оркестар на Музичката Младина на Македонија вечерва ќе настапи на фестивалот „Охридско лето“.
 
 
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 20 часот и 30 минути. Под диригентската палка на Џанлука Мартиненги ќе бидат изведени дела од Б. Бритен, Р.Шедрин, Г.Ф.Хендл, В.А.Моцарт и А.Шнитке.
 
Камерниот оркестар  на МММ  постои повеќе од 30 години. Тој е основан како прв сегмент од Летниот музички камп на МММ во 1986 година во Охрид. Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на Југоисточна Европа. Во досегашното егзистирање во неговите рамки учествувале повеќе од 300  млади  музичари – претежно студенти од ФМУ-Скопје, но и гости, млади музичари од други земји. Со своето музицирање во сиот овој период и’се наметна на музичката јавност не само како неопходност,  туку и како изведувачки состав со високо професионални квалитети.
 
Оркестарот има реализирано преку 90 концерти, добивајќи позитивни критики,  но и  национални награди и  признанија. Покрај класичниот репертоар,оркестарот изведува дела од современи, како и од македонски автори. Има остварено повеќе телевизиски и радио-снимки, како и сопствена ЦД продукција. Повеќе од 30 години завршниот концерт од Летната сесија е постојан дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните 10 години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“.Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија му го посветува овојконцерт на долгогодишниот уметнички   раководител и диригент на оркестарот, прерано починатиот Саша Николовски – Ѓумар. 

Фестивалот „Охридско лето“ на чија сцена повеќе од половина век  настапуваат најголемите светски музички имиња и најреномираните театарски куќи, е место каде што се зајакнува и меѓукултурниот дијалог. Доказ за тоа  е и синоќешниот концерт на Младинскиот камерен оркестар „Турксој“ од Турција.

 

 

– Особена чест и задоволство ми е што синоќа  на сцената на фестивалот „Охридско лето“ имавме еден младински оркестар, „Турксој“, кој е сублимат  од најдобрите  млади камерни изведувачи од турското говорно подрачје, изјави селекторот на музичката програма на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.  

Според Цуцковски, уметниците, иако се млади, сепак, звучат професионално, а доказ  за тоа, како што рече,   е и квалитетната изведба на дела од руската и славјанската култура.

– Морам да истакнам дека како музички селектор сум фасциниран од  квалитетот на уметниците коишто покажаа една голема руска и славјанска традиција во експресијата и свирењето, а сигурен сум дека  и публиката го дели истото мислење. Навистина сум среќен што еден ваков младински оркестар  може да звучи вистински, врвно и професионално, додаде музичкиот селектор на фестивалот „Охридско лето“.

 

 

Камерниот оркестар „Турксој“ под диригентските палки на Казахстанецот Анвар Акбаров и Азербејџанецот Мустафа Мехмандаров изведоа дела од Грег, Вивалди, Чајковски, Шнитке, Гараев, Респиги, како и од композитори од Киргистан, Туркменистан, Турција, Казахстан и Азербејџан.

 

 

 

Младинскиот камерен оркестар на Организацијата за турска култура секоја година ги одбира најдобрите студенти од конзерваториумите од земјите-членки на „Турксој“ со цел промоција на музичкиот талент и турската култура, како и промоција на дела од композитори со турско потекло кои живеат и творат во земјите на оваа организација.  Од неговото основање во 2010-тата година, оркестарот настапувал заеднички девет пати одржувајќи 40 концерти во сите земји на организацијата, како и во Европа и во САД. Во 2011 година оркестарот го снима првиот носач на звук посветен на 20-годишнината од прогласувањето независност на турските републики, додека пак во 2013 година го снимаат второто ЦД по повод одбележувањето две децении од основањето на организацијата „Турксој“.

 

 

Оркестарот настапува во Турција и во земјите-членки на “Турксој”, а се издвојуваат нивните настапи на интернационалниот фестивал во Единбург, на фестивалот за млади во Бајројт, како и концертите во престижниот “Линколн Центар” во Њујорк и центарот “Стратмор” во Вашингтон.

 

 

 

 

На синоќешниот концерт на турскиот камерен оркестар „Турксој“ во рамки на фестивалот „Охридско лето“ присуствуваа  и генералниот секретар на меѓународната турска културна организација, амбасадорот Дусен Касеинов, како и амбасадорот на Република Азербејџан во Скопје, Фаиг Багиров.

 

 

Најголемата музичко-сценска манифестација во Македонија и регионот, фестивалот „Охридско лето“ доби плакета од Меѓунродната турска културна организација „Турксој“ во знак на благодарност за настапот на нивните талентирани млади музичари во рамките на 57-то фестивалско издание.

Во името на „Охридско лето“, плакетата ја прими Музичкиот селектор на „Охридско лето“ Ѓорѓи Цуцковски кој не го криеше задоволството од едно вакво признание, кое според него, и во иднина треба да претставува поттик за меѓукултурна размена и обединување на народите.

– Многу ми е драго што „Турксој“ како асоцијација  ми доделија една плакета и благодарница за мојата покана кон нив во рамките на фестивалот „Охридско лето“ и сметам дека како две земји блиски и со голема заедничка историја треба навистина да соработуваме и да ја шириме нашата култура таму, нивната тука, и секогаш да бидеме еден мост на обединување на двата народа, изјави Цуцковски.

Од „Охридско лето“  додаваат дека уметноста ги надминува политичките, религиозните и етничките граници, а  токму сцените на овој фестивал се плодна почва за меѓукултурен дијалог и размена.  Во своето педесет и седумгодишно опстојување, фестивалот има добиено бројни домашни, но и меѓународни  награди и признанија за градењето на културните вредности.

Со силен аплауз и задоволна публика помина вечерашниот концерт на рускиот пијанист Александер Синчук во рамки на фестивалот „Охридско лето“.
 
  
 
Во публиката имаше слушатели од сите генерации кои трипати го вратија младиот и талентиран руски пијанист повторно на сцената со делата на Чајковски и  Рахманинов.
 
– Првпат настапувам на „Охридско лето“, но за овој светски реномиран фестивал сум слушал многу. Затоа мојот настап вечерва го доживувам како голема чест, но и огромно задоволство. Што се однесува до мојот настап очекувам високо ниво и голем успех, а се надевам и дека публиката одлично ќе ме прифати, изјави пред почетокот на концертот Синчук.
 
Неговата кариера започнува да оди во нагорна линија  по неговата победа на четвртиот интернационален натпревар „Сергеј Рахманинов“ во 2008 година во Москва, по која деветнаесетгодишниот пијанист настапува на соло-рецитал во „Карнеги хол“ во Њујорк.
 
 
Денес тој одржува концерти во познатите сали низ Русија, но и во Украина, Србија, Бугарија, Италија, Шпанија, Германија, Австрија, Велика Британија, Португалија, Франција, Данска, Луксембург, Израел, Мароко и САД.  Настапува со истакнатите   диригенти   како   Валериј   Гергиев, Владимир Спиваков, Дмитри Јуровски, Дмитри Васиљев, Валери Полјански, Максим Ешкенаси, Хауард Грифитс и др.
 
 
Синчук  дипломира и магистрира во класата на Валериј Пјасетски на Московскиот конзерваториум, а во 2014 година се здобива и со диплома од школата за музика „Торнтон“ во Лос Анџелес, каде студира во класата на американскиот   пијанист и прв победник на конкурсот „Чајковски“, проф. Даниел Полак. Се усовршува кај истакнатите пијанисти Наум Штаркман, Рудолф Бухбиндер и Дмитри   Башкиров. Во 2015г. е назначен за на  Московскиот   државен конзервaториум.
 
 
Тој е лауреат на повеќе значајни национални и меѓународни натпревари меѓу кои прва награда и златен медал на натпреварот „Владимир Хоровиц“ во Киев и „Гран при“ на натпреварот „Интерлакен“ во Берн.
 
 
Во 2009 година, Александер Синчук го издава ЦД-то „Романси од Сергеј Рахманинов“ заедно со баритонот Павел Барански, а исто така снима солистичко ЦД во Големата сала на Московскиот конзерваториум со дела од  руските мајстори Чајковски, Скрјабин и Рахманинов.

„Веруваме во културната размена и градењето мостови помеѓу културите. Среќни сме што сме овде и со млади германски музичари, саксофонисти, со кои се надевам дека ќе уживате“, изјави амбасадорот на Европската унија во  Република Македонија, Самуел Жбогар, синоќа пред почетокот на Европската вечер на фестивалот „Охридско лето“.

 „Како и секогаш, така и сега, големо е задоволството да се биде во Охрид. Градот е прекрасен и ја користам секоја пригода да се вратам тука. Вечерва уште еднаш изразувам  чест и задоволство што сме партнери со фестивалот „Охридско лето“. Веќе десет години соработуваме и носиме европски музичари за овдешната публика“, изјави Жбогар.

 
 Според евроамбасадорот,  Охрид нуди музичари од светски ранг кои во светот ја презентираат традицијата преточена во уметност.
 „Кога станува збор за културата, сакам и музика и театар, но и други уметности. Сум сретнал неколку уметници од Охрид и верувам дека сте среќни што имате млади и енергични луѓе во градов кои имаат амбиции да ја чуваат традицијата, да ја преточат во уметност и да ја презентираат во светот“, рече амбасадорот на ЕУ во РМ Самуел Жбогар.

Незаборавно доживување за љубителите на културата, синоќа приреди и музичкиот состав на Гоце Стевковски кој настапи на фестивалот „Охридско лето“.

Концертот на Гоце Стевковски септет се одржа на сцената „Долни Сарај“.

Гоце Стевковски важи за еден од најквалитетните и најбараните македонски тапанари и перкусионисти. Настапувал со исклучителни уметници и бендови како што се Кирил Џајковски, „Леб и сол“, „Архангел“, „Ласт експедишн“, Бодан Арсовски, Зоран Маџиров и други.

Неговиот албум насловен како „Седум приказни“ носи индивидуален стилски и музички печат а е реализиран со некои од најквалитените македонски џез музичари. Стевковски настапува на бројни меѓународни фестивали меѓу кои „Егзит биар фест“,  „Умбрија џез“ во Белград, „Грин фест“ во Инџија, како и на фестивали во Хрватска, Франција, Италија, Канада и во други земји. Учествува во повеќе работилници,проекти, театарски претстави и музика за филм.